Утринска ерекција (2007) Јасна Котеска
Глобус, 24.7.2007
Јасна Котеска
УТРИНСКА ЕРЕКЦИЈА
Мажот започнува со утринска ерекција.
Утринската ерекција е пред културна состојба
„Мажот започнува со утринска ерекција“ – вака започнува еден есеј на Ерофеев за мажите. Долго време жените ги тематизираме како суштества кои се суштински неразбрани од цивилизацијата. А што е со мажите? Сите до еден, од војникот до монахот, од јапонскиот министер до Џорџ Буш, од активистите на Грин Пис до затворските чувари во Гвантанамо Беј, денот го започнуваат со нешто тотално несфатливо како ненаменската утринска ерекција. Утринската ерекција ги мачела теолозите. Св. Августин во „Исповеди“ бил згрозен дека таа се јавува независно од волјата на мажот. И ја сметал за крунски доказ дека постои праисконската вина. Мажот е виновен заради телесноста која не под негова контрола.
Утринската ерекција е пред културна состојба. Состојба со која мажот се буди во некакво природно издание, за потоа да се освести дека се разбудил во културата која од него чека, тој да ја понесе на своите плеќи. По разденувањето во „природноста“, веќе по половина час тој мора да се претвори во запрежна кола која на себе ќе понесе секаков тип културни и политички маки. Дури и да е единствената работа што мажот го прави мистериозен, утринската ерекција останува загатка, вредна да се искористи.
Се сеќавам на еден текст кој ја затвори дебатата за феминизмот во неделникот „Форум“ пред неколку години. Беше тоа текстот „Мажот е историска идеја“ на рускиот теолог Павле Евдокимов. Тој текст заврши со констатацијата дека „мажот е далеку од природен вид, тој е историска идеја“. За разлика од „историчноста“ и „неприродноста“ на мажот, жените веќе со векови се тематизираат како „природност“, „даденост“, „сврзаност со мајката земја“ и слично. Од теолозите, преку филозофите до поетите, жените со векови се тематизираат на границите од распредметената фантазија. Да го земеме примерот на Пол Валери. Тој редовно ги опишувал жените додека спијат, или кога се уморни, бидејќи тогаш можел да ги мисли како облаци од чиста апстракција, напуштени од личноста. И потоа тие слики ги прогласувал за закана. Со право. Тие слики и мене ме плашат.
Еден од начините жената да се развласти од „тајните моќи“ кои цивилизацијата и’ ги припишува е „ваквата“ жена да се прогласи за машки фантазам. Да се каже јасно дека таа не ја поседува тајната, заради која е затворена во маскулнистичкиот поредок. Во средината на минатиот век, францускиот психоаналитичар, Жак Лакан, ја формулираше тезата дека „жената не постои“. Жената не постои како ваква нимфа, фатална агалма, која има некаква моќ да транцендира медитации кај „историчниот“ маж. И постапката на Лакан беше генијално решение за ставање крај на женската ексклузија.
Но, постои и друг начин жената да се развласти од оваа цивилизациска слика. А тоа не е да се оди по патот на аргументацијата на Евдокимов и мажот да се прогласи за минато. Таквото „минато“ е сосема тегобна категорија, и тоа како за мажите, така и за жените. Зошто половина човештво би било прогласено за минато? Другиот начин е и мажот да се прогласи за иста таква природна сегашност и даденост, каква што вообичаено им се припишува на жените. Мажот е природно битие, како и жената, и зависи од истите фактори на природата како и жената. Доказ е енигматичната утринска ерекција. Во што е забога нивната тајна?
Post a Comment