Комунистички предмети
Комунистички предмети
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Во носталгијата кон комунизмот, меѓутоа, има уште нешто, а тоа е капиталистичкото барање да се комерцијализира некогашната естетика. Во 2007 додека бев во Берлин на работна средба за комунистичката носталгија, во музејот на ДДР купив парче од Берлинскиот ѕид, на кое пишуваше „Сертифицирано од Запад, Линекс Бау, Експорт-Импорт. Потврдуваме дека овој сив сегмент со број 08-999/10000/0038 од 27 март 1990 е оригинално парче од Берлинскиот ѕид што ја означуваше границата меѓу Западен Берлин и Источна Германија од 1961 до 1989.“
Тоа беше мојот прв комунистички плен. За разлика од пријателите кои ме зафркаваа, лично не ме мачеше прашањето дека некој заработува од носталгијата (тоа е лажен проблем), ниту дали ѕидот е исправно сертифициран (реално гледано, дури и оригиналниот ѕид не би бил повистинскиот ѕид за мене од тој камен). Пет месеци пред тоа, со истата работна група, се сретнав во комунистичкиот камп „Занка“ на езерото Балатон во Унгарија (со оваа група ги шетав разните кампови и затвори на комунистичката Германија и Унгарија – иронијата не е наивна, бевме финансирани од фондовите на Европската Унија).
Во текот на една од средбите, некој предложи да избереме мис и мистер носталгија, но предлогот стана суров виц кога одеднаш, некако на сите ни стана јасно дека зад него не се крие само обична игра со стереотипите, туку суштинска стилска идентификација. Русите и Белорусите, без никаква свесна намера, изгледаа толку ретро, така тазе излезени како од некој комунистички виц, што по ѓаволите, Русите отсекогаш си испаѓаат најдобри во комунизмот. Се потсетив на Ерофеев „Отуството на стилот е страшен руски бич. Не знам кој ја смислил американската униформа во текот на Втората светска војна, но тоа беше супер униформа. Во неа, сите изгледаа како победници.... А руската армија е чисто стилско недоразбирање... Ако некој носи очила, тие се незамисливо одвратни. А државната елита! Облекле костуми, а не ги смениле чорапите – се перчат со кратки, тиркизносини. Кај нас сета корупција е изведеница од тие чорапи... Или интелектуалците: расправаат за Џојс- Борхес, а самите се облечени и исчешлани како совети-советски.... Невозможно е да се измисли стил од ништо“. А потоа, зарем ваквото стилски совршено признание, не раѓа нова симпатија токму кон нивните идеолошко-стилски „паднати“ решенија (кој, денес, се’ уште сака победници)?
На една од средбите, се договоривме секој од нас да донесе некаков предмет со кој (ќе) го асоцира својот личен комунизам. Сабина е од Унгарија и донесе видео игра со Снупи, ја добила на подарок од својот пребегнат роднина во Америка. „Никогаш немав ваква играчка“ – рече Река, исто од Унгарија. „Затоа го донесов, ова е носталгичен статусен предмет“ – одговори Сабина. Некој предложи да се поделиме во две групи – тие што никогаш не си играле со статусни играчки да ги земат, а децата на „номенклатурата“ да си играат со нашите. Не го донесов полициското досие на татко ми, како што ни Флоријан од Романија, кој работеше на тема „романските социјалистички балкони“ не донесе парче од комунистичка тераса. Дома немав ниеден предмет постар од 2001, освен семејните фотографии, па донесов некаква статуетка на Тито што ја ископав од подрумот на свекор ми, порано вработен во ЈНА. Џебниот Тито, на крајот, џабе го носев, сите се заиграа со Снупи, и не стигнавме до моите комунистички предмети. Оваа глупава социјална игра, меѓутоа, никако не е безначајна. Во овие квази-експерименти дојдов до прашањето за моите минати објекти, имав ли јас воопшто минато што сакам да го повикам преку некаков „мој“ предмет? Сакав ли се’ уште да ја слушам музиката од комунистичките времиња, имав ли симпатија за некогашните теми и филмови?
Носталгичните предмети привлекуваат, добиваат нови животи, а некогаш добиваат нозе и си заминуваат. Некој предложи од целата средба да изготвиме „Манифест за ослободување од предметите“, како екстремно лева идеја за отпорот кон конзумеризмот, кон носталгичните комунистички предмети, денес. Тоа ми се причини погрешно и пет месеци подоцна, го купив мојот прв приватен Берлински ѕид.
Што значи тоа – да се ослободат сувенирите од капиталистичката злоупотреба? Не во смисла дека е тоа врвен комунистички гест, туку што значи тоа дека капитализмот ги „револуционизира“ материјалните услови за да го експлоатира комунистичкото минато? На местото на тој камен е едно обично ништо, тоа не е Берлинскиот ѕид, не затоа што е во прашање камен, туку затоа што филозофијата треба да ги редефинира проблемите (не да ги решава). Овој камен од Берлинскиот ѕид, како и предметите што ја тригерираат носталгијата по социјализмот, се лажни проблеми. Ако овој „берлински“ камен беше вистинскиот проблем, тогаш нам и не ни треба филозофија.
Post a Comment