За помошта
За помошта
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Кели: А што ти е ова?
Александар: Тоа е тајната шпионска маска.
Кели: Аман човече, па тоа е обична чорапа.
Фајн и Фриткин,
сценаристи на „Јас, шпион“ (2002)
Еден од последните документи во досието на татко ми пред неговото апсење е оперативната забелешка од 3.7.1985, според која македонскиот поет Анте Поповски бара прием во службата на РСВР на СРМ за да им ја раскаже необичната средба што ја имал со татко ми претходниот ден.
Белешката ја цитирам во целост: „(Н)а 2.7.1985 година околу 21 часот во Клубот на општествено политичките организации се сретнале Анте Поповски и Јонче Котевски. Јонче го замолил Антета да го однесе со колата до дома, а по пат да му соопшти нешто. Почнал со Живко, бивш милиционер кој сега бил апсен за експлозиите во Скопје со група терористи. Кажал дека пред дваесетина години Живко напишал збирка песни а рецензијата му ја напишал Јонче Котески. Анте очекувал да му каже уште нешто но Јонче овде престанал. На прашањето од Анте: каква врска има сето тоа со него и зошто му го кажува, Јонче нешто заматил конфузно од кое Анте извлекувал заклучок, според кој бил отворен процес во кој ќе изгореле и други. Анте се направил дека не му придава важност на таквото трбуњање и така се разделиле. Пред изворот Анте кажал дека цела ноќ неспиел а идниот ден уште во 7 часот отишол кај изворот да побара совет или информација дали сето тоа е вистина и каква врска може да има со него. При ова извадил текст (редот е чкртнат со црн фломастер – моја заб.) и рекол: Еве како УДБ-а може да напакува. Текстот бил пишуван од новинар кој го следел судењето на Ордев, Диневски и Ефтимов а наменет бил за „Нова Македонија“ – Анте, како директор на оваа установа го задржал текстот. Текстот е пишуван како го презентираше изворот заради оригиналноста“. (Текстот е цитиран изворно, сите правописни и други грешки се во текстот - моја заб.) Следи прилогот и оперативните забелешки на инспекторот.
Кога велиме дека тврдото, удбашко крило во следењето и малтретирањето на татко ми започнува во доцните 1960-ти години и дека тогаш престанува „лесниот надзор“ што врз татко ми го вршеле неговите колеги-поетите, тоа не значи дека писателите и колегите на татко ми престанале со својата доушничка работа во тој период.
Замислете си, сега, за момент дека сте Анте Поповски. Вашиот пријател (татко ми) ве замолил вас (Анте Поповски) да се сретнете и да разговарате за нешто што го плаши вашиот пријател, Јонче. Тој сака да разговара со вас за групата полицајци кои пред 12 години му се заканувале нему и на неговото семејство со смрт, кои него го прогласиле за идеолог на нивното движење, но тоа не се наивни луѓе, ова не е филм, тие се полицајци-експерти за експлозив, тие извадиле бомба пред неговото двегодишно девојче (ова сум јас) и го уцениле да молчи и тој молчел и живеел со таа ужасна баласт цела една деценија. Со таа баласт ги носел децата во градинка, со таа баласт ги шетал низ градскиот парк и им мавтал додека се возеле на вртелешката, со таа баласт станувал и легнувал, секој еден ден од тие 12 години. Сега, замислете си дека имињата на истите луѓе што го мачеле со години вашиот пријател, Јован Котески, тој одеднаш ги слушнал на телевизија - тие се уапсени. Вашиот пријател, значи, татко ми, Јован Котески, во текот на долгите 12 години не можел да и’ се исповеда на полицијата за удбашката баласт што траела цела деценија од проста причина што комунистичката полиција на која треба да и’ ја раскаже својата мака е истата таа полиција што го уценувала со закани за смрт. Или, како што стои во оперативната забелешка датирана од 28.11.1985, од досието на татко ми: ’Мора да се потенцира едно: на кого Јонче ќе му кажеше во тоа време, кога тие истите му оделе во униформи. Фактички, на тие истите требал да им каже.’“ Затоа кога вашиот пријател, Јован Котески, одеднаш разбира дека истата полициска група е уапсена сака некому, и тоа не некому - сака токму вам, на својот пријател Анте Поповски, конечно да му ја каже природата на својата мака, сака да побара совет, мисли дека вие ќе можете да го сослушате, вие сте на врвот во писателската хиерархија, вие ќе знаете да се носите со тоа, се обидува да ве замоли да го сослушате, тој ви бара помош. Почнува да ви зборува, но вие се преправате дека сето тоа што го кажува е неважно, правите лице како тој да „трабуња“. Секако дека е 1985, секако дека Тито е веќе пет години мртов, секако дека интимната поезија одамна се пишува, па и тој, и Интимистот, ја пишува, но вие добро знаете. Тие се’ уште не си заминале од сцената, треба да се биде внимателен. Затоа, додека вашиот пријател конечно се отвора некому да му каже за својот проблем, вие истовремено во главата започнувате со мноштвото калкулации, што ќе добиете и што ќе изгубите од оваа неочекувана исповед на вашиот „пријател“? Се обидувате да го потпрашате, не можете најдобро да ја скриете љубопитната нота во вашите прашања, го испитувате како тој да е веќе виновен. Очекувате да ви каже уште нешто, уште некој сочен материјал. Тој е збунет од вашето одбивање, од вашата полициска љубопитност и се повлекува, започнува да зборува конфузно, сфаќа дека не сте човекот кој може да му помогне во суровата трагикомедија што му се случува веќе со децении, сака да се извини, сака да замине од вашиот автомобил. Вие ја затворате вратата од автомобилот зад него, одите дома, но не можете да спиете, чекате да се раздени, чекате да станете повторно активен, да се вработите. Секако, вие сте веќе вработен како директор, уште сте и ценет поет, но сеедно имате материјал што не е за занемарување, нејасно е какви се’ предности може да ви донесе тој материјал, или, секако, да ви однесе. На работната маса на главното македонско списание, чиј директор сте, вие веќе имате материјал, некој новинарски текст од друг случај (кој во досието е чкртнат за нас, останатите), а во него има имиња на луѓето што не се дел од случајот за којшто зборува вашиот „пријател“. Сеедно, на оваа необична „исповед“ од вашиот пријател гледате со „нервна восхитеност“, ги собирате сите слични материјали што ги имате од бирото и првото нешто што го правите во 7 часот следното утро е веднаш да побарате прием кај службите на РСВР. Таму седнувате и удобно го раскажувате сето она што сте го забележале кај својот пријател, тој навистина и не ви кажал ништо од особено значење, но затоа вие чувствувате дека е доволно да ја раскажете негова збунетост, неговиот страв, неговото „трабуњање“ и неговата конфузност. Сакате се’ да стане транспарентно, но не на начин на кој вие и вашиот пријател ќе ја размените неговата интимна мака, на начин на кој ќе се обидете да слушнете што тој сака да ви каже, ќе се обидете да размислите што може да се преземе, да му помогнете да ја раскаже случката, да ја слушнете неговата вистината, не така што евентуално дури и ќе го алармирате и Друштвото на писателите во кое членувате обајцата, и ќе се обидете да помогнете. Вие не сте херој, конечно, и вие сте обичен човек, таков е системот и вие добро го знаете тоа, зарем не? Ене и оперативната белешка од досието на татко ми вели дека: „Јонче немаше на кого да му каже во тоа време, кога тие истите му одеа во униформи. Фактички на истите требал да им каже.“ Навистина тоа било во 1972, а сега е 1985, но системот во Македонија застанал на неодредено време, кај нас ништо не е променето, зарем не? И ќе си остане исто, се’ додека некој од горе не одлучи да биде поинаку, зарем не? А вие, вие не сте херој. Затоа, вие ќе одлучите да одите дома и да го игнорирате сето тоа, евентуално да се преправате дека не сте чуле ништо, можеби дури ќе ја искористите збунетоста на Јован Котески за некоја добра трач-партија на некоја семејна вечера. Па што? Така прават неутралните граѓани, така е добро. Тоа и вие ќе го направите затоа што системот е појак од вас и вие тоа добро го знаете. Сепак, не. Вие одлучувате дека сето ова може да го одработите и на друг начин, на нивен начин, на најтранспарентниот можен начин а тоа е преку комунистичкиот парадокс – така што ќе се јавите кај тајните служби, кај идеолошко-полициската номенклатура, тие ќе проценат, тие нека му ја мислат. Конечно сте мирни, но цела ноќ неспиење, ја завршивте својата граѓанска и патриотска должност. Заминувате на уште еден работен ден, во нови победи. Можеби од сето тоа и ќе профитирате.
Секако, не треба да бидеме наивни. Досието на татко ми крие многу имиња на неговите „пријатели“, македонските поети и писатели кои се чкртнати со црните фломастери. Ако името на Анте Поповски останало, тоа останало за да изгори. А останало за да изгори затоа што и Анте Поповски и’ се огрешува на власта, но за друга причина - како директор на „Вардар филм“ во комунизмот прави финансиска проневера и казнет е, секако не со робија како татко ми затоа што во комунизмот нема друга сериозна грешка, освен идеолошката - казнет е така што му е одземена директорската фотелја и доделена му е друга, сепак некаков срам останал. Дали Анте Поповски бил коптиран како шпион од литературната сфера во времето кога и самиот паднал во немилост или директорското место во „Вардар филм“ автоматски веќе значело дека тој идеолошки мора да придонесува и со малку здраво, комунистичко кодошење? Не знам, но за случајот на татко ми тоа е неважно.
Она што е важно е дека комунистичкиот свет е така збиен што во него никој не може да побара или да добие помош. Ако не можете да и’ се обратите на полицијата, вие логично ќе се обидете да побарате помош од своите пријатели и колеги. Но што се случува кога вашите најдобри пријатели соработуваат со истата полиција?
Post a Comment