Усвоена молба!

Усвоена молба!

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


И сега повторно почна она одвратно учтиво погаѓање,
еден над К. му го пружи ножот на другиот, а овој пак, повторно
преку К. му го враќаше нему. К. сега точно знаеше дека
неговата должност би била сам да го дофати тој нож,
додека минуваше од рака во рака, лебдеше над него
и сам со него да се прободе.
Кафка

Кога го држите досието на татко ми в рака, прво нешто што сакате да видите е кои се доушниците? Но гледате, во тоа е перверзијата на досието на татко ми. Вие сте петмина поети, само еден од вас е доушник, но не можете да знаете кој конкретно затоа што во телото на текстот тој е чкртнат со црн фломастер. Дека станува збор за овие конкретни петмина, знаете од графата „лица“, каде што (и тоа само понекогаш) не е избришен ниеден од поетите што оделе „по корзо“. Шпионот е еден од нив, но кој? Татко ми го подигна своето досие во ноември 2000 година. Сите што таа година ги подигнаа своите досиеја, знаат дека мораа да потпишат еден формулар. Во тој формулар стои дословно вака: "Заради заштита на податоци и информации за приватниот и семејниот живот барам целата содржина на досието да останат тајна до (100 години од моето раѓање, а во случајот на татко ми е заведена- моја забелешка) 2032 година, и тоа, доколку истото не биде уништено и се предаде на чување во Архивот на Република Македонија." Кога ќе го потпишете тој формулар, следи конечната цинична завршница. Најдолу пишува дека молбата „се усвојува“.

Гледате, ужасот на полициското досие не е само во фактот дека татко ми живеел живот во кој полицијата го имала лицето на неговите најблиски пријатели. Ужасот се состои и во една виша агентура во име на која неговиот свет е уште потесен од тесниот свет на античките херои кои во крик му се обраќаат на небото "Неправда трпам". Грчкиот човек страда ужасна казна што му е наменета, не по негова вина, но кога сака да дознае во име на која виша агентура страда, и небото и земјата ќе се превртат за тој да види. Кога Едип сака да знае што се случило во неговото минато, сведокот се појавува веќе во следниот чин.

Татко ми чекаше долги 40 години за да види. И кога со страв застана пред вратата на ДБК, пред вратата на онаа инстанца што цел живот се иживувала врз него, како пред последната утеха што ќе му овозможи да види тогаш, службите на ДБК, го натераа да поднесе молба во која моли никогаш да не му се исполни последната надеж. Во својот формулар татко ми мора да замоли засекогаш да му остане затворено она во име на што страдал. Тој поднесе молба дека неговото досие ќе му биде достапно во 2032 година, а во меѓувреме "доброволно" да даде аманет дека, ако сакаат, неговото досие може да го запалат. Татко ми сакаше да види дека не бил луд кога тврдел дека цел живот го следат. Но се’ што суштински сакаше да види е за кое добро било тоа. И мораше да прочита дека неговата молба -никогаш да не ја види разрешницата на својата животна трагедија - "се усвојува"!

Татко ми, во ретки моменти на хумор, го нарекуваше своето досие "биографија на пријателите". Тоа е донкихотовски хумор. Прво ќе се насмееш, потоа ќе наместиш сложена насмевка, за на крајот да сфатиш дека се смееш во лицето на чистата тага. Тоа е хумор на некој што невин го преживеал Идризово. Кога ќе добиете документ дека сте рехабилитирани, со тој документ може да се сликате. Може да бидеш најдобриот поет на една држава, ти си бил роден само за да ја воспееш нејзината убавина, нејзиниот златен глас, да ја опееш земјата под нејзините нозе. Може да си ја напишал најубавата песна за една неостварена љубов на една генерација, "Ана", но таа никогаш нема да стане лектира затоа што за овие дибеци веќе и косата на Ана е спорна. Откако си го преживеал прогромот на своето време, во кое колегите ти ја пишувале биографијата без да им ја нарачаш, се’ што ти останува е да ја живееш секој еден ден од остатокот на својот живот кафкијанската реалност на удбашкото секојдневие. И до бескрајот на твојата земна осаменост да си ги повторуваш стиховите: "О пријатели мои, нема пријатели!" Сепак, татко ми навистина си замина со прошка за сите. Дента пред да почине, татко ми ми рече дека "си оди дома".

 

Post a Comment