„Со Сталин против Тито“
„Со Сталин против Тито“
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Тито ги покажува првите црти на сталинизација во Југославија веќе по Втората светска војна. Сталинизмот, прво и основно, значи униформност. Најважните особини на сталинизмот се – контрола на единствената партија, олигархиско владеење во практика, тесното политбиро ги донесува сите одлуки, отсуство на владеење на правото и предоминантна власт на органите на безбедност. Сето тоа го има во Југославија.
Југославија е најблиска до советскиот модел на партиска диктатура, многу повеќе од сите други земји на Источна Европа. За разлика од земјите на Источна Европа кои формирале коалициони влади, Југославија од самиот почеток прогласува власт исклучиво на Народниот фронт, од кој партиските опоненти ги снемува веднаш. За разлика од Југославија, парламентарните избори во Унгарија (во ноември 1945) или во Чехословачка (во мај 1946) навистина биле слободни.
Кога во ноемви 1945 се одржуваат избори во Југославија, тие се како „трка со еден коњ“. Било можно да се гласа против Народниот фронт, на ниеден кандидат не му било дозволено да се кандидира против. Некаква храброст сепак била потребна да се стави топчето во одделната кутија, определена за тие што гласаат против, во Словенија 17 отсто го сториле тоа. Во „црната кутија“ паднале вкупно 9.25 отсто гласови. 11.43 отсто од сите гласачи не излегле на изборите. Првиот устав во Југославија е направен според Сталиновиот устав од 1936, а е прифатен во јануари 1946.
Тито бил многу посуров кон опозицијата (вистинска или лажна) од казнените мерки што ги применувале Полска или Бугарија. Многу усташи и четници се стрелани во летото 1945, додека земјите од Источниот блок во своите партии ги прифаќаа сите што се покајале. Аугуст Кошутиќ бил потпретседател на Хрватската селска партија, а иако доброволно преминал во партизани во 1944, кога е уапсен, тоа е „првиот пример на комунистичката репресија насочена против еден антифашистички политичар во Источна Европа во екот на последните фази на војната“.
Во т.н. блајбуршко злосторство, партизаните на Тито убиле од „неколку стотици“ до „200.000“ воени затвореници и цивили (втората бројка ја поддржуваат словенечките историчари, но и српските проучувачи на тајните архиви, на пр. Марко Лопушина ) кои не им се предале на партизаните во Блајбург (Bleiburg) туку им се предале на британските окупаторски армии. Британците, пак, спротивно на меѓународното воено право, директно им ги испорачале на Титовите сили, а кога биле вратени на подрачјата на Хрватска, Словенија и Србија, масовно биле стрелани. Кога во 1990-тите Митја Рибичич се бранел дека КОС ги вршел ликвидациите без знаење на Тито, бил демантиран од началниците на ОЗНА за Словенија, дека ликвидациите траеле се’ до 1953 и сите одлуки биле донесувани од Тито. Во Словенија се откриени 450 масовни гробници со овие жртви. Според Горан Јуришиќ во шумата Тезно кај Марибор досега се ексхумирани преку 1.000 посмртни останки на хрватските војници, убиени како партизански заробеници во 1945 година, и тоа само од еден од противтенковските ровови во кој се фрлани затворениците откако биле убивани. Секој ров е долг километар и пол, а бројот на жртвите се однесува само на откопаниот дел од еден од рововите, досега се откопани само 70 метри од еден од 450 ровови. Внукот на Толстој, Николај Толстој, британски државјанин, во книгата „Министерот и колењата- Блајбург и Кочевскиот Рог 1945“ (Загреб, 1991) пишува за Титовиот партизански злосторнички режим. Во 2004 во германскиот весник „Франкфуртер Алгемаине Цајтунг“ (Frankfurter Allgemeine Zeitung) Рајнхард Олт го објави текстот за Титовите тајни служби ОЗНА и во него се вели дека СФРЈ никогаш не им ги вратила имотите на опљачканите Евреи, а дека Тито за 35 години владеење ниеднаш не го посети Јасеновац. Според историските документи, веднаш по ослободувањето само во Белград настрадале меѓу 15.000 и 30.000 луѓе.
Југословенската армија и тајните служби се правени по советски модел, со советски инструктори кои активно учествувале во поставувањето на државата. 1/3 од првата генерација на југословенската воена академија студирала во Шуј, во европскиот дел на Русија од 1945-47. Тајната полиција ОЗНА или Биро за заштита на народот, Ранковиќ го презема во 1946 од дотогашниот министер за внатрешни, свештеникот Владо Зечевиќ. Првите официјални жртви во Југославија се: Аграријан Јовановиќ кој го поставува под прашање владеењето на КПЈ и е против колективизацијата. Тито му вели на Ранковиќ „Мора да биде уапсен“, на што Ранковиќ вели дека „Кај него ќе биде тешко да најдеме што било “, а Тито одговара „Тогаш обвинете го за што било“. Ѓилас е првиот кој почнува да зборува за „новата класа“, комунистичката елита што се создава, и случајот Ѓилас, парадоксално, покажува дека настрадувале само оние што сериозно ја сфатиле флоскулата за „бескласно општество“. Сталиновиот идеал било формирање општествени групи што ќе бидат подредени на Партијата. Писателите да формираат здруженија со задолжителната соц-реалистичка доктрина, лекарите да формираат комунистички здруженија, економистите, и сл.
Сите опозициски гласила се угасени до есента 1945. Југословенските комунисти први отвораат серија судски процеси против црковни лица (од сите други земји во Источна Европа). На овие лица им се суди според одредницата - шпионажа со Запад, која се толкувала во најширока можно смисла. Југославија прва на обвинителната клупа ја става и сопствената опозиција од редовите на самиот Народен фронт во октомври 1947, кога, на пример, е почнат процесот против водачот на српските леви земјоделци, Драгољуб Јовановиќ, чија партија била предвоен сојузник со комунистите.
Југославија, прва во Источна Европа, ги започнува процесите против сопствените членови – тн. дачаушки процес (април, август 1948 и јули 1949), ова е според димензиите помал судски процес во однос на московскиот од 1939 (според бројот на осудени и жртвите), но посуров во однос на применетите методи. Им се судело на 27 комунистички функционери од среден ранг кои во текот на војната биле однесени во концентрациониот логор Дачау (Dachau) а сега им се судело како на соработници со Гестапо, истиот оној принцип што Сталин го користел против сите советски војници кои во текот на војната биле упасени од нацистите. Тој што се допрел до „валканите“ нацисти (за да биде парадоксот поголем - како нацистичка жртва!) и самиот се извалкал. Единаесет од тие функционери се стрелани, а потоа сите се рехабилитирани во 1970.
Во јуни 1945 Тито се’ уште дозволува партии: „Ние не сме против партии, особено што некои веќе корисно соработуваат со Народниот фронт. ... Ние им велиме на сите што не сакаат да бидат во Фронтот кој сака да има своја партија, нека има и нека ја формира“. Овој текст бил легално објавен во Белград, но кога во август 1945 опозиционерот Милан Грол дава оставка, тој објаснува: „Воспоставена е единствена партиска програма и таа ја исклучува секоја разлика во мислењата“. На 3. Конгрес на Народниот фронт во април 1949 Тито веќе вели: „Член на Народниот фронт не може да биде член на политичка организација чија програма е спротивна на програмата на Комунистичката партија“.
Југословенските комунисти ја имитирале советската економија, први од сите земји во Источна Европа ги национализирале имотите на оние што ги сметале за „соработници со непријателот“, а ова се толкувало на најшироки можни основи. Југословенската петолетка од април 1947 е прва петолетка во Источна Европа, а таа целосно ја копирала советската. До 1952, според Петолетката, секоја година требало да се инвестира по 27% од националниот доход, да се дуплира бројот на стручни лица, да се колективизира само помал дел од земјата, а селаните да немаат повеќе од 35 хектари земја за да не се формира селска буржоазија. „КПЈ имала тешка рака кон селаните“, ниедна земја на Источна Европа, освен Бугарија, не била толку на прагот на целосна колективизација на земјоделството како Југославија, југословенските селски задруги биле први облици на колективизација на селото, а на крајот на 1948 имало 1.318 селски работнички задруги, најмногу во Источна Европа.
Кога по војната Тито ги испраќа Кардељ и Шубашиќ во Москва, Сталин на вчудоневидување на Кардељ, го обелоденува договорот за проценти со Черчил. Овој договор, според кој Југославија имала поголема слобода од другите комунистички земји во однос на Советскиот Сојуз, подоцна се покажа фатален за југословенската верзија на сталинистичкото владеење на Тито во Југославија. Тој има „негативни последици за политичкиот плурализам во Југославија“, кој веќе не постоел од тој момент натаму, пред тоа во игра било барањето на Черчил во Југославија да се одржат слободни избори и народот да се одлучи на референдум за иднината на монархијата.
Post a Comment