Review of Communist Intimacy by Tamara Atanasoska (in Macedonian).
Go to Tamara Atanasoska's
blog.
Published: November 4th, 2013.
Link to the original post:
here.
Follow Tamara on twitter: @TAtanasoska
ТАМАРА АТАНАСОСКА
4 ноември, 2013
Што ме научи Јасна Котеска
Многу
малку време ми останува да читам. Признавам, многу малку читам цели книги,
знајчајни работи. Во денот, ми поминуваат пред очите многу написи, многу кратки
информации, бројки, стручни технички четива кои ми требаат или не ми требаат за
работата на која сум фокусирана во моментот, македонски колумни, по некоја
политичка вест од светот, неизбежните тед видеа. Твитер. Ако го важиме. Ама го
читам :).
„Комунистичка
интима“ на Јасна Котеска ја влечкав со месеци – ја купив на саемот на
книгата во Скопје ама ја читав дури по тукашните паркови, од викенд за викенд.
Полека. Не дека така сакав, толку е времето. Упорна бев, и вредеше. Би ви ја
купила на сите за роденден да можам. На некои најверојатно и ќе им ја купам :).
Јасна
Котеска поминува преку многу теми, низ многу мали делчиња кои ја прават
големата слика на нашата сегашност, во нераскинлива врска со нашето минато.
Мене како дете од ’89 ми недостигаат многу информации, има многу нишки кои не
можам да си ги поврзам, многу работи не ми се јасни. За многу работи често
грешам. За многу тоа сум погрешно задоена од фрустрациите, неинформираноста,
потклекнувањето на тогашната пропаганда на моите родители и блиските, па многу
од она во кое верувам треба да се преиспита и да се деконструира за да оформам
свој нов, потточен став. „Комунистичка интима“ доста ми помогна во тоа. И
доста вовед, што напиша Јасна Котеска?
Времето
Во
3тата глава наречена „Чекалница“, Котевска дава преглед на времето, времето
како диктираниот ритам на нашето живеење, времето како почеток, времето како
заборав. Времето како орудие за манипулација.
Во
подглавјето „Психологијата на редовите и имобилизираното тело“ пишува времето
украдено од нас, намерно и смислено, за ритамот кој е направен за нас да играме
по него, за сите оние мали секојдневни работи кои ја црпат енергијата, таа
многу потребна енергија за мислење, за дејствување, за креирање надвор од циклусот
на преживување.
Споменати
се социјалистичките производни рестрикции, рестрикциите за струја и вода,
недостапноста на контрацепцијата, претрупаниот јавен превоз, шалтерите кои не
работат, како примери за начини на крадење време и одземање на слободната
волја. Зошто социјализмот создава ваква временска аритмија? Еден од
одговорите е – за да се држат луѓето во покорност. Аритмијата на времето
предизвикувала социјална несигурност.
Временската
превилност го ситуира нашето чувство за „нормалност“, во комунизмот
неизвесноста станува правило. Човекот е натеран на немобилност, времето му е
украдено и тој не може ништо да преземе. Кражбата на времето создава
имобилизирани тела. Од имобилизираното тело не може ништо да се планира и не
може да се презема никаква иницијатива. Освен најфлексибилните и најспонтаните
работи, сите други…()…ништо не може да се испланира, па телото чека според
инцидентноста.“
Иако
примерите се од социјалистичкото време на Македонија, додека ја читав главата
не можев да престанам да мислам да одвратните турканици за пасош без никаков
ред, каде мораш да изгубиш цел ден, на тоа дека сеуште мораш да одиш до МАРНЕТ
за да си регистрираш домеин, за многу едношалтерски системи насекаде во нашата
администрација задржани, на скорешното менување на законот за абортус каде
мораш да чекаш три дена и да поднесува барања, недостатокот на јавно достапни
многу потребни информации кои треба да се мачиш да ги добиеш (ако ги добиеш!),
за тоа што скоро никогаш не се знае кои се точните документи за да добиеш
некоја државна бенефиција и услуга и те тераат да се вртиш во круг и да чекаш,
за прегледите за магнетна резонанса кои мораш да ги закажеш неколку месеци
однапред, за вработувањата ветени на стечајците, на сиромавите, на оние со
партиска книшка, на лотариите за вработување, на сите механизми кои не
смрзнуваат и не прават имобилизирано тело, не трошат и пасивизираат. Ќе
да не е напуштена оваа практика, што мислите? Очигледно и на
пост-комунистичките власти многу им се допаѓа.
Новото
Мене
отсекогаш ме фасцинирало инсистирањето на сегашната власт на новото.
Инсистирањето на рестартирање на времето, на поставување на нулто-ДПМНЕ време,
време од кое натаму се ќе биде друго, се ќе биде „по нивно“. Иако, тоа
рестартирање на времето, тоа бришење на колективната меморија, отсекогаш ми бил
најголемиот криминал кој можеш да му го направиш на еден народ.
Опсесијата
со целосната ре-изградба и узурпација на јавните простори во нашиот град како
чин на бришење на старото мене ме асоцира на двете комунистички чистки на историјата
за кои зборува Котевска во главата „Нова форма“ - Колишевски кој ги ретчел
козите низ Македонија и Татљин во Русија кој ги вадел плочките од плочникот
пред Академијата на уметностите во Ленинград и на нивно место садел компири.
„Генералната
логика зад двете операции гласи дека ако некоја супстанција била тука од
порано, сега треба да се уништо за да настапи НОВАТА“.
Нова
историја, нов град, нова култура, ново се за вас граѓани на Македонија!
Заборавете! Нултото време, почнува сега.
Цинизам
и коментаторство
Често
зборуваме за политичкото коментаторство, потточно цинизмот, хуморот и сличните
начини на коментирање. Или сме на страната на нивната апсолутна штетност покрај
нивната бесмисленост, или сме дел од оние кои тоа го прават и кои ја бранат
таквата практика.
Често
имаме и проблеми со самиот термин политика. Иако веќе многу пати сите сме
пишувале за тоа. Мислата како основно политичко дејство, и целосното
потценување на слободата на нејзиното изразување:
„Политиката
не е само дејствување, туку и мисла. Кому е наменета мислата на политиката, кој
ја прима? Логичен одговор е – сите, она што го нарекуваме јавност, маса, народ.
„Политиката е јавно вежбање на судови“ – вели Бадју. „Јас мислам вака“ – тоа е
најкратко политика и во демократијата сметаме дека тоа право е подразбирливо,
но тоа е скапоцено право, извојувано низ многу векови, а денес гарантирано со
уставите.“…
…„Навистина,
тоа скапоцено право не значи ништо за вистината на нештата, дури вистината се
губи во мноштвото индивидуални судови (познатиот Окамов бич), што од политиката
прави коментаторство, вели Бадју.
Котеска
пишува дека кога започнале да работат „Монти Пајтон“, веднаш биле откупени од
BBC. И, станале меинстрим. Па вели:
„Капитализмот
не само што ги толерира, туку напротив ги експлоатира алтернативните
форми на хумор, политика, идеологија, сексуалност… Што не е знак дека
капитализмот има бескрајна толеранција кон субверзивноста, напротив, ама има
само добра идеја за тајмингот (Жижек).“
Значи
да не заборавиме со следната шега што ќе ја направиме – го правиме точно тоа
што го замислиле за нас. Дури и нашиот сарказам не е приватен. Да, пак, за жал,
како и во секој пост, да си кажам еднаш: се што правиме има многу големо
значење, ако сакаме да се ослободиме од таа договорност.
Покрај
смешките на твитер во кои не учествувам, сопствената вина овде можам да ја
најдам во млаките, коментаторски форми на отпор – на безживотните протести (кои
добро е што постојат воопшто во вакви услови), во нашата (мојата и на другите
како мене) удобна улога на демократски декор. Да, и ние сме експлотирани.
Нашиот отпор, сосема во рамките на предвиденото и употребен од сите страни како
политички поени кои никогаш не се во корист на нашата кауза.
Или: „Очајот
од грубоста на системот се премавнува со сарказам, истовремено човек се става и
на позицијата на жртва, но и на позиција на „вклучен во играта“, дури и некаква
номенклатура.“… …„Парадоксот, меѓутоа, е дека изборот да бидеш итар и да се смееш на системот не е твој, тој
избор е веќе направен.“
Слободата
„Се
чувствуваме слободни само затоа што ни недостасува речник со кој ќе ја изразиме
својата неслобода.“
Кога
медиумите ќе пишуваат за нашата добросостојба затоа што нема да можат да
пишуваат за нашата мака, дали тоа значи дека нам ни е добро? (и не е ли веќе
така?!)
Индивидуалноста
и лидерот
Во
подглавјето „Кодните имиња на УДБА“ Котеска има една интересна
реченица реченица со која го објаснува култот на Тито:
„Само
во култура без индивидуалност е можно најбрзо да се развие култот кон
личноста – ако нема личности, тогаш позицијата на Личност ја добива
лидерот и тој станува личност, за сите други.“
Во
Македонија отворено се напаѓа, со сите можни пропагандни средства секое
индивидуално мислење. Сите оние кои имаат различно мислење се претставени,
етикетирани и неутрализирани со означувањето на истите како „непријатели на
народот“ односно „непријатели на мнозинството, на колективот“. Секој кој ќе се
дрзне да мисли поинаку од „легитимното мнозинство“ е непријател, има задни
намери за нарушување на удобноста на мнозинството и треба да се ексомуницира.
Ова е особено впечатливо кога се работи за било каков вид на политички отпор,
или пак, било каков вид на девијација, како на пример, хомосексуалност. Се
помалку и помалку има различност, и тоа е евидентно, и колективот се омоќува.
Во ваква атмосфера, се случуваат вакви работи:
Песна
за Никола Груевски, Тетоважи со ликот на Никола Груевски… и уште многу
слични примери. Ова не е нималку наивно. Напротив.
Знаците,
молчењето и празните зборови
Само
ќе линкам до еден многу скорешен настан: #насвојначин и ќе потсетам
како се опседнавме со знаците. Истото го правиме кога ќе има некоја информација
во медиумите за некоја апсурдна акција на владата веднаш се прашуваме што се
крие зад тоа и што пробуваат да скријат со тој скандал, или пак многу слични
такви ситуации. исто така, ова се забележува и кога секогаш бараме скриена
намера во добронамерните политички акции, во луѓето кои прават нешто спонтано
итн. Интересно ми беше затоа што Котеска дава објаснување за ваквото
однесување:
„Македонскиот
менталитет, наследен од југословенската комунистичка матрица, денес се заснова
на напорот да се „чита меѓу редови“, Тој менталитет значи дека под никакви
услови и никогаш не треба да веруваш во тоа што некој ти го зборува, барај
скриено значење. Ако твоите семејни пријатели те канат на вечера, обиди се да
разбереш дали сакаш да ти побараат пари; ако твојот шеф те прераспредели во
друга канцеларија заради кадровска соодветност, паметно е веднаш да се прашаш дали
ќе добиеш отказ, и слично. Една од големите маки што произлегуваат од оваа
операција е дека никогаш не си докрај сигурен што другиот точно сака да ти
каже. Сечиј говор е хиреоглиф, но ти не знаеш во кој правец да ја водиш
суптилната лепеза од можности за негово толкување.“ Заебано,
а?
„Се’ е решено од горе“
Исто
така, Котеска зборува и за од каде ова наше мислење – вели дека гласањето
масовно за еден кандидат во минатото, комунистичкото минато, обновувањето на
демократијата што значело – никако да не се обнови демократијата, создавало
апатичност, која ја имаме и денес:
„Тоа
создавало апатична дистанца – што има да се трудиме кога се е решено од горе?“
А
да се ослободиме конечно од ова комунистичко наследство пред да е предоцна? И
за крај секако:
Неутралниот
граѓанин
Во
4тата глава наречена „Протеза“ (како метафора за дистанцираноста и неживоста на
граѓанинот), во подглавјето „Берлин, две протетички сцени”, Котеска зборува за
сликата која на 20.11.2007 ја објавил ТВ-каналот „Discovery”, на која е прикажан
маж како стои на едната страна на поделениот Берлин и на стапче го држи својот
шешир за да може да биде виден од човек на другата страна на реката.
Во
однос на тоа вели:
„Оваа
фотографија покажува каква станува главата на т.н. политички „неутрален“ граѓанин.
Тоа е глава што повеќе не чувствува болка и не чувствува екстаза. Неутралниот
граѓанин станува оној што главата ја дигнал на стапче – и како чин на
снаодливост (нека градат ѕидови, јас пак ќе се еректирам протетитчки за да ги
гледам моите најблиски, конечно тоа и е некако отпор), но истовремено е и чин
наснисходливост(попустливост) на главата под политичката анестезија.“
Тука
можеби можеме да го препознаеме ставот кој често го слушам како тоа дека еве се
наоѓа начини и покрај тоа што има многу препреки, се наоѓаат мали задоволства,
можеби мали моменти на заборав и бегање од реалноста и како тоа е доволно, дека
всушност вистинскиот отпор е премногу замарање и е погрешен и дека и во целосно
рестриктивни услови можеме да им се радувме на малите нешта, иако за тоа треба
шеширот да си го кренеме на стапче и така да се ампутираме од самите себе.
Секако,
тука е и неизбежната димензија на „неутралноста“ а тоа е омоќувањето на злото.
„Кога
во јануари 2008 Џорџ Буш при посета на израелскиот меморијален центар посветен
на холокаустот, и рекол на Кондолиза Рајс: „Зошто не го бомбардиравме ова?“,
мислејќи на железничките пруги што воделе до Аушвиц, каде што се убиени
меѓу 1.2 и 1.5 милиони Евреи, прашањето воопшто не е наивно. Со години
експертите по еврејски прашања ја тематизираат проблематичноста на политичката
„неутралност“ – доколку САД (кои се до Перл Харбор водеа т.н. политика на неутралноста“)
интервенирале – целиот холокауст нема да се случел, особено во такви размери.
Оттука, неутралноста секогаш значи дека всушност ја бираш удобната
позиција, премолчено да бидеш „на страната на појакиот“, барем додека не бидеш
лично засегнат.“
Не
поминав ни мал дел…
…од
тоа што има во целата книга. Има 436 страници, и зборува за капитализмот
и комунизмот како системи, алтернативите, зборува за доста итересната за мене
идеја за „паланката“ и „градот“, за надгледувањето, за суровоста, за луѓето. Запознавајќи
го минатото можеме подобро да се запознаеме себе денес.
Како
што вели во последната глава: „Подоцна
се сетив на Фројд: „Што не може со летање, мора со куцање.““
а
ние не знам со која брзина ќе се движиме кон пропаст или напредок. Наше си е.
Со
лесно читање!
Post a Comment