За неопределеноста (2009)

Дневник, 31.03.2009


За неопределеноста
Јасна Котеска

link


Сем Голдвин, еден од тројцата основачи на филмската компанија „Метро Голдвин Маер“, од современиците запомнет по хумористичните јазични игри, во една прилика, исправен пред непристоен бизнис предлог, одговорил: „Вклучете ме НАДВОР од овој предлог!“. (Include me out!)

Оваа реченица е добар вовед во темата за т.н. неопределени гласачи. Заради македонскиот систем за избор на претседател (во минатото периодично критикуван заради условот со цензусот), секои пет години во Македонија се повторува прашањето: А што ако не излезат доволно гласачи? Оваа година околу 40% од гласачите не излегоа во првиот круг.

Некои прогнози велат дека гласачите, чии кандидати не влегоа во вториот круг, може да се демотивираат и да не го дадат својот глас во вториот круг. А математиката вели дека ако нема цензус, нема ни претседател. Што е, исто така, демократско право на гласачите. Но, од што се состои ова право? Тоа право се состои од парадоксот на Голдвин.

Во психоанализата е често анализирана детската реченица. „Јас имам тројца браќа, Марко, Стефан и јас“. Третиот во низата, „јас“, е исклучен од серијата, но истовремено и вклучен (дел е од низата браќа). Што е исто со Голдвиновата јазична игра: „вклучете ме, но надвор“.

И потребата да се остане неопределен во политиката, се сведува на оваа инфантилна детска желба. Јас сакам да бидам дел од политиката, но истовремено сакам и да останам исклучен од неа. Иако луѓето знаат дека се „политички битија“, дека немаат начин да живејат сами, заради вградената недоверба кон политиката, тие честопати одбиваат да имаат врска со политиката: „доста ми е од изборите“, „нека престанат со политиката“, итн.

Но, политиката, како и сексуалноста, е една од оние работи што човек секогаш ги практикува, дури и кога не ги практикува. Тоа значи дека и кога не гласам, јас сум се’ уште активен дел од политиката. Дури и кога не гласам, мојот глас се’ уште прави разлика. Но, јас решавам да правам разлика како еден вид „чист“, невидлив медијатор. Она што во хемијата, на пример, е познато под името катализатор. Јас знам дека мојот глас помага да се забрза или да се успори одредена реакција. Но, сакам да учествувам така што јас („катализаторот“), за сето време, ќе останам непроменет/а. Со други зборови, неопределеноста е желба, ем да ја регулирам дадената ситуација, ем да ја регулирам така што нема да се види дека ја регулирам.

Но, тука се отвора важното прашање: а зарем неопределените гласачи немаат право да кажат: „и двајцата кандидати не го задоволуваат мојот вкус и останувам надвор од овој избор“? Секако дека имаат. Но, тој чин освен што е инфантилен, по својата суштина е и онтолошки „зафркнат“. Зошто?

Во филмот „Бразил“ (1985) на Тери Гилијам има една сцена во која келнерот во еден софистициран ресторан на своите муштерии им нуди најубави јадења од богатото мени. Но, кога муштеријата ќе го направи својот избор, тој добива колоритна фотографија од храната, која стои врз нешто што личи на кафена, непривлечна смеса за јадење. Но, поентата не е дека има непремостлива разлика помеѓу прекрасната фотографија и добиената вечера (како доказ дека секој избор секогаш веќе ќе ме разочара!). Напротив. Поентата е дека без изборот, таму воопшто нема да добијам никаква вечера!

Што значи дека обратно од нашите уверувања дека универзумот се состои од множеството избори, уште германската класична филозофија, расчисти дека ова е илузија. Изборите што луѓето ги прават не се множествени, тие се ограничени.

Реалноста не е се-онтолошка, се опфаќачка. Напротив. Она што ја прави реалноста „средена“, „место на можности“, итн. се токму моите влогови, со кои ја „средувам“ реалноста, за таа да заличи на место со многу можности. Со други зборови, „И јас одлучувам“ – е реченица која е точна, не на агитирачко, туку на најсуштествено, онтолошко ниво. Без мојот влог - таму, во политичката реалност, всушност, нема ништо.

Сетете се на реченицата на Ниче „Господ е мртов“, која е често цитирана како доказ за атеизмот на Ниче.

Но, работата не е дека Ниче го прогласува крајот на Бог. Ако ја следиме базичната логика, зарем распетието на Исус (како дел од божјото тројство: таткото, синот и светиот дух) не го означува почетокот на христијанството? Со други зборови, зарем смртта на Бог не е вградена веќе во самиот почеток на христијанството?

Христијанството веќе започнува со огласувањето на смртта на Бог. Тоа што Ниче го прави не е прогласување на смртта на Бог, туку, ако така може да се каже, Ниче ја афирмира втората смрт на Бог.

Ниче зборува за тоа дека Бог умира вторпат. Дека Бог сега умира и симболично, умира во практиките на верниците. И тука е клучната поента. Она што Паскал го барал од верниците, она што свештениците и денес им го велат на верниците. Не да се дебатира за смртта на Бог и да се кренат раце од ритуалите, со оправдувањето дека Бог ионака е отсутен. Туку сосема обратно.

Кога свештениците повикуваат на почитување и практикување на ритуалите, тие бараат преку ритуалите да се одржува живиот бог. Ако ритуалите ги гледам како празни, точно тоа е чинот на умртвување на Бог. Бог живее токму преку ритуалите. Парадоксот, со други зборови, гласи дека самото почитување на формата на институцијата ја враќа назад и нејзината суштина. И тоа не ја враќа на некое друго, формално ниво. Напротив, ја враќа на самото место на нејзината суштина.

И сега применете го сето ова врз изборите. Не се кандидатите и тоа од што се сочинети, гарантот за тоа дека демократијата е жива. Туку самиот формален чин, чинот на гласањето, е тоа што на демократијата и’ го дава назад нејзиниот живот.


П.С. Овој текст е напишан пред саботните случувања на скопскиот плоштад. Во саботата се случи катастрофа за македонската демократија. Сега е неважно дали некој сака или не сака црква на плоштад. Неважно е и дали протестот бил потенцијално злоупотребен од опозицијата. Неважно е и дали владата секој втор ден фрла лопати за објекти за кои се знае дека нема доволно пари. Сето тоа е предизборие. Но, престана да биде предизборие во моментот кога изразувањето став се претвори во тепање. А полицијата не интервенираше. Точно е дека до пред Струга, имавме релативно мирен меѓуетнички период. Но тоа е само затоа што Груевски успеа во речиси невозможното – конфликтот да го пренесе во македонското национално ткиво, кое го разедини до сега несогледливи последици, што потенцијално ќе се шират и врз целото државно ткиво. Груевски мора да запре. И серизно да ги сослуша добронамерните критики. Да престане да ги буцка луѓето со мегаломански идеи и да престане да ги манипулира религиозните чувства за политички потреби. Да покаже повеќе почит и кон македонската демократија, но и кон македонската црква, која најмалку заслужува верници какви што видовме во саботата.

 

Post a Comment