Хистеријата на Троцки, Темпо...
Хистеријата на Троцки, Темпо...
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Уште Фројд ни кажува дека културата бара премногу од нас. И воведува разлика помеѓу принципот на задоволството и на реалноста. Во реалноста има премалку причини за задоволство, секој мој внатрешен нагон за уживање е редовно следен од рестрикција. Затоа перцепцијата редовно поприма форми на халуцинација, јас мора да се излажам дека таму, во светот, се’ уште има некакво задоволство.
Со оваа искривена перцепција најдобро се објаснува халуцинацијата по Октомвриската револуција. На тригодишнината од прославата во 1920, гледајќи го колапсот во земјата, Троцки, излегува пред публиката и најискрено признава: „Ако тогаш, пред три години, имавме можност да погледнеме напред, нема да им верувавме на своите очи.“ Формулата очи што не веруваат, го дава на показ начинот на кој водачите се справувале со реалноста (она што го гледаме) наспроти задоволството (она што сакавме да го видиме). Троцки, антибирократот, вљубеникот во уметноста, поддржувач на психоанализата и пријател со суреалистите, дури и кратко време љубовник на Фрида Кало (доказ за „човечкото“ во овој човек) јасно кажува дека постои халуцинативен филтер. Дури и да ни покажавте тогаш каде ќе завршевме, пак нема да им верувавме на своите очи, вели Троцки. Значи, немаме никаква причина да веруваме и сега.
Советскиот театар на апсурдот се состои од фактот дека во моментот кога се здогледува ужасот по Револуцијата, реакцијата на водачите е драстично спротивна од очекуваното. Наместо очај, нив дури тогаш ги зафаќа еуфорија. Катастрофата се прогласува за победа, ОВА станува шорткат до комунизмот, ОВА веќе е комунизам. И Троцки, воведува експериментален дискурс, што подоцна ќе стане главната алатка на Сталин, кога вели: „Во социјализмот нема да има принуда... во социјализмот сите ќе бидеме движени од чувството за должност, од работната навика и од атрактивноста на работата. Тоа е недвојбено. Но оваа недвојбена вистина мора малку да се прошири. Всушност, во социјализмот нема да постои самиот апарат на принудата, имено, државата; затоа што ќе се стопи целосно во заедницата што произведува и што троши. Сепак, на патот кон социјализмот лежи период на најсилно можно зајакнување на државата. И вие и јас сега минуваме низ тој период... најсуровата форма на држава...“ (подв. мое). Ова убедување – најлошото е најдобро, Лакан го нарече „потреба реалноста да се прочита како фикција“, во реалноста да се гледа театар. Се остварува ли мојата замисла, тече ли револуцијата? Тече! Објектот сега не е добар, но „ќе го опоравиме“ во нашите халуцинации. Тензијата не може да се разреши по хуман пат, затоа ќе воведеме присила на нехуманоста, реалноста „ќе ја опоравиме“ со малку добра хистерија.
Но тука има уште нешто. Обратно од она што е „народно знаење“ дека хистеријата е празнење афекти (тој/таа е во криза на солзи, се дере, сега ќе му/и’ олесни), Фројд во писмото до Флис, објаснува дека хистеријата е крајно калкулирана и регулирана акција. „Се’ е во ред, ова е тоа што сакавме да го постигнеме со Револуцијата“, оттука не е само проста хистерија на Ленин и Троцки, напротив нивната хистерија е калкулирана акција. Неврозата на водачите по револуцијата, појавува симптом, на она што Лакан го нарече „објект што буквално дава премногу задоволство.“
Колку повеќе се’ се распаѓа, толку повеќе расте задоволството на водачите. Погледнете го вишокот жовијално уживање, вграден во почетоците на Титовата Југославија. Кога во 1948 хајката против коминформбировците достигнува зенит, Тито ги испраќа Ѓилас, Темпо, Коча Поповиќ, Тодоровиќ и Иван Рукавина во Москва, „секој по своја задача“ , која меѓутоа најопшто, според сведочењата на Темпо, се состоела од „безделничење“. “Редовно одевме во Художествениот театар. По враќањето од театар често ја коментиравме театарската претстава што ја гледавме... Една вечер ја гледавме претставата ’Мртви души’. Зборувавме за ликовите ... и незабележливо почнавме да си бараме сродни црти: така мене ме нарекоа Сабакијевиќ, човекот кој секого го ословува со најпогрдни имиња и гази по нозете на тие со кои зборува, Ѓилас го прекрстивме во Ноздрјев, кој не може да отвори уста, а да не излаже, Плавиот (Мијалко Тодоровиќ) во Манилов, вечно во облаци... “ Додека во исто време се случуваат чистките во Југославија, номенклатурата е необично радосна, жовијално исполнета, и тоа НЕ на принцип на заобиколување на ексцесот, криење на вишокот лични недоблесности, напротив, преку нивно потенцирање, ние и вакви никакви, со сите недоследности во карактерите, од системот влечеме задоволство. Најдобрите кадри во Москва навредуваат, лажат или халуцинираат, и тоа меѓусебно го легитимираат преку театарот, па сепак, светот дотолку повеќе се отвора за садистичкото „премногу задоволство“ вградено во идеологијата на комунизмот.
Post a Comment