6.600 партизани
6.600 партизани
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Првите жртви на Титовата идеја паднале уште во текот на Втората светска војна. Во текот на долгите децении, ние, југословенските генерации, учевме дека Титовото партизанско движење било масовно. Вистината е дека Партијата на Тито во октомври 1940 има само 6.600 членови и околу 17.800 членови на СКОЈ. Партијата на Тито станува масовна дури во доцната 1943 година.
Повеќе од битката против фашистите, Тито водел екстензивни борби за ликвидација на својот антифашистички соперник, Дража Михајловиќ, кој исто така се борел против нацистите, а кој, за разлика од Тито, работел на принцип на саботирање и помали акции против Германците, со цел да не го влече цивилното население во непотребни загуби, кога се знаело дека германските одмазди се сурови. Движењето на Михајловиќ било далеку помасовно од тоа на Тито, а Британија и Советскиот Сојуз не го поддржуваат Тито се’ до 1943. Тие ја поддржуваат политиката на Михајловиќ, главно поради тоа што тој сакал да го врати кралот кој бил во бегство во Лондон. Тито имал друга стратегија, не се воздржувал од човечки загуби, бил водач на борбеното лево крило на КПЈ уште од 1937, но пред 1943 партизаните ниту се бројни, ниту се многу. Главнината од луѓето на поранешна Југославија чекале да видат која опција ќе победи, таа на Тито или таа на Михајловиќ, за да се приклонат соодветно. Кога сојузниците ја окупираат Италија, дури тогаш партизанското движење на Тито станува масовно - окупацијата на Италија е најважниот датум во историјата на Титовото владеење. „Западните политичари беа склони до крај да ја обвинуваат Москва за акциите на Тито, но историските документи покажуваат сосема поинаква слика“ – вели Банац. Британија, а не Советскиот Сојуз, е прва која во 1943 за првпат го наговара кралот да престане да се договара со Михајловиќ и да се договори со Тито. Сталин само го следи Черчиловото барање да се признае АВНОЈ.
Како што Тито се завластува, така го напушта своето ултралевичарство и станува се’ повеќе налик на Сталин. Во 1943, по добивањето поддршка од Британија и од Советскиот Сојуз, Тито го претвора АВНОЈ во јадро на својата влада и си доделува чин маршал. Веднаш започнува со сталинизација. Веќе во почетокот на 1944 ја предупредува хрватската партизанска печатница да не создава импресија дека во Југославија се случува комунистичка револуција, што е секако двојна игра. Тито во сите свои говори подоцна, антифашизмот го споредува со југословенска револуција. Но за моментот му се чини дека е паметно да игра и на картата на Британија. Тој двоен став беше причината за доживувањето на Југославија како различна од Советскиот Сојуз, но и за либерализација на општеството во седмата и осмата деценија од 20 век. Тоа сепак не значеше дека општеството е помалку рестриктивно, југословенската верзија на комунизам била идеолошки хаотична, си можел да завршиш во затвор без причина или да бидеш толериран без поголеми последици.
Post a Comment