Бонус комунизам (2009)

Дневник, 17.02.2009

линк

Бонус комунизам
Јасна Котеска

Во познатиот виц на браќата Маркс, на стандардното прашање „Кафе или чај?“, Гручо одговара: „Да, ве молам“. Одговара, имено, така што одбива да избере. Идеолошкото „гостопримство“ во Македонија, во моментов, на тацна нуди два радикално спротивставени концепти, за потребите на анализава, ќе ги наречам „православниот“ и „протестантскиот“ - со сите огради кон религиозните чувства, историјата, филозофијата, итн., на овие големи концепти. Првиот се состои од форсирањето на тврдото православие: луѓето назад во црквите, веронауката во училиштата, славењето црковни празници, раѓањето трето дете, забраната за абортус, итн... Вториот е сублимиран во кампањата за капиталистичкото деноноќно рмбачење, т.н. „остваруваме 24/7“. И на прв поглед, нема ништо лошо во овој микс од религија и капитализам. Нели е тоа темелот на западните земји?

Радикалниот проблем, меѓутоа, настанува кога знаеме дека овие два концепта доаѓаат од две сосема различни традиции. Акумулацијата на пари (базата на капитализмот) со векови беше отфрлана од официјалната христијанска етика. Да се биде богат, не беше „христијански“.

Од класичната студија на Макс Вебер знаеме дека дури протестантизмот (и поточно калвинизмот) успеа да го разреши овој внатрешен раскол помеѓу парите и црквата. Богатството од „лошо“ најнапред беше прогласено за „неутрално“ („ни добро“, „ни лошо“), за на крајот да стане само „добро“.

Овој пресврт на Запад се случи преку верувањето на калвинистите дека Последниот Суд веќе се случил. Господ веќе ги одбрал тие што ќе бидат спасени. Што и да сториш со својот живот, џабе ти е, не може да ја смениш судбината. Тоа значи: не може да ја заслужиш Божјата милост, не помага ниту многудетното семејство, ниту молитвата, корисната работа, аскезата, дисциплината... (тука додадете се’ што мислите дека помага), или си одбран или не си, но самиот не знаеш.

Интересно, оваа состојба не само што не ги доведе западните луѓе до парализа („Што има да се трудам, кога ионака е се’ одлучено“), туку сосема обратно. Ги натера да работат френетично, одеднаш работењето (и богатството) станаа нешто како ЗНАК дека сепак сум ја заслужил/а божјата милост. Безволноста, неработата, депресијата... автоматски станаа крунски доказ дека НЕ си избран/а (познатата изрека „од Бога краде денови“). И соодветно, френтетичното работење, работната анксиозност, станаа доказ за божјата милост.

И сето тоа е во ред, но во „нивниот“ свет. Како што знаеме, православието немаше ревизија од волкав (протестантски) формат – следствено немаше вистинско решение за проблемот со капиталот како „христијански грев“. Тоа значи дека секој повик за тврдото православие, порано или подоцна, најшизофрено ќе се судри со владината кампања „остваруваме 24/7“. Ако е препорачано да раѓам три деца, како ќе бидам 24/7 ефикасна во капиталистичкиот свет? Но, ова не е суштинскиот проблем.

Проблемот станува драматично поголем, ако си го поставиме логичното прашање. А што ако „остваруваме 24/7“ воопшто не треба да се сфати лично? Што ако повикот се однесува само на владиниот врв? Тие ќе работат постојано за да ја добијат божјата милост за сите, граѓаните само ќе ги живејат благодетите обезбедени од власта. „Избраните“ со оваа реторика не се само политички избрани. Тие се избрани и на еден метафизички план. Но тогаш, во македонското социјално ткиво веќе се случува опасен раскол. Помеѓу „нив“ – избраните, и „нас“ – православните чеда на една идеја. И парадоксот е дека, макар Владата имала најискрени намери со „Остваруваме 24/7“, таа добронамерност не прави никаква разлика, од проста причина што симптомот никогаш не може да биде виден „одвнатре“. Затоа, клучното етичко прашање мора да остане во игра. А тоа гласи: колкава цена за тие напори ќе треба да платиме? Во својата кратка посткомунистичка историја, Македонија досега нема видено поблиско приближување до комунистичкиот идеал за „избраните“ и „обичните“ тела, еден идеолошки пакет за „номенклатурата“, а друг за „смртниците“.

Има една ангедота за Енвер Хоџа. При посетата на родната Ѓирокастра на својата далечна роднина, старица, и’ рекол: „Вие ќе живеете долго“, на што таа одговорила: „Не, и вие и јас сме стари, наскоро ќе умреме.“ Хоџа пребледел, придружбата занемела, а Рамиз Алиа одговорил: „Не, голем другар Хоџа, вие ќе живеете сто години, тоа е во вашиот генетски код, но ќе добиете уште 20 години бонус од комунизмот“, по што следел бурен, ослободувачки аплауз. Идеолошкиот бонус години за лидерите, всушност е идеолошка патерица, верба дека телата на водачите се сублимни, не се материјални, потрошливи. Тие се некаква надградба НАД историјата, тие се апсолутни историски субјекти, кои заради грандиозноста на „Остваруваме“ добиваат бонус години и работни часови.

Ова го кажувам заради следново. Пред некој ден чув вистинска приказна за скопските цртачи на графити. Додека ставале натпис: „Бог - остваруваме 24/6 и Груевски - остваруваме 24/7“, еден полицаец, кој не го сфатил вицот (односно го сфатил сосема прецизно, во неговата суштинска „надисториска“ порака), ги оставил да го допишат графитот. За лидерот нема божји одмор, неговиот проект е над историјата и над религијата. Овој микс од тврдото православие и повикот за 24-часовно работење, ја сочинува моменталната постмодерна конфузија, врз која почива македонското општество.

Но, поважно е следново. Дека заедно со тој микс, лесно може да ни се случи, на мала врата да ни се протне и еден „бонус“ комунизам (за конфузијата да биде поголема – таа опасност сега доаѓа од партијата што не само што не е наследник на некогашната КПМ, туку е идеолошки дијаметрално спротивна на неа). При што, тој „бонус комунизам“ е директен резултат на нешто сосема трето. На фактот дека за сите овие години независност, Македонија не смогна сили за никаква потемелена критичка анализа на механизмите со кои оперирал комунизмот (одговорноста за ова подеднакво паѓа на сите досегашни влади, како и на невладиниот сектор!). Па се отвора опасноста, дека, додека на прашањето „Кафе или чај?“ македонскиот Гручо одговара: „Да, ве молам“ (не за да го избегне изборот, туку обратно, за да го проголта целиот контрадикторен идеолошки пакет одеднаш!), тој и несвесно помага да се отворат портите за потенцијалната идеолошка девијација од многу поголеми размери. Ова особено, имајќи го предвид менталитетот на Македонците, кои некако „по даденост“ си ги сакаат тоталитарните решенија...

 

Post a Comment