Садизам
Садизам
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Должноста на гостилничарот е …
со почит да ги прими на конак семејствата што патуваат,
да го одере човека, да олупи жена, да ограби дете…
Овој човек и оваа жена беа лукавство и бес, сврзани заедно во гнасна и страшна запрега.
Виктор Иго
Кога првпат го прочитав досието, останав занемена пред фактот дека македонскиот писател од нашата понова културна историја толку редовно и толку ревносно ја придвижувал машинеријата. Првото прашање што ќе си го поставите е каква ментална матрица имале македонските поети, во улога на домаќини на една украдена приказна, во улога на гостилничари што ограбуваат семејства, кога можеле да вршат вакво масовно и колективно насилство? А следното е кој бил нивниот движечки мотив? Користа, стравот, базичната идеолошка неписменост, љубопитноста, пакоста, "филозофската" желба за увид, злобата или садистичкото уживање во фактот дека некого следиш? Гледате, садизмот се истакнува како еден од најважните движечки мотиви во овој документ. Од една до друга страница од досието на татко ми, садизмот може да го сечете со нож. Вие читате и гледате садизам на една култура и останувате занемени. И со години не можете да прозборите ниту збор на таа тема.
Садизмот на македонските писатели во наведените години е од таков тип што тие барале по секоја цена, доброволно и во име на апсолутно отсуство на елементарна емпатија, да и’ се поклонуваат на власта. А власта за нив е еден конкретен простор омеѓен од локалниот културен поглавар до службите на ДБК. Тој поглавар на македонската култура меѓу 1960 и 1990 е отелотворен во тогашниот претседател на ДПМ, и во следниот. Во главниот литературен критичар со газдинско држење. Во шефот на вашата културна инстуција. Во оној што бил одговорен за културната каса. Во професорот на факултет, од кого сте очекувале добра рецензија. Тој конечно се содржи во секоја локална битанга, што во немање подобра работа, решила да се занимава со пишување, затоа што во годините за кои зборуваме, тоа е коњунктурна професија, која државата плански ја финансира со цел да создаде квантитет, „економска база“ од својата литература. Ќе ви дадам еден пример. Еден документ од февруари 1988 година (тоа е пола година откако татко ми веќе е излезен од затвор), попладнето се јавува лице и се претставува. (Ова лице е писател и комшија. Во име на фактот дека не знам дали ова лице вистински го барало татко ми, или некој друг барал во негово име- затоа што гледате овде ништо не е јасно- неговото име ќе го сочувам во тајност). Тоа лице (сега цитирам конкретно од досието): "бара да разговара со татко ми", "откако е известен дека не е дома, остава телефон" и "замолува кога ќе се врати Јован да му се јави". "Покасно Јован се јави на истиот број – нагласувајќи дека некој го бара. Доби одговор дека никој не го барал. Мислејќи дека го згрешил бројот, Јован уште еднаш се јави. – Станот на Х? Овде Јован Котески. Х: Да? Ј: Некој од тука ме барал?! Х: Никој тебе не те барал и подобро е да не си играш повеќе играчки /гласот на истото лице/ Ј: Добро! - го затвара телефонот, мошне возбуден и вознемирен." (завршува документот).
Македонскиот писател во својство на полицаец, треперел не само од перверзната желба да се изживува над еден живот, туку и од перверзната желба макар еднаш во твојата полициска кариера да нагази на храната со која ќе му го задоволи бесконечниот метонимиски апетит на својот некрунисан газда од македонскиот писателски естаблишмент, и на службите на ДБК. Но, во својата примитивност овој човек не знаел нешто што го знае секое животно, кое кога ќе се најде, го остава трупот затоа што веќе не му треба. Тој не знаел дека газдата не е животно, туку човек и како таков има апетит што ниедна храна на овој свет нема да може да го задоволи. Нема храна што ќе може да ја затне таа глад на некрунисаниот господар на македонскиот културен естаблишмент од 1960-90. Тој би голтал се’, не еден, не двајца, тој би сакал да ги проголта сите добри песни и сите добри поети на своето време, за, над нивните трупови да се издигне како најголем и најдобар автор. Колку повеќе голта, тој е толку повеќе гладен. Од досието, е јасно дека нема крај за една матрица која сака да ја проголта целата суштина на се’ што си кажал и изјавил.
Во досието на татко ми повеќето луѓе се чкртнати со црн фломастер. Оставени се само тие имиња што требало да изгорат. Ако тоа ви е некаква утеха, вам, што во досието сте присутни со име и презиме, имало и "полоши" од вас. Оние што ДБК сакало да ги заштити. Значи, ако тоа ви е некаква утеха… Има и такви кои се чкртнати, или на друг начин заштитени, а сепак може да ги препознаете. На формирањето на досието на татко ми работеле 15 луѓе, вториот е заведен со име Т. Петровски. Дали е ова претседателот на ДПМ до 2007 година? Гледате, јас дури ни ова не можам да го знам. Но, ако е тоа истиот човек, тогаш перверзијата продолжува. Трајан Петровски, се појавува во досието на татко ми во 1987, (ако е истиот) овојпат како добродетел. Откако според документите, по ослободувањето од затвор, татко ми не успеал да добие прием кај никого (од неговите колеги, до директорот на Радио Скопје, кадешто претходно работел), помош му понудува Трајан Петровски и го вработува во библиотеката "Другарче", каде татко ми останува да работи до пензионирањето. Во досието постојат документи од седниците на ДПМ кога тогашниот претседател (кој е исто така чкртнат со фломастер) Гане Тодоровски, се однесува како затворањето на член на неговото здружение да не е негова работа. Тој се ослонува на службите на ДБК. Во документот на претседателот на југословенскиот ПЕН центар, и потпретседател на меѓународниот ПЕН центар, Предраг Матвеевиќ до Окружниот суд во Скопје во јануари 1987 во кое се бара ослободување на татко ми од затвор, стои една ваква реченица: "Баравме и бараме објаснување (за затворањето –моја заб.) на сите страни, од македонските книжевници (кои јавно не се изјаснуваа за ова), од книжевните организации (кои не го бранеа), од судот (кој му судеше без пристап на јавноста)…" Дури и за југословенскиот ПЕН центар (кој е дел од југословенската инфрастуктура во име на чие рушење му се суди на татко ми во 1985) е збунет од индолентниот однос на матичното ДПМ. Но, не е збунет и неговиот претседател, Гане Тодоровски. Тој ужива во својата позиција на неприкосновен господар на македонската култура, пред кого стрепат сите писатели. Примерот со татко ми е доказ дека имаат зошто. Во еден текст од 1998 Ефтим Клетников соопштува: „Еднаш кога Јован Котески се’ уште беше затворен се најдов на Саемот на книгата во Белград со Матвеевиќ. Почувствував должност лично да му заблагодарам за тоа што го прави за Котески. Ми рече буквално: ’Знаете, Ефтиме, на колена клечев пред еден наш познат инелектуалец со моќна позиција, молејќи го да се заземе за Котески, бидејќи знаев дека може, ако сака, со еден потег да го спаси. И знаете ли што ми рече тој? Нека го. Така му треба! Се разбира, не го прашав Предраг кој е тој наш познат писател-интелектуалец со моќна позиција, но отприлика можев да претпоставам. Ме полазија трпки.“
Ова се многу важни работи. Ако е ова менталната матрица што е содржина во нашата не така одамна мината култура, тогаш ние, луѓето од културата треба да се запрашаме каде стои нашата култура денес и што може од неа да очекуваме? На неа се растени цели генерации средношколци. Вие со нив сте ги заспивале вашите деца. Јас со нив треба да го заспивам син ми. Но, гледате, мене ме фаќа уплав кога ќе отворам книга од секој што е роден пред 1950 година, затоа што стрепам од можноста дека со истите раце тој пишувал и друга поезија. Јас живеев во соседство на повеќедеценискиот терор кој е вршен врз еден од најважните луѓе во поновата македонска култура. Татко ми отиде во затвор истиот ден кога јас тргнав во гимназија. Првиот работен ден од септември, 2 септември 1985. Никогаш не успеав на татко ми да му кажам како ми помина првиот ден во школо.
Бележењата на кои се заснова досието на татко ми има една бинарна функција и жигосување: корисен-штетен, луд- не е луд, опасен –кроток, нормален – абнормален. Тоа е клуч на присилно лепење обележја, диференцијација на секој член на таа заедница: кој е тој човек со кого си се сретнал, каде треба тој да биде, со што да биде окарактеризиран, како да го препознаеш. На маргините на досието следат бројни белешки на оперативните лица, инспекторите, со кои се даваат совети за понатамошно следење. Дел од советите се однесуваат на тоа, кој е најдобар да продолжи да му спроведува стален и индивидуален надѕор на татко ми. На пр. веќе во првиот документ во досието на татко ми од 1961 стои забелешката: "Има услов и поверење да понатаму Х, се пласира кај ова лице (ова лице е татко ми), бидејќи Јонче сметаме дека на него има поверење".
За сите што со години сакаат да знаат, еве како татко ми го преживеа својот политички погром, што траеше преку 40 години. Ако се тоа консеквенците на нашата култура на заробен ум која траела со децении во нашето најблиско минато, сите ние ќе треба да се занимаваме со последиците што оваа култура ги остави зад себе врз сите нас. Ние сме социјализирани така што нам не ни треба цензор за ништо. Со свет кој бил изграден на овие параметри, ние сме самите нашите најголеми цензори. Ако вие имате цела културна политика, идеологија и белетристика која во годините меѓу 1960 и 1990 е базирана на луѓе помеѓу кои е вплетена полициска структура која е тука сите да ги држи во ментален затвор и во тотална изолација од поставување круцијални прашања, тогаш нашата нова култура мора да почне од тука. Наместо културата во нашата нова држава да стартува со преиспитување на овие фигури и нивната улога во македонското минато, ние се занимаваме повторно со прашањето кој ќе биде авторитетот на кого овојпат ќе му одговараме.
Post a Comment