Аушвиц цигари
Аушвиц цигари
(За жртвениот биланс на комунизмот)
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Постои уште една причина, настрана од личната, се’ уште да се пишува за комунизмот. Тоа е универзалната етичка причина.
Комунизмот е најголемата жртвена идеологија на 20 век. Таа уби повеќе луѓе од која било друга идеологија во 20 век. Нацизмот уби околу 25 милиони луѓе, а комунизмот околу 100 милиони. Од тоа, во Кина 72 милиони, во Советскиот Сојуз повеќе од 20 милиони, во Камбоџа 2.3 милиони, во Северна Кореја 2 милиони, во Африка 1.7 милиони, во Виетнам 1 милион, во Источна Европа (Југославија, Албанија, Бугарија, Романија, Полска, Унгарија, Чехословачка, ДДР) околу 1 милион, во Латинска Америка 150.000. Додека светот создаде механизми за комеморација на жртвите од нацизмот, комунизмот не повлече зад себе соодветен комеморативен однос кон жртвите.
Паралелните студии на нацизмот и комунизмот даваат зачудувачки сличности, но и зачудувачки разлики.
Еве некои од разликите. Во Русија, Белорусија и Украина денес, може да купите цигари од марката „Беломорканал“. Беломорканал е кампот во кој се убиени 200.000 затвореници на советските гулази. Замислете каква драма би настанала кога во Германија, денес, некој би пушел „Аушвиц“ цигари? (Во 1985 полскиот дисидент Јан Келус ги нарече Беломорканал цигарите - Аушвиц цигари). Или друга споредба. Во 2002 година руската пошта објави серија марки по повод „80-годишнината на Советската контраразузнавачка служба“ со ликовите на Артузов, Пузитски, Стирн, Балитски - едни од најозлогласените џелати на тајната полиција на Советската империја, кои организираа убивање на половина милион Козаци, илјадници Узбекистанци и кои го наредија изгладнувањето на 11 милиони Украинци. Замислите каква планетарна побуна би го следела истоветниот потег на германската влада да ја извади од заборав тајната полиција на Третиот Рајх и да направи комеморација на Рајнхард Хајдрих, Хајнрих Химлер или на Адолф Ајхман?
Да се негира или да се игнорира искуството од Холокаустот денес е ирационално и без никаков кредибилитет. Победата над фашизмот е една од најважните етички и цивилизациски победи на 20 век. Но да се негираат жртвите на комунизмот со одмавнување на раката е општо место во некогашните комунистички земји, па и во Македонија. Русија на Медведев, денес, ниту го правда, ниту го суди рускиот комунизам. Градоначалникот на Москва предложи повторно подигање на статуата на Џерзински, првиот човек на Чеха, подоцна на КГБ. Замислете што би се случило кога некој во Германија би предложил подигање на статуата на Химлер, првиот човек на Гестапо? Во Русија официјалниот однос кон жртвите на гулазите или нивните деца е државата да доделува „рехабилитација“ во вид на пензија од 3 долари месечно, „практично решение со кое се признава недолжноста на односната личност, но без признание за тоа кој е одговорен“. Во Русија на Путин беше вратена советската химна, со која се вршени масовни злосторства и се стрелани милиони луѓе. Во 2003 година е направена анкета врз над илјада жители од Санкт Петерсбург од кои 45% сметаат дека Сталин има позитивна улога во руската историја. На прашањето дали би гласале за Сталин ако е меѓу претседателските кандидати, 26% одговориле позитивно. За разлика од документираните материјали на жртвите во Германија, Камбоџа и Латинска Америка, главнината на советските искуства останува несистематизирана, а пристапот до официјалните архиви во најголем дел од времето е забранет. Во повеќето поранешни комунистички земји нема никакви позначајни обиди за соочување со минатото, ни внатрешни, ни надворешни процеси, комисии за помирување и сл. – никаква транзициска правдина.
Во септември 2007 бев во Киев, главниот град на Украина. Само во оваа земја, помеѓу 1932 и 1933, Сталин со свесна стратегија на изгладнување убил околу 11 милиони луѓе, во она што денес го знаеме како „големиот глад“. Истата година Советскиот Сојуз извезува 18 милиони квинтали жито во странство. Секојдневно од улиците на Харков биле собирани по 250 човечки трупови, оние што преживеале јаделе мочуришни треви, корења и –други луѓе. Во тие две години се случи најголемиот канибализам во современата историја на светот.
За овој геноцид во Киев има само еден споменик подигнат во 1993 година, во централната црква во градот, споменикот не е поголем од мене. За 10-те милиони жртви од нацистичката окупација на Украина има илјадници антифашистички споменици низ целата земја, високи со десетици метри. На полиците од киевските книжарници, таму кадешто порано стоела марксистичката литература, денес се продаваат книги за евроинтеграции, 70 години се избришани од општата меморија на луѓето. Зошто? Нацистичкото зло е видливо во нашата цивилизација, комунистичкото не е. Од каде тоа чудно молчење за жртвените биланси на комунизмот? Одговорот лежи во политичката анестезија.
Post a Comment