Јасна Котеска
СЕКСУАЛЕН ПАЗАР
На еден маж му е дадена можноста да води љубов со жената на неговите соништа една ноќ. Таа можност е с# што чекал целиот свој живот, с# по што копнеел: ултимативното уживање. Но цената што мора да ја плати е, утрото, на излегување од собата, веднаш да биде обесен. Што ќе направи овој љубовник? Ќе влезе во собата на уживањето или ќе се откаже од сексот од соништата?
Кант, кој ја раскажува оваа приказна, е песимист: љубовникот секогаш ќе се откаже. Има мажи што личат на човекот што Кант го имал на ум. Се ожениле со помалата, наместо со поголемата љубов на својот живот. Не им паднало на памет да се оженат со најголемата љубов, неа ја прележале како заушки уште во студентските денови, охрабрени од маалското друштво. Тоа што го знаат за Ромео и Јулија им е доказ дека страста е неисплатлива дејност. Овој маж има капацитет да се испазари со светот, во драстични случаи се жени како да купува добар коњ. Има уште повеќе вакви жени, но тоа најчесто е навистина тажна приказна... Ваквиот маж ќе апстинира од најголемото уживање, ама знае, во животот, понатаму, ќе го чекаат други, вистина помали задоволства, ама сепак задоволства. Во претсмртна агонија, ќе се потсети на златниот саат на Васа Ладачки. Некои маж или жена ќе влезат во Кантовата соба и самоубиствено ќе водат љубов. Ќе изберат да уживаат без да водат сметка за небесната хармонија. Нема цена што нема да ја платат. Ќе ја платат и тоа е тоа. За овие херои нема што да се каже. Нивната решителност парализира.
Замислувам и трета можност– му побегнал на џелатот и го дочекал следното утро. Но, што се правеше следното утро? За почеток, да речеме, се оди дома. Освен… ако ја доживеал екстазата во лицето на директната смрт, што добога бара во загушливиот автобус, каде што го туркаат сонливи тинејџери што брзаат на училиште? Или, тој поседува палата на Хаваите и дома оди со ролс ројс. Нема многу да му помогнат. Богатава фигура, исто така, ќе се сопне од незгодното прашање: што се правеше “утрото потоа”, а тоа да има смисла?
Да се обидам. Ќе им раскажам на сите. Ќе уживам во спомените долго време. Ќе си најдам хоби, ќе станам перверзна, ќе се возам во лифт со непознати дами и господа (или баш дами), ќе играм домино до изнемоштеност. Ќе ги земам работите во свои раце: ќе најдам начин да се враќам во собата на уживањето неказнета и секогаш ќе уживам со истата доза на восхит… Но, и најголемото уживање по некое време станува здодевно.
Горан Бреговиќ еднаш одговори дека не сака да живее луксузно поради етиката на дозата. “Ако јадам кавијар секој ден, што ќе правам за роденден?” Не е роденденското мени тоа што го загрижува. Него го измачува нејасниот чемер дека веќе во петок кавијарот ќе има вкус на грав.
Очекувањето е секогаш митско. Ништо никогаш нема да ја задоволи мегаломанската глад за она уживање след кое целиот свет може да се распадне, ако баш мора. Но, кога ќе се случи, сексот од соништата веќе не изгледа така добро. Ова не е тоа! Вака најчесто го дијагностицираме оствареното уживање, за тоа да се разликува од очекуваното.
Рене Магрит има една слика “Изневера на сликите”, на која е нацртано нешто што многу личи на луле, а под него има текст “Ова не е луле”. Кога ќе се случи, сексот од соништата најмногу личи на ова луле, заедно со дополнителната забелешка: “Ова не е тоа”. И навистина не е “тоа”. Бидејќи недостасува едно нешто: точно оваа забелешка.
Во уживањето е вградена токму ваква разрока диоптрија: го преценуваме посакуваниот објект (која жена може да одговори на идеалот од Кантовото сценарио, а која пак сака?) а го потценуваме оствареното задоволство. Но, тука е финтата. Најточен одговор на прашањето што се правеше “утрото потоа” е дека следниот ден светот треба да престане да постои за мене, за уживањето да ја добие вистинската вредност. Што не е згодно. Сме смислиле и подобро. Изневера на сликите. Ова не беше тоа, одиме понатаму. Логиката на уживањето е толку парадоксална и толку ефикасна. Што се однесува до Кант лично, тој лично сметал дека љубовта родена од сексот е само апетит. Не е чудно што, додека за љубовните гурмани измозгал брутална казна, од фотографиите ни се смешка анорексичен џентлмен.
Post a Comment