Interview about "The Freud Reader" (2013, Macedonian)


The Freud Reader. Skopje: Kultura, 2013.

Published in Nova Makedonija daily, 20 November 2013, p. 15-16.

You can read it in Macedonian here.



Interviewer: Mimoza Petrevska - Georgieva
Photography: Maja Janevska - Ilieva







Interview about the book: Jasna Koteska. The Freud Reader. Early Psychoanalysis (1893-1899). Skopje: Kultura, November 2013, 862 pp.




Интервју со Јасна Котеска

Автор: Мимоза Петревска - Георгиева
Фотографии: Маја Јаневска - Илиева


- Како што велите во поговорот за книгата, првичната замисла  на оваа читанка била да се состави зборник на стожерни текстови од Фројд, Лакан, Јунг, Кристева, Жижек... Како дојде до тоа конечната верзија да се сведе исклучиво на Фројд? Или прашањето што и самите во поговорот неколкупати го поставувате - Зошто токму сега Фројд?

Верувам дека нам сега ни треба токму Фројд. Ние со години живееме во лична, но и во колективна, национална хистерија, па Фројд е нужна референца за да се разбереме самите себеси. Но, и цивилизациски. Заедно со Дарвин, Ајнштајн и Маркс, Фројд е неприкосновен стожер на современата општествена мисла, автор без кој не може да се разбере современата цивилизација. Со години велам дека како нација, нам ни треба масовна психоанализа, но за таа да се случи потребни ни се соодветни алатки, а основната алатка за тоа е учењето на Фројд. Многу луѓе велат: поважен е Јунг, поважен е Вилхелм Рајх, поважна е Мелани Клајн. Секако дека се важни, но нивните теории се изведени од Фројдовата. Она што кај Фројд е инфантилна сексуалност, кај Јунг станува либидална инерција; кај Ото Ранк станува траума од раѓањето; кај Мелани Клајн - периодот од првите месеци од животот; кај Вилхелм Рајх - сексуалноста на возрасниот, итн.

Иако различни, она што ги врзува овие теории е дека без исклучок се ревизија на Фројд, и тоа на принципот познат од Гуливеровите патувања на Свифт, каде се’ е помало од Гуливер за фактор 12. Ако нешто е високо 1 метар и 20 сантиметри, кај Лилипутанците тоа се претвора во висина од 10 сантиметри, или обратно кај Брондингнанците се претвора во висина од 14,4 метри. Па така, теоријата на Клајн е идентична со Фројдовата, освен што е изразена во месеци наместо во години, кај Ранк е сместена во чинот на раѓањето, кај Рајх е веќе сместена кај возрасниот субјект, итн. Она што ги врзува сите овие психоаналитичари е дека се ревизија на основното учење на Фројд. Затоа сметав дека како култура, треба да започнеме од почетокот, а на тој почеток стои Фројд.

Кога од Андреа Јанковски од Култура добив повик да составам психоаналитички зборник, сфатив дека сите книги со кои работам се на англиски, и дека ние се’ уште го немаме асално преведено и објавено ниту Фројд, за воопшто да размислуваме за негово надградување со поновите школи на психоанализата. Секако, психоанализата и досега се објавуваше на македонски. Во последнава деценија повеќе издавачи објавија важни книги. Темплум издаде два избори од работата на Јулија Кристева и на Славој Жижек, Магор објави две важни книги на Фројд, а Ѓурѓа во последниве седум години објави десетина студии на Фројд. Кај сите овие изданија недостасуваат критичките толкувања, а невозможно е да очекувате дека современиот читател ќе знае да ја процени важноста на некоја студија на Фројд од 1893 година, на пример, ако таа не е толкувана во однос на своето историско време. Учењето на Фројд е обемно, разновидно и честопати техничко, но иако неговиот стил е едноставен, јасен и инспиративен за цели школи хуманисти, заради обемноста, познавањето на Фројд честопати се сведува на издавањето џебни книги што се продаваат во супермаркетите до полиците со шунки и смоки.

Бидејќи мислата на Фројд се развива, созрева и се разгранува хронолошки, денес е воспоставено правилото Фројд да се објавува хронолошки и со критички толкувања. Нашето издание го работевме според изданијата на Фројд од германските издавачи Фишер и Зуркамп, а селекцијата и групирањето на текстовите ја правевме според најреферентното издание на Фројд во светот, 24-томното Стандардното издание на Фројд во превод на англиски јазик на Џејмс Стречи, кое заради квалитетот, стана референтно и за сите подоцнежни германски изданија на Фројд. Во моментов на пазарот го извадивме првиот том, во кој се преведени и толкувани најраните студии на Фројд, досега необјавени на другите јужнословенски јазици. Преводите на Фројд од германски се на Марија Костоска и Ива Фиданчева кои први во регионов ја воспоставија словенската терминологија за раниот Фројд.

- Што со појавата на психоанализата како еден драматичен момент во хуманистиката закогаш се смени во човековата  мисла и историја?

Фројд е првиот современ мислител кој објасни дека човек не владее со самиот себеси. По демонстрацијата на Коперник дека не сме центар на универзумот, и на Дарвин дека луѓето се само дел од еволуцијата на живот свет, Фројд е третата инстанца во линијата понижувања на човекот. Врз обемен клинички материјал Фројд покажа дека „егото не е домаќин во својата куќа“ и дека со нашите животи владее сила што ние не ја владееме, а името на таа сила е - несвесното. Отпорот кон Фројд и некогаш и денес, не се должи толку на неговото инсистирање на сексуалноста, колку на фактот дека Фројд го развласти човека од просветителската идеја дека е разумно, свесно битие.


- Хенри Милер во една  пригода  ќе каже дека вистински ученик  е оној што прв ќе ја искриви вистината.... Познато  е дека Фројд е еден од најмногу и најпогрешно интерпретирани автори. Дали во оваа читанка се определивте за догматично толкување на раниот Фројд или креативно читање? ( И зошто?)

Хуманистите денес го читаат Фројд главно преку Жижек, или Лакан, или Кристева, авторите на најкреативните апликации на Фројд од позиција на радикални, шармантни, лудистички и невротични синови и ќерки. Сите овие автори негуваат отворен презир кон догматските, стерилни и идолопоклонички хуманисти што го доминираа фројдизмот помеѓу 1900-тите и 1960-тите години. Но, јас сум архивски тип, по вокација сум филолог и не ме мрзеше да копам низ подзастарена литература со цел да видам што има во догматскиот фројдизам. На мое изненадување најдов дека во тој застарен корпус има критични сознанија, клучни за разбирањето на раниот фројдизам, што сосема исчезнуваат во новиот фројдизам. Затоа во овој том побројни се референците кон стручните психоаналитички списанија од последниве стотина години, а поретки кон Жижек и Лакан. Изборот на догматскиот фројдизам беше условен и од фактот дека раниот Фројд не го познавал Едиповиот триаголник, не зборувал за трипартитната структура на човечката личност: его, суперего и ид, итн., па радикалните и шармантни читања на Фројд ќе беа негација на традицијата на која Фројд тогаш припаѓал и на која сакал да и’ припаѓа. Најкратко, се обидов да го доближам историскиот Фројд, така како што зборувал и звучел во своето историско време.

- Најважното откритие на овој зборник, како што велите самите, е што откривате дека има многу поголема сличност  меѓу современета невронаука и најраниот Фројд отколку меѓу доцниот Фројд и современата медицина. Зошто е тоа така? (Дали конечно претежна вреднувањето на Фројд како за научник отколку како чудак?)

Фројд бил ценет невролог, еден од водечките европски авторитети за афазија и бил автор на фасцинантен опус од преку 200 објавени невролошки книги, статии и истражувања пред да започне да работи со психоанализата. Фројд ја имал несреќата да живее пред технолошките можности и својата генерална теорија на умот ја извел само од работата со хаотичниот, психолошки материјал што му го нуделе пациентите од неговата виенска ординација. Доколку би живеел денес Фројд би работел со магнетни резонанци. Една важна гранка на современата невронаука денес работи на спојување на невронауките и психоанализата и смета дека Фројд ги антиципирал најголем дел од денешните сознанија на невронауките. Повредите на мозокот ги фасцинирале луѓето уште од Антиката. За разлика од повредите на другите органи, луѓето отсекогаш знаат дека оштетувањата на мозокот некако го менуваат човека, дека ја менуваат неговата личност.

Иако двете дисциплини се раѓаат во исто време, Фројд ја претпочитал психоанализата пред неврологијата од две причини. Првата е техничката: неврологијата во времето на Фројд се сведувала на обдукција, еден вид форензичка патологија; интернистот морал да почека пациентот да умре за да го сецира со цел да ја проучи евентуалната врска помеѓу некој надворешен симптом и мозокот, додека самиот Фројд не ги сакал инструментите и многу рано од својата работа го исфрлил дури и микроскопот. А втората причина е суштинската: Фројд верувал дека неврологијата ја исклучува психата и сметал дека е невозможно човек да даде опис на човека; верувал дека е невозможно човек да се однесува кон човека како кон објект, затоа својата дисциплина ја одвоил од медицината и ја сместил на пресекот на повеќе науки: неврологијата, филологијата, психологијата и биологијата, и сметал дека човечката душа треба да се проучува на овој пресек.

- Како по правило името на Фројд се врзува со поимите за човековата сексуалност. Која е најголемата заслуга на Фројд како психоаналитичар?

Современата цивилизација го претвори Фројд во циркус кој одлично поминува дури и во најлошите години на Холивуд. Доколку би бил жив денес, Фројд би бил изваден од памет како е толкуван. Единствениот човек кој Фројд го сметал за свој учител бил францускиот патолог Шарко, прв голем европски авторитет за хистеријата, кој во медицинските амфитеатри на париската клиника Сал-Петриер ги прикажувал женските хистерици во нешто налик на фрик-шоу; од хистеријата создал сексуален перформанс, со јасни еротски елементи; женското тело во хистеричен пад било покажувано, изложувано, но и - немо. Овој чин на сексуализирање на болното, опасно, но истовремено и привлечно тело, оваа двојност на болеста и задоволството, на заразата и страста, на крајот на 19-тиот век на пациентките на Шарко им донесе статус на театарски ѕвезди и тие станаа најомилените пријателки на суреалистите. Шарко го сакал визуелното, бил доктор на спектаклот и за него хистеричарките биле едвај изложбен експонат, кои ниту биле прашани за нешто, ниту пак им било дозволено да зборуваат во свое име. Кога Фројд започнува да работи со невротичарите, тој настапува од сосема обратни позиции. Фројд го спасува невротикот од сиот тој визуелен циркус и својата ординација ја инсталира како аскетско место, а самиот секогаш седнувал зад каучот и потоа започнувал внимателно да го слуша пациентот. Тоа е епистемолошки суштинска разлика во третманот на психата во однос на Шарко. За разлика од Шарко кој создал методологија за проучување на човечката психа базирана на окото, Фројд обратно го повластил - увото!

Фројд упорно ја игнорирал филмската уметност и парадокс е дека самиот заврши како главна алатка на холивудската индустрија, каде постои и стручен термин што сценаристите го употребуваат кога протагонистот го „опремуваат“ со Фројдовската траума од детството, името за тој сценски термин е „заднинска рана“ (backwound story), која служи како мотивација за се’ што ликот прави. Фројд би бил запрепастен од ова банализирање на траумите, кои денес станаа дел од генералниот сензационализам и на филмовите, но и на луѓето. Во иста смисла, Фројд никогаш особено не сакал да работи со сексуалноста. Кога од првите клинички материјали добива увид дека зад еден дел од неврозите се крие некаква тајна, самиот не бил задоволен од објаснувањето и упорно барал други причини за неврозите (од наследни па до културни). Најголемиот дел од раните текстови на Фројд зборуваат за неговиот отпор да се претвори во сексолог. Колку што раниот Фројд зазирал од мистиката и од метафизиката, исто толку зазирал и од сексуалноста. Кога прифатил дека една причина зад поведението на луѓето е сексуалноста, тоа го направил само по цена на жртвување на дел од својата наука и само откако сфатил дека човекот ќе мора да го прифати и како биолошко битие. Но, раниот Фројд давал отпор кон сексуалноста, одбил да го користи терминот „нагон“ и оперирал само со поимот „потреба“ - толку била голема неговата желба да се дистанцира од биолошките основи на човекот, па сепак психолошкиот материјал упорно го враќал кон сексуалните поведенија на луѓето. А најбитно од се’ - за Фројд, стабилниот човечки субјект е оној кој го одложува итното задоволување на нагоните. Во сите фази од својата работа Фројд заговарал повисоко вреднување на секундарните процеси (мислењето, уметноста, творењето) над примарните процеси (задоволувањето на нагоните, вклучително и сексуалниот).

Photo by Maja Janevska-Ilieva (2013)
- Во центарот на неговиот интерес е човековата душа... феномен кој на почетокот на 21 век е на маргините. Луѓето се пренасочени повеќе да се интересираат за најновите технолошки дивајси отколку за сопствената душа.  Дали затоа имаме свет каков што имаме?

Верувам дека технологијата не ја исклучува душата. Еден од култните филмови на 20-тиот век, Блејд ранер, го постави токму прашањето за иднината на врските помеѓу душата и технологијата и финалниот одговор на филмот гласеше дека технологијата не ја исклучува душата. Ова, парадоксално, е и ставот на самиот Фројд. Во 1929 Фројд се враќа во Германија за да му ја заменат протезата што му била вградена поради рак на грлото, протезата била огромна, нешто како зголемено забало, направена така што устата била одвоена од назалниот дел, било ужас да се гледа во неа, а луѓето ја нарекувале „чудовиштето“. Сепак, интимно, Фројд уживал во предностите од протезата, а кога се вратил во Берлин за замена на протезата, тоа било само кратко по завршувањето на неговата најпозната студија од доцната фаза, Неугодното во културата (1930), во која зборува за односот на човекот и културата, за чувството на одговорноста, како што пишува во едно писмо до Лу Саломе. Со ваков ортопедски додаток во устата, Фројд се обидува да одговори на прашањето: каква ќе биде иднината на човекот, дали човек ќе ја изгуби душата? И одговара дека идниот величествен човек ќе биде некаква варијанта на „протетички Бог“, кога ќе ги стави на себеси сите свои помошни органи, дури тогаш ќе стане навистина величествен. Ова е раната Фројдова антиципација на светот кој доаѓа и Фројд вели дека ќе го посведочиме приближувањето на органското до протетичкото. Но, Фројд не бил циник, ниту наивен мислител, неговата дијагноза гласи дека иднината на човештвото ќе биде во претворањето на човештвото во ѕвездена сила, во етичка формација што ќе го истражува просторот и ќе го хуманизира космосот, а единствената можност тоа да се случи ќе биде ако човек допушти душата да остане составен дел од технологијата, ако не и самата нејзина суштина.

- Како со фројдовски јазик би го опишале моментот што го живееме (агресија, страв, стеснување на видиците, идентитетски лутања)?

Ние се разденивме во инфантилен свет со кој владее рекламократијата која ги претвори сите луѓе во една единствена генерација инфантилни деца од 7 до 77 години. Психоанализата не беше невина во тој процес, но одговорноста за оваа инфантилизација не е на Фројд, туку на неговиот внук, Едвард Бернајс, син на неговата сестра Ана. Веднаш по емигрирањето во Америка, Бернајс започнува да ја гради својата доктрина на пропагандата, да ја комбинира Фројдовата психоанализа со психологијата на масите за да ја изведе својата централна теза дека манипулацијата со јавното мнение е суштината на демократијата. Операцијата на Бернајс доведе до еден од најмонструозните процеси на современото општество: убедувањето дека луѓето го посакуваат она што до вчера не ни знаеле дека постои!

Фројд е производ на крајот на 19-век, кога семејниот живот во Европа е релативно автономен и здравјето на децата зависи од затворениот семеен круг. Но, детството какво што го познавал Фројд, ние веќе не го знаеме. Врз децата денес влијаат мноштво фактори надвор од семејните односи: масовните форми на школството, здравството, забавата, потрошувачката, мас-медиумите и пропагандата, кои не само што го еродираа семејството, туку доведоа и до целосен колапс на родителските улоги и неможност да се разликуваат доброто од злото. Тоа доведе до нарцисоиден инфантилизам на цели генерации, кои иако одбиваат да пораснат, сеедно се експлоатирани од апстрактната бирократска машинерија. Денес веќе не зборуваме за биолошкиот, садистички татко во Фројдовска смисла, туку зборуваме за функцијата што ја нарекуваме „Име на таткото“, како знак дека целото општество стана патер фамилијас што го напаѓа детето со контрадикторните побарувања: истовремено и да ужива, но и да го ограничува своето уживање - перверзна мешаница од Фројдовите постулати. Но, велам, раниот Фројд не зборувал за Едип, ниту пак имал претстава дека во доцниот капитализам ќе се случи олкава експлозија на зголемениот Едип. Нашата цивилизација ги пренесе траумите од семејниот терен во домените на апстрактната бирократија, шизоидната потрошувачка и тоталитарното политичко радикализирање на 20-тиот и 21-виот век.

- Поминаа неколку години од објавувањето на твојата претпоследна книга Комунистичка интима (во која се навраќаш на своето детство и голготата на твојот татко Јован Котески во времето на комунистичкиот режим). Паралелно течеше и болниот процес на лустрација кој го поминаа многу истакнати личности.... Зацелени ли се раните?

Не верувам дека може да зацелат раните на едни луѓе, ако истовремено се отвораат рани кај други луѓе. Мене ми требаа години за да продолжам да работам по таа книга, а Фројд се наметна како логично продолжување, делумно и затоа што во суштината на раниот Фројд е токму - прашањето на траумата. Но велам, раните на едните не се зацелуваат ако се отворат рани на другите! Уште во декември 2005 година кога за првпат јавно прозборев за приказната околу татко ми, во истиот текст предупредив дека ќе биде погрешно ако сведоштвата на траумите ги преземе некоја недопирлива и невидлива инстанца, какви што се владините комисии за лустрација. Така поставените комисии никому нема да му помогнат, како што никому и не му помогнаа. Нема лечење од траумата ако некогаш ранетите сега бидат воздигнати, а некогаш воздигнатите сега бидат ранети, затоа што историјата е голема илузија, и таа замена на ролјите не само што е привремено решение, туку придонесува за разединување на луѓето и не гарантира мир на долги патеки. Мирот е интимна категорија и до него не се стасува со државни протоколи. Речиси цела деценија зборувам за потребата од целосно декласирање на сите досиеја од комунизмот, нивно ставање во јавен домен, а потоа кој сака нека се занимава со нив, но без нивно ставање под државна капа. Не може државата да ви биде и градител и историчар и психијатар, и сите тие работи одеднаш. Така поставената држава, набрзо и самата ќе има потреба од психијатар.

По игра на судбината, како ќерка на татко ми, посведочив тоталитарен криминал, големо молчење за тој криминал и во еден момент едноставно одлучив јавно да прозборам за сето тоа. Таа приказна ја туркав сама, како осамен јавач во прерија, без поддршка од ниедна политичка структура, и од никого навистина, но тоа беше, и е, само мојот избор. Имав среќа македонското општество да биде доволно созреано за да ја слушне мојата нарација, и за мене тоа е доволно. Државното соочување со комунистичкото минато кај нас дојде премногу доцна за да очекуваме државен бекап, оти тој бекап дојден олку доцна не само што ќе ги руинира сведоштвата на оние што ја преживеале траумата, туку ќе отвори простор за нови трауми. Верувам дека најголемиот гест на помирување што сегашната македонска држава би можела да го направи по ова прашање е да се извини за криминалот направен во име на претходната македонска влада. Тоа истовремено би значело и продолжување на континуитетот на македонската државност, и одбивање да се произведуваат нови серии непријатели, но и покажување доверба дека македонските граѓани имаат сила самите да изнајдат механизми взаемно да се помират. А дури и ако не се помират во сите случаи - и тоа е сосема нормална и здрава форма на постоење. Верувам дека за нашето општество во моментов не постои поразумно решение од ова.

- Како човек и научник ве карактеризира жив, искрив, младешки дух... кој се наѕира и во вашите книги. Како успеавте да го сочувате низ годините?

Не знам, верувам дека мене всушност манифестно ми недостасува смисла за хумор. Но, сепак верувам и дека ведроста е речиси прашање на егзистенцијална обврска. Да се биде весел во очајни времиња е нужност. Не во смисла на Буда кој е весел затоа што е слободен - тоа е лесно, тоа е религиозниот хумор. Туку во смисла дека тагата е безизгледна. Моето сфаќање на улогата на човекот во денешниот свет е дека човек има обврска да не биде тажен.



 

Post a Comment