Interview for Communist Intimacy - Forum (2008)



Во периодот од 1960 и 1990 г. во Македонија имало помеѓу 12.000 и 40.000 доушници кои прислушувале или следеле уште најмалку толку поединци.
Ако некоја книга се занимава со оваа тема, тоа е доволна причина да разговараме со нејзиниот автор. Јасна Котеска е професор по книжевност на Филолошкиот факултет. Таа е автор на книгите „Постмодернистички литературни студии”, „Македонско женско писмо”, „Санитарна енигма”, и сега на „Комунистичка интима” дело, како што вели самата Јасна, што долго време одбивала да ги напише, но иако со години избегнувала да и’ погледне на вистината во очи, како и кај многумина други автори, темата ја избрала неа.


Разговарал: Влатко ГАЛЕВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ
Форум, 21.11.2008


ДОСИЕ „ИНТИМИСТ“

ФОРУМ: Промоцијата и излегувањето на твојата најнова книга Комунистичка интима предизвика силна медиумска раздвиженост. Но се чини дека интересирање пројавија и некои други профили и категории граѓани кои можеби се препознаваат во книгата.

Раздвиженоста ја гледам како симптом не толку за мојата книга, колку за потребата на луѓето да зборуваат за комунизмот. Во некои земји, како нашата, комунизмот беше некако прескокната тема. Тоа создаде трауматски џебови, системот заборави, но луѓето не заборавија. Кога во Киев ги шетав книжарниците, на полците кадешто некогаш стоела марксистичката литература, денес има книги за евроинтеграции. Седумдесет години се избришани од општата меморија на луѓето, во книгата се обидов да одговорам зошто. Инаку, во неа има имиња, но нема листа за отстрел, таа е обид за анализа на човечкиот инжињеринг што стоел зад оваа идеологија, не е паланечко раскусурување. Читав по блогови, луѓето велат дека нивните дедовци и татковци биле порепресирани од татко ми, немам ништо против. Татко ми беше парадигма за една траума, на крај памет не ми е да ја монополизирам таа тема, ниту пак пишував хагиографија за татко ми. Сакав луѓето да се сетат на своите приказни. Сите значајни нови книги за комунизмот доаѓаат од западните академии, додека тоа е и наша, лична тема. Ако сте од Балканот, не значи дека ќе бидете подобар балканолог од странците, но не значи и дека ќе бидете полош. Личните искуства се и предност, не се само товар. Мислам дека будењето од комунистичкиот сон, нам ни се случи дури овие години, и тоа парадоксално токму со носталгичните феномени како “Броз Кафе”, “Кај Маршалот”, “Сојузот на Титовите леви сили”… – тие дадоа вртоглава потврда дека сме доживејале смена во политичкиот универзум. Затоа е ова добро време за преиспитување на комунизмот - не за ги натераме луѓето да ги заборават своите среќни спомени, тоа е глупаво, туку да се обидат да ги направат покомплексни, да ги сместат до спомените на помалку среќните меѓу нив.

Книгата истовремено е пишувана во стилот на интимна и семејна епика од една страна но и како теориско-есеистичко истражување и елаборирање за феноменологијата на комунизмот и тоталитаризмот, од друга страна. Дали оваа стилско-естетска амбивалентност не ја доведува книгата во некои деликатни дискрапантни зони или сепак сметаш дека постои можност за создавање на вков литерарен амалгам?

Тема на книгата е интимата во комунизмот. Ако пишувам за интимата, фер е да ја напишам и мојата. Не гледам конфликт меѓу личниот и теорискиот дел. Не верувам дека може да напишете добра книга за еден концепт, ако не ви е и лично битен. Ако не ви е важно вам, како ќе им биде важно на другите? Кога ја пишував “Санитарна енигма” за мене чистото беше лично прашање, кон тоа имав тензичен однос. Потоа луѓето доаѓаа и ми зборуваа дека чистото им е секојдневна тегоба, дека не се неутрални. Не пишував семеен еп, не сум писател, мене ме интересираат концептите, работам со теорија, но и теоријата мора да биде лична за да каже нешто важно. Најзначајната книга за протетичкото тело, денес, е на Дејвид Вилс, чиј татко носел протеза. Гајатри Спивак пишува за постколонијализмот, затоа што тоа е нејзината судбина, и слично. Тој пристап ниту е нов, ниту е непознат за светот. Филозофите се дури подготвени да се “самопроизведат” во сопствената тема, за да ја запознаат подобро. Го гледав Делез во еден документарец, Делез напиша книга за анималното, а во документарецот имаше огромни, животински нокти. За него, за дадениот момент, животинското не е само концепт за промислување, туку нешто со што експериментира врз себеси. Јас, ете, не морав да експериментирам, за жал, другите веќе го сториле тоа, без да прашаат. Да можев да бирав, нема да сакав да е така.

Колку долго ја работеше книгата?

Околу четири години. Сакав да помине доволно време, за да не напишам патетична книга. Не сакав да напишам ни хумористична книга. Повеќето успешни портрети за комунизмот, денес, се симпатичните, идилични слики како во “Збогум Ленин”. И тоа го разбирам - од една страна, со хуморот полесно ќе ги натерате луѓето да направат ре-апропријација на своите некогашни искуства. Ако кажете “не го сакам комунизмот” таа ригидна реченица ги разбркува оние што се уште би можеле да почувствуваат некаква емпатија. Но, од друга страна, тие филмови и книги испраќаа порака дека невиниот хумор може да го победи радикалното политичко зло, што не е точно. За мене е тоа ужасно неодговорна порака. Политичкото зло не се победува со учтива маска, туку со сериозен увид како оперираат репресивните системи.

Освен досието, потребни биле и дополнтелни истражувања. 2005 е релативно доцна да се погледне досието кое постоело многу години пред тоа?

Досиејата беа дадени на увид во 2000-та година. Но, тие се болна тема. Не ми требаше време за истражување, ми требаше време да научам да се носам со фактот дека татко ми бил следен со децении. Ја заобиколував фиоката со досието со години, просто затоа што ме болеше. Потоа научив дека ако почнам да го читам, можеби ќе почне помалку да ме боли.

По завршувањето на книгата постоеше ли некакво чувство на катарза, во име надминување на траумата?

Не знам. Преведувачката на дел од книгата на српски јазик, ми пиша дека не може да разбере како сум можела повторно да го преживувам истото искуство, додека го опишував. Но, има нешто што го знаат луѓето со траума. Кога ја повторуваат, тие не го прават тоа заради враќање, заради репродукција, туку за да отуѓат дел од чинот, за да ја тампонираат траумата. Западните земји со раширената мрежа на јавни и тајни исповеди, го знаат тоа добро - иако делува небулозно, зборувањето за траумите не е погрешно, повторувањето има ослободувачки калем. За споредба, по паѓањето на комунизмот, на кого годе да му зборував за затворот на татко ми, на сите им беше непријатно, затоа што не постоеше никаков препознатлив ритуал, со којшто би можеле да ми одговорат. Затоа е важно државата да создава механизми за однос кон сопственото жртвено минато. Тоа го има во малку од овие земји, во Русија, на пример, состојбите се очајни. Ако сте живееле во жртвена идеологија, катарзата не може да се случи како лична, или е заедничка и помирувачка, или е никаква.

Се надевам дека ова дело ќе делува колективно и ќе одекне и кај оние што ги вршеле тие следења.

И јас се надевам, но повеќе од кодошите, се надевам дека книгата ќе одекне кај следените. Кодошите не ми беа примарна тема, тема ми беа системите, во чие име тие оперирале. Не ги игнорирав кодошите, но повеќе сакав да видам под кои услови биле возможни масовните жртвувања. А масовни злосторства има таму кадешто има премолчена соработка на сите со сите - комшијата со кој си киселел зелка, колегата со кој си пиел кафе…, во тој случај соработката е обезбедена преку идеолошкиот штит. Малите злосторства се прават од користољубие, а големите од убедување, идеалите ве ослободуваат од грижата на совеста. Затоа е важно прашањето за одговорноста. Кога светските агенции деновиве пишуваат за Кундера како потенцијален кодош на својот колега од студиите, тие не велат дека Кундера е помалку вреден писател заради тоа, туку бараат повеќе вистина за едно време.

Какви реакции очекуваш да има книгата кај нас?

Не знам. Знам само што и’ посакувам на книгата - да не биде инструментализирана за политички цели. Оваа книга не е лева, и не е десна, таа е книга за едно минато време. Кодошите и обвинителите на татко ми подоцна се распоредиле во двете најголеми македонски партии, во помалите, или во ниедна - нема дистрибуција според некој логичен клуч, нема манихејска слика, минатото е сложено, и затоа треба да се проучува внимателно.

Дали очекуваш повеќе луѓе поотворено да зборуваат на оваа тема по излегувањето на твојата книга?

Еден пријател, кога ја прочита книгата, не сакаше да зборува ниту за татко ми, ниту за книгата, туку за баба му, за нејзините непријатни искуства од комунизмот. Тоа би сакала да и’ се случува на книгата. Ако ги натера луѓето да направат ре-апропријација на своите искуства, да ги превреднуваат, тоа е за мене доволно.

Дали си добила впечаток (закани) дека нечие име од вмешаните писатели можеби, не смееш да го спомнеш во книгата?

Не знам, немам таков впечаток. Писателските кругови се одликувале со ужасен садизам, со клановска припадност, и сакав да го опишам тој менталитет. Заканите може да доаѓаат од сеирџиите, а може и од луѓето кои биле дел од удбашка приказна околу татко ми, која се’ уште не е расчистена.

Ален Гинзберг е тој што се залага за ослободување на твојот татко, што мислиш дали со ова се менуваат и нештата во Македонија во доцните 80ти?

Не се согласувам со бранителите на југословенскиот комунизам дека само првите две децении под Тито биле репресивни. Колаковски за поранешна Југославија напиша дека тоа беше земја на “идеолошка хаотичност”, истовремено си можел да бидеш спротивставен на режимот, но и полесно да завршиш во затвор одошто во најлибералните советски сателити, Унгарија и Полска. Исто така на врвовите на диктатурата, Титовиот режим знаел да биде попустлив, но во најслободните децении, да завршиш во затвор, како татко ми. Бирократскиот апарат зависел од локалните паланечки толкувања на идеологијата, татко ми е уапсен во 1985 кога во Словенија Лајбах и НСК работат со профашистичка иконографија. Кога Гинзберг престојува во Македонија за да го прими Златниот венец, во својство на тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во светскиот Пен-центар, тој неуспешно се обидува да иницира бунт меѓу македонските писатели за ослободување на татко ми од затвор. Неговата иницијатива наидува на глуви уши, тоа потврдува дека иако моралните избори биле возможни, особено за интелектуалците, особено во осмата деценија, интелектуалците најчесто одлучувале да бидат “неутрални”. Но, неутралноста е етички проблематичен избор, со него ја избираш удобната позиција да бидеш на страната на појакиот, истовремено писателите биле паланечки опседнати со “достоинството” на својот еснаф, како сега ќе се срамат да реагираат?!


...И Матвејевиќ помогна...

Предраг Матвеевиќ беше тогашен претседател на југословенскиот Пен-центар. Тој организираше петиција со потписите на писателите од светот за ослободување на татко ми од затвор. Со неговите писма до Окружниот суд во Скопје и до Сојузниот суд на Југославија во Белград, успеја да издејствува експресно ослободување на татко ми од затвор во 1987. Во едно од писмата, Матвеевиќ пишува дека југословенскиот Пен-центар е запрепастен како може никој да не реагира, и ги набројува македонските книжевници (кои јавно не се изјаснувале), книжевните организации (кои не го бранеле), пишува дека судот му судел без пристап на јавноста. Дури и југословенскиот Пен-центар, кој е дел од југословенската инфраструктура во име на чие рушење му се суди на татко ми во 1985, е збунет од индолентниот однос на македонските писатели и ДПМ, но не се и нашите културни сфери.

Споменуваш и за твоето искуство од посетата на Музејот на Штази?

Се водев од тезата на Вердери дека да се проучува една земја како типична е неважно. Ниедна социјалистичка земја не била типична, како што не може да се каже дека Холандија, Нов Зеланд, Јапонија или Америка се типични, туку дека се варијанти на единствениот капиталистички систем. Сакав да видам како оперирал комунизмот, и како идеологија, но и како реал-социјализам, како разлика помеѓу ветувачката платформа и несимпатичната стварност. На интернет најдов една фондација што се занимаваше со ревидирање на комунистичките искуства во Германија и во Унгарија и со нив бев во Штази-музејот. И искуството го опишав во книгата. Одите во Штази и очекувате дека таму ќе го видите надоаѓањето на големото Зло, но пред вас ќе се испрчат празните катови со празните канцеларии, кои го замаглуваат доаѓањето на злото. Злото е непретставливо, не може да го покажеш со прст и да кажеш - ете, вака изгледа злото. Во Штази гледате обична бирократска инфраструктура и иако знаете дека од тие телефони им се пресудувало на стотици контрареволуционери, тие канцеларии се составени од едно обично ништо, тие се празната, апстрактна бирократска машинерија која го оркестрира злото, она што Хана Арент го опиша како “баналност на злото”.

Колку беше возможно да се направи рехабилитација на делото, а ако е можно и на животот на Јован Котески?

Не пишував книга за да го подобрам местото на татко ми во книжевниот канон. Неговото место е сосема добро и не верувам дека би му било подобро ако стане лектира, тогаш никој нема да го чита. Во книгата татко ми не е книжевен татко, туку мојот биолошки татко. Исто така, еден човечки живот не треба да се рехабилитира, тој по себе е вреден. Сакав да ги објаснам механизмите заради кои се случувале комунистичките жртвувања. Секако не треба да бидеме наивни. Капитализмот е исто така ужасна идеологија, денес секоја поважна интернет-компанија тврди дека ја чува вашата приватност, парадоксот е дека истата компанија ги собира вашите податоци како своја сопственост и тоа точно повикувајќи се на правото на луѓето над својата приватност. А конкретно за Македонија ме загрижува што со ребалансот на буџетот во 2008 огромни пари им беа доделени на службите за контраразузнавање. Тајните служби никогаш не работат против т.н. надворешниот непријател, едно од најинтересните сознанија од Директориумот С на КГБ, инаку составен од имиња на странските шпиони, беше дека целата идеја зад тајните служби е исклучиво демнењето на т.н внатрешен непријател.

...Кој најчесто и не постои...

Во комунизмот постои во лицето на секој еден. Нејасно е кој се’ можел да заврши на таа листа. Идеологијата распишувала повик: има ли меѓу вас некој што сака да биде жртвуван? Бидејќи таков немало, сами го наоѓале. Жртвите биле регрутирани од истите етнички, раководни, професионални и семејни структури, од интелектуалци, до селани, од претпоставената буржоазија, од секој што изразил сомнеж, напишал песна, раскажал виц, украл јаболко па бил прогласен за контрареволуционер.



 

Post a Comment