Насилството на македонската култура

Насилството на македонската култура
(За македонска писателска смотра)


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Да, навистина сум само патник, скитник на земјава.
Дали сте пак вие нешто повеќе?
Гете


Значи, "биографијата на пријателите", онаа што твоите колеги, македонските писатели и поети, во долгите децении меѓу 1960-1990 година, ја пишувале за тебе, без да знаеш за неа….

Што тие стручни и креативни пера успеаа да напишат во жанрот "биографија", на тема: "еден скитник на земјава", за сите овие децении?



Досието на татко ми покажува на кои принципи била градена стратегијата на контрола во културната сфера, во годините меѓу 1960 и 1990. Ако го напуштате домот, тогаш вие сте следени. По улиците кружат управниците, општинарите, полицајците, соработниците, информаторите, службениците на ДБК, вашите пријатели, но вие не можете да распознаете кој е кој. Вие сте врзани за вашето место, вашето место има име, а во случајот на татко ми тоа име е ПОО "Интимист". Вие сте интимист, и како таков крајно сте сомнителен. Нема што да бидете "интимист" во 1961, кога сите други се социолози.

Во досието на татко ми дефилира ужасна смотра на живи и мртви поети, литерати, случајни луѓе – и полицајци. Светот од досието на татко ми е свет на опсцена комбинација на македонски писатели и полицајци, кои често се спојуваат во ист човек. Тоа е свет во кој немате стабилни координати на пријателство. Повеќето "пријатели", колеги и писатели се тука за да го стегаат обрачот околу својата мета. Секој и се’ е уво.

Од досието на татко ми е јасно дека типот на контрола што била вршена врз него се засновала на систем на постојани извештаи, списоци и записници. Информаторот му поднесува извештај на управникот, управникот го доставува овој документ до три други инстанци: книгата за информации, отсекот на ДБ и папката за легална врска. Во јануари 1988 во домот на татко ми се јавило лицето Х за да изрази "новогодишни желби и честитки". Содржината на тие честитки е препратена до ТРИ други инстанци.

Записниците го поврзуваат центарот (главешините на ДБК) со периферијата ("пријателите" на татко ми). Власта се дистрибуира преку исклучив начин, со правилно хиерархиско устројство, до најниската инстанца, до крајниот сводник, кој го бележи секој потрес кај следениот. Тоа бележење оди до трагикомични ситуации. Во документот на информаторот од април 1961 татко ми за време на ручекот му се пожалил на својот "пријател" дека е незадоволен од системот, Х "добронамерно" го потсетил татко ми дека нему лично му е добро и нема што да се жали. Одеднаш настапува "пресврт". Цитирам од досието: "Јонче изненада излегол надвор од кафаната пошто некое лице врвело (и) отишол со него да разговара." Во превод ова значи дека татко ми станал да се поздрави со друг пријател. А тоа е повеќе од доволна причина за аларм во хиерархиско устројство. Оперативната забелешка бара да се види кој е поздравениот и бара тој да биде претпоставен како нова мета за следење. Ова устројство го бара "правото" име за секој со кој си се поздравил, го бара "правото" име на твоето постојано критикување на системот, на твојот вишок смисла, на твојот поетски сензибилитет, на твојата "болест".

Сакам да ви ги доловам монструозните димензии на оваа контрола што систематски била спроведувана над татко ми најмалку три децении. Замислете си за момент дека сте татко ми, македонскиот поет Јован Котески, во април 1961. На 18 тој месец, сте се нашле со вашиот пријател (името му е чкртнато со црн фломастер) за да ручате во хотелот "Македонија". Во разговорот сте се жалете дека македонските села се сиромашни и дека во Македонија има преголемо српско влијание. Вашиот "пријател" всушност е доушник и веднаш тоа им го пренел на службите. Во јуни 1964 сте биле на гости кај еден пријател. Вие сте во група на македонски поети. Зборувате за некои словенечки списанија. Писателот-домаќин е доушник. Истиот месец сте се шетале "по корзо" (како што стои во досието) со тројца од најпознатите македонски писатели. Едниот од вас е доушник. Истиот месец со тројца македонски писатели сте отишле на гости кај четвртиот. На писателите сте им се жалеле (цитирам од досието) дека: "Вашингтон на српско-хрватски јазик во емисијата за Југославија многу подетално дава информации отколку нашиот печат". Македонскиот писател, а ваш домаќин, е доушникот. Во октомври 1964 со неколку луѓе сте биле во нечија канцеларија (чкртнато е во чија). Тоа е "работната просторија на соработникот". Истиот месец со пет колеги, писатели, сте се нашле во хотелот "Турист". Сте зборувале за "оставката на Хрушчов", вие сте рекле дека се води "прокинеска политика", еден од вашите пријатели е доушникот. Истот месец паднал некој авион на Авала, а вие сте на гости кај вашиот колега, поет, вкупно сте петмина македонски поети. Вие изразувате сомнеж дека не може тукутака да падне авион на Авала. Домаќинот е доушник.

Ако сте го живееле животот на татко ми меѓу 1960 и 1990, вашите доушници се секогаш до вас. Власта е распоредена на многу тела. Но тие не седат на соседната маса, не ѕиркаат од зад саксија, не се преправаат дека читаат весник во фоајето. Ова не е филм. Ова е вашиот живот, а информаторите се вашите најблиски пријатели и колеги, македонските писатели. Како и сите луѓе на овој свет, и вие со вашите пријатели зборувате за работи што ви се важни, што ве болат, што ве радуваат и што ве вознемируваат. Вие сте македонски поет и важно ви е се’ што има врска со македонската култура и институциите што ја водат, со македонскиот јазик и неговата чистота, со македонските села затоа што за нив пеете во својата поезија, важна ви е идеологијата, затоа што како секој поет на оваа планета и вие сметате дека имате право да размислувате за неа. Но додека вие им зборувате на вашите пријатели, вие не знаете дека всушност му зборувате на едно хибридно, двоглаво суштество кое има едно лице на поет и друго лице на полицаец без униформа. Вашите најдобри "пријатели" се секогаш до вас: во едни документи вие сте на гости кај нив, во други сте во ресторан, во трети во клуб, во четврти во хотел, на некое читање, на состанок, во нивниот службен автомобил, во бифето, во канцеларијата, вашата или неговата, или нејзината. Сите набројани места се фактички локации од досието на татко ми.

Кога ќе ја погледнете оваа дифузија на власта и нејзиното најперфидно пенетрирање во интимниот свет, преку вашите пријатели, не можете а да не се прашате, каде е границата? Некои пријателки на мајка ми, а сопруги на нашите поети, во досието се, исто така, разобличени како доушници. Каде завршува списокот? Какво изненадување ве чека зад црните фломастери што ги кријат другите идентитети?

 

Post a Comment