Фетиш рецесија (2009)

Дневник, 10/02/2009

линк

Фетиш рецесија
Јасна Котеска

Има една позната анегдота за големиот дански физичар, Нилс Бор. Кога на неговата куќна порта, посетителот здогледал потковица, зачудено му рекол: „Немој да ми кажеш дека од сите луѓе на светот, токму ти веруваш дека потковицата носи среќа?“ Славниот физичар му одговорил: „Не верувам. Но, слушнав дека функционира, дури и кога не веруваш.“ Минатата недела германскиот министер за економија, Пеер Штајнбрук, беше фатен со слична „економска потковица“, кога за време на парламентарната дебата против сиромаштијата беше фотографиран како си го проверува своето лото-ливче. Заради актуелната галопирачка рецесија, оваа вест го обиколи светот. Германскиот „Билд“ пресмета дека шансите министерот Штајнбрук да ја добие премијата се 14 милиони спрема 1, со други зборови, весникот пресмета дека шансите лото-ливчето да му донесе пари на министерот, се еднакви на шансите потковицата да му донесе среќа на физичарот. За германскиот „Билд“, министерот изјави дека ливчето го добил „на подарок“, со други зборови го даде истиот одговор како Бор: „Лично не верувам, но другите велат дека функционира, дури и кога не веруваш“.

Што имаат заедничко потковицата, лото-ливчето и тековниот проблем со парите? Го имаат она што психоанализата го нарекува фетиш (или, поконкретно: фетишистичкото одбивање). Фетишистичкото одбивање е кога таму, на пример, гледате женско стапало, но за вас тоа не е само конкретното женско стапало, туку самата жена во нејзината „целина“, целиот еротски пакет што го посакувате. Таков фетишистички расцеп имаат и парите. Парите имаат едно физичко тело (метално или хартиено), но и едно „тело над телото“, некаква над-материјална супстанција, вредност што сме се договориле да им ја припишуваме. Сличен фетишистички расцеп имаат и лотаријата и потковицата: „Јас знам дека ова е само лото-ливче или потковица, но сепак, тие се направени од некаква посебна супстанција, врз која дури и економијата и физичките закони нема никаков ефект“.

Иако базичната логика вели дека парите се „пореални“ од лотаријата или од потковицата, сепак тие се базираат на истата виртуелна доверба. Некогаш, во Средниот век, постоел само концептот на златната монета. Златната монета се разменувала за точно толку колку што реално чинела, за својата „фактичка“ вредност. Таа подоцна била заменета за хартиените пари, кои имале само симболична вредност. „Добрите“ (реалните) пари од Средниот век биле уништливи - се трошеле, се губеле или се краделе. „Лошите“ пари беа воведени како виртуелна заштита, сега никој не може да ве украде, затоа што вашите пари и не постојат во физичкиот универзум, но Општеството ја гарантира нивната вредност. Но, колку, воопшто, општеството може да ги гарантира парите? Кризите во Исланд, отпуштањата на работниците и од најстабилните западни корпорации, покажуваат дека има ситуации кога гаранцијата е едноставно невозможна.

Каде во сето ова стоиме ние? Македонија навидум ја научи првата лекција за фетишистичката природа на парите преку пирамидалните штедилици од раниот посткомунизам. Но, деновиве активираниот процес против Соња Николовска покажува дека таа лекција се повторува. И покрај сето криминално минато на Соња, луѓето некако одново и одново се подготвени фетишистички да инвестираат верба дека таа сепак ќе успее да произведе фантомски вишок капиталистичка вредност од Ништо. При што, Соња Николовска е само СИМПТОМ за една многу поголема драма врз која почива македонската (додуша и светската) економија. Фетишистичкиот фантазам за парите што доаѓаат од никаде. И додека деновиве ја чекаме платата што никако да стигне, додека компјутерските системи не може да ги процесираат реформите во УЈП, а последните фактички пари на земјава се трошат за безумните, разулавени реклами на владата, тековната рецесија нема да не’ одмине, дури и да сме последната дупка на светот. Но, ултимативното прашање (логично токму заради фетишистичката природа на парите) гласи: А, што ако таму воопшто нема никакви пари?

Има еден расказ на Филип К. Дик. Се случува во едно мало, провинциско американско гратче од 1950-тите. Сопственикот на куќата се приближува до бавчата зад куќата, но наместо бавча, таму одеднаш наоѓа ливче на кое пишува „Ова е бавча“. Херојот постепено доаѓа до сознанието дека некоја мистериозна владина комисија ги брише ФАКТИЧКИТЕ предмети заради научен експеримент. И наместо реалниот, физички свет, комисијата создава свет на празни ливчиња, свет без супстанција. Свет во којшто не постои ништо, освен празните зборови. (Слично е со холивудските мизансцени – кога снимаат вестерни, американските продуценти градат улици со предните ѕидови на фактичките куќи, и ние автоматски претпоставуваме дека зад фасадите постои некаква „полна“ куќа. Но што ако „полната куќа“ воопшто не постои? Што ако зад неа има едно големо – Ништо?) Со други зборови, додека веруваме дека зад нашите фабрики има реални хали што произведуваат пари, што ако некоја мистериозна владина комисија таму не става ливчиња на кои пишува: „Ова се работнички хали. Тие прават пари.“? И потоа, тие ливчиња ги емитува како телевизиски реклами. Како „холивудска“ утеха против анксиозноста на луѓето. И луѓето реагираат според инстинктот на Нилс Бор: „Јас знам дека халите не произведуваат пари. Но, слушнав дека е доволно другите да веруваат, за да верувам и јас.“

Пред десетина дена еден мој пријател, кој работи како културен аташе за една странска земја во Словачка, по телефон, ми рече: „Во Братислава веќе акутно се чувствува рецесијата“. На прва топка, „холивудски“, одбрамбено всушност, му одговорив: „Во Македонија нема рецесија.“ „Секако“ - возврати мојот пријател – „Како ќе имате рецесија, кога вие сте постојано во рецесија?“ Кога спуштив телефон, ми текна на расказот од Филип Дик. Вистинската драма нема да настане кога ќе сфатиме дека зад дното има дупло дно, дури и бунар без дно (се’ помалку и помалку пари). Туку кога следниот месец наместо фактичката плата ќе добиеме ливче со текстот „Ова е вашата плата“.

 

Post a Comment