Јасна Котески „Јован Котески: Досие 5622“ (2006) 14/14

Јасна Котеска

ЈОВАН КОТЕСКИ: ДОСИЕ 5622
http://jovankoteski.blogspot.com/



14. Отворање на архивите


Дали би гладувал, би плачел, би се тепал?
Дали би се кинел себеси, дали би пиел оцет?
Би јадел крокодили? Гледаш, јас би…

Шекспир

Во февруари 2006 во "Фокус" излезе истражувањето на Блаже Минески за пристапноста до полициските досиеа за периодот 1944-1990. Во 2002 година во Државниот Архив на Република Македонија се дадени на чување над 14.000 лични досиеа на Службите за државна безбедност. На 5 јули 2000 година е донесен "Законот за постапување со досеиа за лица водени од Службата за државна безбедност". Според член 21 од тој Закон, овој Закон важел само една година. То ест влегол "на сила осмиот ден од објавување во 'Службениот весник на РМ', а ќе се применува една година од денот на влегување во сила." Но, овој закон е вграден во "Правилникот за користење на досиеата во Архивот" донесен на 1 јануари 2003 година. А Правилникот имаше еден нов елемент, што го немаше во веќе неважечкиот Закон. Имено, лицето што сака да го види своето досие, освен фотокопија од лична карта, мора да достави и "изјава заверена кај нотар дека "под целосна материјална и кривична одговорност лицето што има увид во досието нема да пренесува лични податоци за други физички лица што се наоѓаат во неговото лично досие'". Тоа значеше дека "Правилникот за користење на досиеата во Архивот" беше уште попроблематичен дури и од веќе неважечкиот Закон, затоа што во Законот не постоеше член со кој се бараше потпишување изјава пред нотар.

Со зборовите на Блаже Миневски: "Кодошот има углед, а жртвата не само што нема углед, туку не смее ниту да помисли да го посочи јавно лицето што му го уништило угледот или, можеби, животот, воопшто… Значи, доколку жртвата го објави името на џелатот, државата ќе му помогне на џелатот неговата стара жртва повторно да биде жртва, а џелатот - џелат". Затоа, останува релеватно прашањето: Како беше можно, во Македонија до пред две години се’ уште да е невозможно да се погледнат документи стари и по 60 години, без тој што ги погледнал и што ги направил транспарентни за јавноста, да не одговара пред законот? Да претпоставиме дека Службите за државна безбедност имаат разузнавачки информации кои, за доброто на сите нас, е важно да останат државна тајна. Но, зарем е можно сите над 14.000 досиеа да имаат таква тежина, што интегралното откривање на тие досиеа да е се’ ште ваков политички проблем?

Во февруари 2006 година бев во Државниот Архив на Република Македонија и побарав да го видам интегралното досие на татко ми (значи без пречкртаните делови), но одбивајќи да ја потпишам изјавата кај нотар. Од службеното лице што работи на овие досиеа ми беше речено дека таа заштита е потребна заради мојата безбедност и заради фактот дека може да настанат проблеми – на пр. со зборовите на работникот во Архивот "некој може да посака да убие некого". За мене ова е нелогично, не само затоа што со таа изјава не се штити тој што бил директна или индиректна жртва на системот, туку повторно се штити тој што кодошел, и поважно- затоа што главниот аргумент за нетранспарентноста е сосема нелогичен. Жртвата може во осамата на собата во Архивот да види кој бил неговиот/нејзиниот кодош, но со тоа сознание потоа треба да си оди дома, без можност од катарза. Токму во тој случај „некој може да посака да убие некого“. Катарзата може да настане само кога јавноста морално ќе го осуди лицето кое кодошело, бидејќи во тој случај, јавноста на жртвата и’ го враќа она што еднаш и го одзела- правдината. Конечно, во земја со оваа историја на ужасни подземни градови од кодоши и ужасно блокирана идеја за макар провокација на поредокот, сосема е невозможно дека гордоста е категорија од која овие луѓе, кодишите на еден минат систем, ќе бидат смртно ранети. Тие ќе мора нешто да проголтаат, па нека голтнат по ѓаволите! Што се’ не се наголтале другите во нивно име?

На 22 јануари 2008 македонското Собрание со 73 гласа „за“ и ниеден „против“ го изгласа „Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција“, предложен од Стојан Андов, лидер на Либералната партија на Македонија, кој се доживеа како прв чекор кон спроведувањето лустрација и кон демистифицирањето на комунистичкото минато. Лустрацијата е замислена да опфати период од 66 години од 1944 до 1990 и да се спроведува пет години, според неа секој сегашен и иден функционер треба да даде изјава дека не бил соработник на тајните служби, а процесот ги опфаќа и наредбодавците и корисниците на информациите! Проверката на веродостојноста на изјавата ја врши комисија избрана од Собранието со двотретинско мнозинство, а составена од претседател, заменик претседател и деветмина членови.

Проблемот со ова решение е дека повторно е вклучена инстанцата на медијација (овојпат тоа е Комисијата, што посредува помеѓу минатото и луѓето), што значи дека ниту сега архивите начелно не се слободни. На пример, јавниот обвинител во судскиот процес против татко ми е Јован Трпеновски како корисник на информациите прибавени од кодошите и со „Законот за вршење јавни функции“ тој не би можел да прифати јавна функција. Доколку во една хипотетична ситуација, Здружението на правници или адвокати би решило да го избере Јован Трпеновски за свој претседател. Вака формулираниот закон дава некаква идеја за правдина – тој што како дел од номенклатурите на претходниот систем вршел репресија, сега не може повторно да се вклучи во политичкиот систем.

Но, главниот проблем останува – а тоа е дека некој повторно го посредува минатото, овојпат тоа е Комисијата која единствена има нерестриктивен увид во минатото. За разлика од некои од комунистичките земји, каде веќе по падот на режимите, во Архивите влегоа некои нови "деца" и направија попис и опис на се’ што најдоа во нив, кај нас од 1990 па се’ до денес (2008) полициските архиви се начелно затворени за јавен увид, односно остануваат пристапни само со сериозни рестрикции. Историчарите се кријат зад податокот дека архивите од поранешна Југославија се горени во бункерите во Босна, но сите разузнавачки документи редовно биле препраќани до најмалку три инстанци, што значи дека ако се горени главните архиви, не се горени и обласните архиви, кои се’ уште чуваат материјали за проучување. Во секој случај, со нашите архиви премногу долго време останаа да управуваат луѓето од полициските номенклатури и тие, реално, имаа време сосема да ги префабрикуваат сите досиеа и од нив да направат раскази. И не е исклучено дека, на пр. 20% од сите досиеа се сосема исфабрикувани приказни. Но, тие 80% … - нив заслужуваме да ги знаеме. Во септември 2007 ја посетив зградата кадешто некогаш бил сместен штабот на Штази службите, контраразузнавачката служба на ДДР, во Берлин. Во најдобрите времиња Штази вработувале 91.000 шпиуни за надгледување на земјата од 16.4 милиони. Тоа била најголемата германска шпиунска мрежа, три пати поголема од Гестапо на нацистите, а се шпиунирало на територија само 1/4 од таа на нацистичка Германија. Штази имале џиновска мрежа на шпиуни, кои во службите пристапувале своеволно, заради пари или присилно. Вообичаено морале да потпишат декларација за пристапување, која потоа била архивирана. До 1989 година 173.000 соработници имале потпишано ваква декларација, од нив 91.000 работеле како активни шпиуни. Шпиуните редовно се среќавале со своите претпоставени и лично им рапортирале за колегите, пријателите и соседите. Долниот дел од зградата на Штази, денес, е претворена во музеј, на горните спратови се наоѓаат историските и архивистички служби. Досиеата се пристапни за сите. Доколку дојдам од Македонија и побарам да проучам одредено досие, секое досие ќе ми биде дадено на увид. На Германија не и’ е сеедно што се случувало во нивното минато, но уште помалку би и’ било сеедно ако тоа што се случувало, се крие. Цената на траспарентноста не е мала, но парадоксално, таа боли многу помалку одошто таинственоста. Независно од стравовите на скептиците дека досиеата ќе предизвикаат реваншизам, сеирџиство и сл., се покажа дека само граѓаните на поранешната Источна Германија, кои целосно ги отворија своите архивите, не претрпеа никаква штета од увидот во сопстеното минато. Од минатото се профитира само таму кадешто никој или мала група луѓе има пристап до него.

Текстот за првпат, излезе во списанието „Маргина“ бр. 71, 2006, 133-173.

 

Post a Comment