Јасна Котеска: Јован Котески Досие 5622 (2006)


Јасна Котеска

ЈОВАН КОТЕСКИ: ДОСИЕ 5622



Текстот за првпат излезе во списанието "Маргина", бр.71, 2006, стр. 133-173.


Информации за книгата „Комунистичка интима“ (2008), од чиј дел е овој текст овде.



1.
БИОГРАФИИ


БИОГРАФИИ-ЖЕЛБИ



Зборовите не го донесуваат богатството од врвот, ниту она од утробата на бреговите. Иако, постои живото сеќавање кое го преместува богатството како рака што милува -преку сите работи вредни за сеќавање. Тоа сеќавање не може да се запише
од невешта рака и со груб алат…

Кафка


Биографии. Биографиите се желби, најчесто се желби да се сочува, да се задржи платоновското сеќавање за човекот кој е предмет на биографијата. Дури и во најсувите биографии постои една скриена, а мегаломанска амбиција (препознаена макар во оној единствен тривијален детаљ), амбиција да го фати она нешто од-онаа-страна, каде човекот што е предмет на биографијата пеел, мислел, танцувал, творел, живеел, амбицијата да го сретне во тоа пеење, мислење, танцување, творење, живеење…

А, сепак, сите биографски средби не се исти, има, имено, најмалку два типа желби врзани за желбата да се меморира еден живот… Првиот тип желби се средбите кои тргнале да се поздрават, водени од потребата за еден секогаш веќе невозможен допир со оној што веќе го нема, тоа се средби како поздравување, средби во потрага по заедничкиот измешан мирис. А, вториот тип. Вторите, се желби за тврдо повторување на извесноста, средби како ужасна потреба од ремеморација, од репродуција на прапризорот, на првата слика за човекот што е предмет на биографијата, потреба да се фати и да се замрзне неговата причина, неговото движење; желба да се досегне оној невидлив детаљ преку кој ќе се отвори, ќе се рашири се’ од неговиот живот, се’ што може да им биде (и баш затоа што може- баш затоа и ќе им биде) послужено на хиените од градот, желба да се фати се’ "до талогот" на еден човечки живот, за потоа тој цврсто воспоставен талог да стане услов за изобличување, за казна и за усмртување.

Секако, и двата типа биографски средби се записи, тие се записи составени од зборови, од зборови кои ја пробиваат невината хартија, ја уништуваат нејзината глатка површина, нејзината секогаш веќе спремност да го прими записот. Но, токму заради тој пробој, важна е раката што го пишува записот, раката што го движи пробојот на хартијата. Затоа е важна желбата што ја движи потрагата по изгубеното минато, по меморијата за еден живот, по сеќавањето. Биографијата, како што рековме, е составена од зборови. Тие зборови се тука за да потсетуваат. Но, како воопшто зборовите може да потсетуваат?

Биографијата како сцена на историјата, и особено, книжевната биографија како сеќавање за книжевната историја, секогаш веќе мора да биде запис кој е нежен, запис кој милува, запис кој не тргнал кон желбата да цементира, да усмртува и да уништува. Биографијата не може да се воспостави преку репродукција- секое прифаќање (кое заедно со мистеријата, го чини еден човечки живот) е можно само на симболичен начин, само во отсуство, ин абсентиа, само кога самата биографија ќе застане на прагот пред влезот во туѓиот живот, и на прагот ќе реши да (се) самозапре...




БИОГРАФИИ-ЛЕКСИКОНИ


Рано е за последниот збор, ви велам,
зборувам скоро од крајот – прв,
јас не бев на сцената за што ме обвинувате
јас бев самиот сцена во крв!

Евтушенко


Значи, постојат најмалку два типа биографии. И секако, тука се третите, најчестите биографии- оние кои се помалку или повеќе составени од факти. Фактите за Јован Котески собрани од разни лексикони – еве што има во нив:

Јован Котески (1932-2001) е поет кој припаѓа на т.н. трета генерација македонски писатели, што се јавува во 1950-тите години, на која припаѓаат Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски… Роден е во селото Присовјани, Струшко, како четврто од пет деца на Петкана и Васил Котески. Детството го поминува како овчар-измеќар, чувајќи туѓ добиток. Во 1946 се запишува во Охридската гимназија, живее во интернат. Во 1948 година, татко му, кој работи како шеќерџија во Братислава, Словачка, е затворен од страна на словачкото Информбиро и е осуден на долгогодишна робија. Со татко му, се среќава само двапати во животот, еднаш на седум, и вторпат на 26 години. За втората средба од 1958 Јован Котески подоцна пишува: При враќање, се јавил кај една моја тетка, а таа го довела во мојот ќумез, кај што престојував под кирија како студент. Приквечер, кога се вратив од факултет, во собата гледам – гостин. И еве една прегратка на еден опустен, тегобен живот. Во 1954 година се сели во Скопје, запишува студии по литература, кои никогаш не ги завршува. Три децении работи како новинар во радио Скопје. Во 1958 година ги објавува збирките песни: “Земја и страст” и “Насмевка пред зорите”, а следат: "Злодоба" (1963), Тежина” (1965), "Пеплосија" (1966), “Сенки” (1972), “Зелени порти” (1975), “Хераклеја” (1978), “Поморија” (1981), “Бденија и сновиденија” (1982), “Полилеј” (1983), “Плодови” и “Тапија” (1985), "Живожарица" (1990), "Сончева белегија" (1990), "Морници" (1991), "Глувчето со двоглед" (поезија за деца, 1991), "Ралица" (1992), "Злодоба" (1992), "Лелејка" (1994), "Самотија" (1994), "Празник" (библиофилско издание во ракопис, 1995), "Трагач" (поема, 1995), "Решетки" (1996), "Приќе" (1997), “Одрон” (1998), "Разор" (1999), "Картечница" (2000). На 2 септември 1985 година е уапсен и осуден на 5-годишна робија. Обвинението го терети за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавање независна македонска држава, што фактички се случува седум години подоцна. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната Југословенска федерација. Најголем имплус за негово ослободување од затвор меѓу македонските писатели (која акција, инаку, никогаш не се случува) во текот на 1986 година покренува американскиот поет, Ален Гинзберг, како тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во Светскиот ПЕН центар, кој таа година престојува на Струшките вечери на поезијата. По интервенцијата на Југословенскиот ПЕН центар (со седиште во Загреб), во јули 1987, по нецели две години робија Котески е пуштен на слобода. За неговото ослободување најмногу е заслужен франкофонскиот писател, тогашниот потпредседател на Светскиот ПЕН центар и претседател на Хрватскиот ПЕН клуб, Предраг Матвеевиќ, кој во текот на 1990-тите години и самиот паѓа во немилост на националистичкиот режим на Фрањо Туѓман. Со писма до Окружниот суд во Скопје и до Сојузниот суд на Југославија во Белград тој успева да издејствува преиспитување на пресудата за Котески и негово експресно ослободување од затвор во јули 1987. До 1989 година, Котески е невработен, а потоа е примен на работа како библиотекар во библиотеката "Другарче", каде останува да работи се’ до пензионирањето. Патува во Хрватска и се среќава со Предраг Матвеевиќ. Во 1995 добива награда на анонимниот конкурс за поема. Последната деценија од животот ја поминува во релативна изолација во својот дом во Скопје, страдајќи од параноја. Во 2000 година излегува тротомен избор од неговата поезија на македонски јазик. Во ноември истата година, седум месеци пред смртта, успева да види селективни делови од своето досие за апсењето. На повеќе од 300 страници е забележано дека бил предмет на иследување во текот на 40 години од животот. Умира на 12 јули 2001 во Скопје, во кругот на најблиското семејство.



БИОГРАФИИ НА "ЕДНО ЕДНО"

Обливиум, тоа е она што брише.
Што? Означителот како таков.
Лакан


Потоа, постојат оние биографии, кои тоа не се; биографии кои се составени од нагонски сеќавања, оние во кои си се конституирал како “едно едно” (првиот означител, дека на пр. јас засакав едно животно), и потоа има “едно две”, кога јас се сместувам таму каде што е износот, не на ниво на “едно”, туку на "едно двете". Каде веќе почнува да работи она што е запис што ја пробива невиноста на хартијата…

На тоа место каде е "едното едно", местото на јас, неговото дете, постојат некои изолати од мемории, излачувања, интроекции што се (веќе) куци за сите смисли и за сета работа зад реконструкциите. На тоа место може да видам како се гледам, но не можам веќе да видам. Тоа е просторот што зборува од една точка што веќе не може да се сети. Тоа е место на губиток, каде се случува замена на фантазмите со реалноста, нешто несведливо, нешто кое можеби функционира како тој првобитно потиснат означувач. Значи, од тоа место на "едното едно" еве некои мемории.

Татко ми, а тоа е човекот од Лексиконите заведен под името Јован Котески, на своето дете му ја чита песната "Два морнари на брегот" од Лорка. И му ја толкува песната, појаснувајќи му дека тоа не се два, туку еден ист морнар, но едниот во него продолжил да патува со бродот по сите мориња на светот, а другиот во него останал во едно пристаниште во Азија кај жената што ја ќе ја сака целиот живот.

Друга меморија, друг изолат. Татко ми купил слика. На неа има вазна со три цветови, стилот на Пикасо. Вазната ја држат три раце. "Сликата не е ништо посебно, можам да ја нацртам поубава", велам, а јас сум дете. Татко ми се насмевнува, нека земам хартија и нека се обидам. Одам во собата и ја цртам истата слика по сеќавање. Му го покажувам листот, татко ми вели дека сум ја нацртала истата слика. "Но, поубаво." "Да, (насмевка) но целата работа не е да ја нацрташ истата слика, туку да ја нацрташ својата слика, така како што сликарот ја нацртал својата"…

Трета: татко ми ѕвони тој петок на врата. Никој веќе втора година не ѕвони на нашата врата. Ѕвонењето – тоа е движење на заканата,… во затвор од оваа страна на затворот... Тој петок, отворам врата и го гледам татко ми, ненајавено вратен од робија, експресно ослободен, тоа утро, во затвореничко одело, не стигнал да го соблече, се’ што мислел тој момент, тоа утро, е дека треба што побрзо да стигне дома. Не сфаќам дека во меѓувреме на местото на мојата голема љубов се родила една голема здодевна омраза. Мојот прв имплус е да му ја затворам вратата. За сите да продолжиме да живееме по затворите, секој во својот. Не сфаќам дека, ако можеби знаел да ме сака само малку помалку, ако само малку повеќе сум знаела да го разберам она што ни се случувало, немало да го мразам толку колку што го мразев од моментот кога го снема. Секоја љубов се чини самодоволна. Љубовта во времето на крвавите системи, исто така. Не си подготвен за губитокот, јас не бев...

Четврта меморија: татко ми во куќата што се распаѓа од немаштија и глад. Татко ми во 1994, се враќа од работа и по обичај прашува дали некој го барал. Никој?

Петта: Брат ми дипломира, тој март, сега е атомски физичар. Татко ми пијан со дипломската работа на брат ми излегува од дома за да најде пари, брат ми треба да се врати во Белград, ќе работи во Нуклеарниот Институт во Винча, имаат и згаснат реактор. Татко ми се враќа и фрла на масата 400 марки. Се клати. "Седев во друштво на млади луѓе, бизнисмени, Јасне. Еден од мојата генерација седи таму… ми вика, Јоне бе не се бламирај, дојди барем со мене, не седи на маса со деца… А потоа виде, е кога извади детево да брои, … 100, 200, 300, 400,… го запрев; доста е му велам, ќе ти ги вратам, а тој мене: Чичко Јонче ако ми ги вратиш, ќе те тепам. А јас ќе му ги вратам и затоа му викам, тепај ме, ама јас ќе ти ги бројам на рака како ти сега." Се клати со плавата тетратка "Дипломски рад, кандидат: Васил Котески, Факултет за физику, 1994", седнува на едно купче книги, купчето паѓа, ама татко ми се’ уште ја стиска тетратката "Дипломски рад"….

Шеста: Процесот на долгото помирување. Еден човек, што случајно го запознавам на една конференција, ме бара за некаков проект. Немаме пари и работам сешто. Неколку месеци ме убедува да одам во Будимпешта каде што предава, ме запишува на неговиот универзитет, ме прибира да живејам со неговото семејство, ми ја отвора вратата на својата библиотека, ми го дава Фуко и руските дисиденти, читам се’ што нема никаква врска со моите студии. Неколку дена пред крајот на тие студии, ми го покажува дебелото досие на дедо му. Мојот професор е, всушност, внук на еден од комунистичките кодоши на Унгарија. Ова е неговиот начин да се оддолжи. По мене, во куќата се вселува една девојка, која бега од Белград на Милошевиќ. И таа живее без пари, и таа чита книги што & ги дава нашиот професор… Ни помогна да најдеме речник со кој ќе знаеме да си ги објасниме работите што ни се случуваат во нашето историско време…Да, тој беше син на поранешен комунистички кодош.

Татко ми, дента пред да почине. "Овој дом не е дом. А се потрудивме. Еве, мајка ти ставила овде слика, и овде цвеќе, и овие полици. Прекрасно. Но, ова не е дом. Ќе ме разбереш, нели? Секој мора да си оди дома. Јас сега мора да си одам дома..."



БИОГРАФИИ НА "ПРИЈАТЕЛИТЕ"


Вие сакате да свирите на мене, сакате да го дознаете мојот клуч; сакате од срцето да ми ја искорнете тајната; би сакале да може да одекнам од најнискиот тон до врвот на својата скала. А еве го овој мал инструмент во кого има прекрасен глас и обилни тонови, па вие сепак не можете да го натерате да проговори! По ѓаволите, мислите ли дека може полесно да се свири на мене одошто на една фрула? Наречете ме кој сакате инструмент; вие може да ме пипкате, но не можете да свирите по мене.

Шекспир


И потоа, секако, ги има тврдите биографии. Нив вообичаено ги пишуваат оние што ти се смешкаат и држат нож зад грбот. Твоите пријатели, македонските поети и писатели. Кога во ноември 2000 година за првпат татко ми ми го покажа досието, тоа беше неколку месеци пред да почине. Толку време имавме, време за помирување. Некои меѓу нас, децата на политичките затвореници, немаа ни толку среќа. Првото нешто што ми го покажа беше графата: "Соработка со Внатрешни Работи: немал!" А потоа ги читаше тие 300 страници (од којзнае колку) што му дозволија да ги види од своето досие и да ги има, со само неколку имиња, со половина страници ичкртани со фломастер, за да го констатира тоа што го знаеше цел живот. Дека 40 од 69 години од својот живот е предмет на иследување. И потоа, сфативме дека паранојата не била параноја, дека стравот не бил ирационален луксуз, туку виша состојба на спознание. И потоа, читаш, те боли, ама барем гледаш дека не си луд.

Кога татко ми излезе од затвор, му се случуваше на улица да му свртат глава неговите најдобри пријатели, нашите литературни доајени, нашите лектири. Истото & се случуваше на целата моја фамилија. Разбираме, им било тешко, не знаеле како да се поздрават, а да не се повредат. Ги разбираме, ама да се разбереме, нема никогаш да ги разбере поетот и детето во татко ми, затоа што за тоа дете, тие механизми не може да бидат разбрани. И во име на тоа дете што не ги разбра, во име на татко ми што веќе го нема, имам само едно да им порачам, од устата на хрватскиот рапер, Едо Маајка: Да ви ебам матер!

Кога татко ми ми го остави досието, основното прашање во прво време за мене не беше кој, како и зошто, туку едно сосема друго, инфраструктурно прашање. Како изгледала конкретно таа машинерија? Кој ја отчукал оваа страна? Како се викала таа дактилографка? Кој ја направил оваа печатна грешка? Дали овој пропуст е минималниот знак здравје? Кој го прислушкувал брат ми додека се договара за тренинг по атлетика? За какво добро била таа информација? Вредело ли? Како се викал телефонистот? Дали кога ја пренел "информацијата", тој, конкретен доушник, писател, таа наша лектира, имал чувство дека работи нешто корисно? Како изгледал "информаторот"? Што доручкувал тоа утро? Со која реплика ги испратил децата на училиште? Дали со платата што ја примал за својата подземна работа, направил од своите деца среќни и добри луѓе? Затоа што ако направил, барем тоа е некаква галактичка утеха. А, ако не направил, мене ни тоа не ме теши…

Исто подоцна, додека чекаш автобус, одеднаш ќе ти светне и едно лично прашање. Мене ми се случи тој автобус едно утро. Кога ми стана јасно дека тој апарат за прислушкување кај нас дома е ставен во време кога сум му го рекла првото ало на мојата прва симпатија. Тој бил тајна за сите мои пријателки, но не и за државната структура. Да можам да бирам, нема да сакав да е така. Да можеше брат ми да бира, нема да сакаше да е така. Но гледате, ние немавме избор.

Тоа се фундаментални работи и многу се важни. Не можете да прислушкувате една нација без никакви последици и потоа да очекувате дека таа нација ќе ви биде нормална. Не можете, потоа, едно утро да им кажете: треба да влегуваме во Европа, немојте да преминувате улица на црвено. Тие со своите трактори ги изгазиле сите интимни координати на нашите човечки животи, минувајќи секогаш и задолжително на црвено, ги минале сите семафори на една човечка интима, а потоа од нас бараат да застанеме на зелено и да бидеме лојални на нивните конвенции. Нема тоа. За да има фер, мора да биде фер од двете страни.

Во досието на татко ми има документ дека е ставена направа за прислушкување кај нас дома, но нема документ дека некогаш е извадена. Ќе речете, никој луд нема да се занимава со прислушкување на пензионерските разговори на мајка ми денес, но гледате не можеме да знаеме. Затоа што таква е таа логика на системот. Тој мора да те држи во параноја. Тој нема да ти каже кога почнал да те прислушкува и нема да ти каже кога престанал. Намерно нема да ти каже кога престанал, за да не се опуштиш. Тоа е малобоговска логика: никој не те прашува дали сакаш да дојдеш на овој свет, никој не те прашува дали сакаш да си одиш. Да си одиш од нивниот паноптички поглед. Тие одлучуваат. Тоа е позиција на семоќ.

И точно затоа што цели генерации деца на бившите политички затвореници молчат како и јас, токму затоа таа семоќ е фактички можна, иако никој никогаш нема и нема да има легитимитет да им ја даде… Едно од основните прашања на оваа држава е да створи механизми со кои ќе ја направи видлива таа страница од своето минато, страдањата на цели генерации и наследници на жртвите во политичките пресметки. Се извинувам, ама ако може денес во секој трет весник да се отвора медиумски простор во кој луѓе ќе се жалат колку болела липосукцијата, ќе мора да дозволат да се каже дека и ова болело. Татко ми беше политички затвореник во време кога во Словенија веќе се случија Лајбах и НСК. Во време кога реално се’ се распаѓаше. Во време кога ништо не остана, ние Македонците (всушност вие, Македонците) (и) тогаш решивте да се екипирате за да ги расчеречите оние со еретички мисли.

Ми се случувало да го спомнам Идризово и луѓе со кои соработувам со години, да ми кажат дека нивниот татко, очув и сл. биле политички затвореници. Прво што во тие моменти ми паѓало на памет е прашањето: па добро, мајку му, колку нe’ има? Стварно, колку нe’ има? Базичното прашање останува: ако имате цели генерации "Судени за Македонија", главното прашање е како ова Македонија ги инкорпорира нивните искуства, како ги канализира нивните енергии? Зборувам во име на сите деца на политичките затвореници, иако сите наши приказни се различни од сите други. Толку е комплексно, и ви останува со сите нас да се занимавате. А она што нe’ спојува е прашањето: дали знаете на што се осудени овие луѓе? Тие се осудени на живеачка во која културата од нив побарува покорување на еден тип културна амнезија. Како да постои општо прифатен консензус со кој ние се договараме никогаш да не зборуваме за загубата. Не е проблемот во рехабилитацијата. Ќе добиете документ дека сега е се’ во ред, но со тоа може да се сликате. Ќе се вработите во инсититуциите на системот и ништо нема да ви биде полесно. Ќе изгледате вклопени. Ќе биде се’ во ред. Но вие знаете. Вашите татковци (и мајки) се жигосани. Цели делови од нивните животи се маркирани со црн фломастер, како деловите од нивните досиеја. Исто и животите на вас, нивните потомци. Вие потомците, не знаете што да правите со црниот фломастер. Ако боговите му намениле на татко ти да страда, ти не можеш да живееш во благосостојба, па не знам какви координати да воспоставиш за себе. Нема такво нешто како логика на здравје, ред и разум. Нема. А затоа што нема, нашето општо прашање гласи: каде се тие луѓе, колку се функционални за ова оштество, што со нивната јавно непризнаена болка? Каде со неа?

Не сакам никого да навредам, ама реално гледано во една ваква (нова) држава, а со ваков стар багаж, ние сите сме помалку пролупани. Не сме имале друг избор. Џабе ние, луѓето од културата, се занимаваме со егзистенцијалистичките прашања. Ние веќе не смееме да ги прескокнуваме фундаменталните прашања на нашето историско време, на нашата мисла во нашето историско време, а таа мисла гласи: што од нас направија нижите облици на политичкото боговластие? Нашите најважни културни и субјективни прашања, со кои ќе треба да се занимаваме во следниве неколку децении, мора да бидат прашањата што прават луѓето што трпеле без субјективна вина, а во име на локалниот политички бог? Ако сакаме автентична постмодерна, таа ќе мора да личи на нас. Ако една нација сака да биде здрава, таа мора масовно да се психоанализира себеси. За да ги сознае подобро своите механизми. За да знае што и се случувало и каде стои сега. Нас и тоа не мрзи. Во име на сето ова, ги повикувам децата на бившите политички затвореници да ги отворат досиеата што ги чуваат дома. Знам дека ги заобиколуваат фиоките, затоа што ги боли, ама ако ги отворат, еднаш, можеби ќе почне помалку да боли.




2.
НАСИЛСТВОТО НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА


МАКЕДОНСКАТА ПИСАТЕЛСКА СМОТРА


Да, навистина сум само патник, скитник на земјава.
Дали сте пак вие нешто повеќе?


Гете



Значи, "биографијата на пријателите", онаа што твоите колеги, македонските писатели и поети, во долгите децении меѓу 1960-1990 година, ја пишувале за тебе, без да знаеш за неа. Што тие стручни и креативни пера успеаа да напишат во жанрот "биографија", на тема: "еден скитник на земјава", за сите овие децении?

Досието на татко ми покажува на кои принципи била градена стратегијата на контрола во културната сфера, во годините меѓу 1960 и 1990. Ако го напуштате домот, тогаш вие сте следени. По улиците кружат управниците, општинарите, полицајците, соработниците, информаторите, службениците на ДБК, вашите пријатели, но вие не можете да распознаете кој е кој. Вие сте врзани за вашето место, вашето место има име, а во случајот на татко ми тоа име е ПОО "Интимист". Вие сте интимист, и како таков крајно сте сомнителен. Нема што да бидете "интимист" во 1961, кога сите други се социолози.

Во досието на татко ми дефилира ужасна смотра на живи и мртви поети, литерати, случајни луѓе – и полицајци. Светот од досието на татко ми е свет на опсцена комбинација на македонски писатели и полицајци, кои често се спојуваат во ист човек. Тоа е свет во кој немате стабилни координати на пријателство. Повеќето "пријатели", колеги и писатели, се тука за да го стегаат обрачот околу својата мета. Секој и се’ е уво.

Од досието на татко ми е јасно дека типот на контрола што била вршена врз него се засновала на систем на постојани извештаи, списоци и записници. Информаторот му поднесува извештај на управникот, управникот го доставува овој документ до три други инстанци: книгата за информации, отсекот на ДБ и папката за легална врска. Во јануари 1988 во домот на татко ми се јавило лицето Х за да изрази "новогодишни желби и честитки". Содржината на тие честитки е препратена до ТРИ други инстанци.

Записниците го поврзуваат центарот (главешините на ДБКа) со периферијата ("пријателите" на татко ми). Власта се дистрибуира преку исклучив начин, со правилно хиерархиско устројство, до најниската инстанца, до крајниот сводник, кој го бележи секој потрес кај следениот. Тоа бележење оди до трагикомични ситуации. Во документот на информаторот од април 1961 татко ми за време на ручекот му се пожалил на својот "пријател" дека е незадоволен од системот, Х "добронамерно" го потсетил татко ми дека нему лично му е добро и нема што да се жали. Одеднаш настапува "пресврт". Цитирам од досието: "Јонче изненада излегол надвор од кафаната пошто некое лице врвело (и) отишол со него да разговара." Во превод ова значи дека татко ми станал да се поздрави со друг пријател. А тоа е повеќе од доволна причина за аларм во хиерархиско устројство. Оперативната забелешка бара да се види кој е поздравениот и бара тој да биде претпоставен како нова мета за следење. Ова устројство го бара "правото" име за секој со кој си се поздравил, го бара "правото" име на твоето постојано критикување на системот, на твојот вишок смисла, на твојот поетски сензибилитет, на твојата "болест".

Сакам да ви ги доловам монструозните димензии на оваа контрола што систематски била спроведувана над татко ми најмалку три децении. Замислете си за момент дека сте татко ми, македонскиот поет Јован Котески, во април 1961. На 18-ти тој месец, сте се нашле со вашиот пријател (името му е чкртнато со црн фломастер) за да ручате во хотелот "Македонија". Во разговорот сте се жалете дека македонските села се сиромашни и дека во Македонија има преголемо српско влијание. Вашиот "пријател" всушност е доушник и веднаш тоа им го пренел на службите. Во јуни 1964 сте биле на гости кај еден пријател. Вие сте во група на македонски поети. Зборувате за некои словенечки списанија. Писателот-домаќин е доушник. Истиот месец сте се шетале "по корзо" (како што стои во досието) со тројца од најпознатите македонски писатели. Едниот од вас е доушник. Истиот месец со тројца македонски писатели сте отишле на гости кај четвртиот. На писателите сте им се жалеле (цитирам од досието) дека: "Вашингтон на српско-хрватски јазик во емисијата за Југославија многу подетално дава информации отколку нашиот печат". Македонскиот писател, а ваш домаќин, е доушникот. Во октомври 1964 со неколку луѓе сте биле во нечија канцеларија (чкртнато е во чија). Тоа е "работната просторија на соработникот". Истиот месец со пет колеги, писатели, сте се нашле во хотелот "Турист". Сте зборувале за "оставката на Хрушчов", вие сте рекле дека се води "прокинеска политика", еден од вашите пријатели е доушникот. Истот месец паднал некој авион на Авала, а вие сте на гости кај вашиот колега, поет, вкупно сте петорица македонски поети. Вие изразувате сомнеж дека не може туку-така да падне авион на Авала. Домаќинот е доушник.

Ако сте го живееле животот на татко ми меѓу 1960 и 1990, вашите доушници се секогаш до вас. Власта е распоредена на многу тела. Но, тие не седат на соседната маса, не ѕиркаат од позади саксија, не се преправаат дека читаат весник во фоајето. Ова не е филм. Ова е вашиот живот, а информаторите се вашите најблиски пријатели и колеги, македонските писатели. Како и сите луѓе на овој свет, и вие со вашите пријатели зборувате за работи што ви се важни, што ве болат, што ве радуваат и што ве вознемируваат. Вие сте македонски поет и важно ви е се’ што има врска со македонската култура и институциите што ја водат, со македонскиот јазик и неговата чистота, со македонските села затоа што за нив пеете во својата поезија, важна ви е идеологијата, затоа што како секој поет на оваа планета и вие сметате дека имате право да размислувате за неа. Но, додека вие им зборувате на вашите пријатели, вие не знаете дека всушност му зборувате на едно хибридно, двоглаво суштество, кое има едно лице на поет и друго лице на полицаец без униформа. Вашите најдобри "пријатели" се секогаш до вас: во едни документи вие сте на гости кај нив, во други сте во ресторан, во трети во клуб, во четврти во хотел, на некое читање, на состанок, во нивниот службен автомобил, во бифето, во канцеларијата, вашата или неговата, или нејзината. Сите набројани места се фактички локации од досието на татко ми.

Кога ќе ја погледнете оваа дифузија на власта и нејзиното најперфидно пенетрирање во интимниот свет, преку вашите пријатели, не можете, а да не се прашате, каде е границата? Некои пријателки на мајка ми, а сопруги на нашите поети, во досието се, исто така, разобличени како доушници. Каде завршува списокот? Какво изненадување ве чека зад црните фломастери што ги кријат другите идентитети?




САДИЗАМ


Должноста на гостилничарот е …
со почит да ги прими на конак семејствата што патуваат,
да го одере човека, да олупи жена, да ограби дете…
Овој човек и оваа жена беа лукавство и бес, сврзани заедно во гнасна и страшна запрега.

Виктор Иго


Кога првпат го прочитав досието, останав занемена пред фактот дека македонскиот писател од нашата понова културна историја толку редовно и толку ревносно ја придвижувал машинеријата. Првото прашање што ќе си го поставите е каква ментална матрица имале македонските поети, во улога на домаќини на една украдена приказна, во улога на гостилничари што ограбуваат семејства, кога можеле да вршат вакво масовно и колективно насилство? А следното, е кој бил нивниот движечки мотив? Користа, стравот, базичната идеолошка неписменост, љубопитноста, пакоста, "филозофската" желба за увид, злобата или садистичкото уживање во фактот дека некого следиш? Гледате, садизмот се истакнува како еден од најважните движечки мотиви во овој документ. Од една до друга страница од досието на татко ми, садизмот може да го сечете со нож. Вие читате и гледате садизам на една култура и останувате занемени. И со години не можете да прозборите ниту збор на таа тема.

Садизмот на македонските писатели во наведените години е од таков тип што тие барале по секоја цена, доброволно и во име на апсолутно отсуство на елементарна емпатија, да & се поклонуваат на власта. А власта за нив е еден конкретен простор омеѓен од локалниот културен поглавар до службите на ДБК. Тој поглавар на македонската култура меѓу 1960 и 1990 е отелотворен во тогашниот претседател на ДПМ, и во следниот. Во главниот литературен критичар со газдинско држење. Во шефот на вашата културна инстуција. Во оној што бил одговорен за културната каса. Во професорот на факултет, од кого сте очекувале добра рецензија. Тој конечно се содржи во секоја локална битанга, што во немање подобра работа, решила да се занимава со пишување, затоа што во годините за кои зборуваме, тоа е коњунктурна професија, која државата плански ја финансира со цел да создаде економска база од својата литература. Ќе ви дадам еден пример. Еден документ од февруари 1988 година (тоа е пола година откако татко ми веќе е излезен од затвор), попладнето се јавува лице и се претставува. (Ова лице е писател и комшија. Во име на фактот дека не знам дали ова лице вистински го барало татко ми, или некој друг барал во негово име- затоа што гледате овде ништо не е јасно- неговото име ќе го сочувам во тајност). Тоа лице (сега цитирам конкретно од досието): "бара да разговара со татко ми", "откако е известен дека не е дома, остава телефон" и "замолува кога ќе се врати Јован да му се јави". "Покасно Јован се јави на истиот број – нагласувајќи дека некој го бара. Доби одговор дека никој не го барал. Мислејќи дека го згрешил бројот, Јован уште еднаш се јави. – Станот на Х? Овде Јован Котески. Х: Да? Ј: Некој од тука ме барал?! Х: Никој тебе не те барал и подобро е да не си играш повеќе играчки /гласот на истото лице/ Ј: Добро! - го затвара телефонот, мошне возбуден и вознемирен." (завршува документот).

Македонскиот писател во својство на полицаец, треперел не само од перверзната желба да се изживува над еден живот, туку и од перверзната желба макар еднаш во твојата полициска кариера да нагази на храната со која ќе му го задоволи бесконечниот метонимиски апетит на својот некрунисан газда од македонскиот писателски естаблишмент, и на службите на ДБК. Но, во својата примитивност овој човек не знаел нешто што го знае секое животно, кое кога ќе се најде, го остава трупот затоа што веќе не му треба. Тој не знаел дека газдата не е животно, туку човек и како таков има апетит што ниедна храна на овој свет нема да може да го задоволи. Нема храна што ќе може да ја затне таа глад на некрунисаниот господар на македонскиот културен естаблишмент од 1960-90. Тој би голтал се’, не еден, не двајца, тој би сакал да ги проголта сите добри песни и сите добри поети на своето време, за, над нивните трупови да се издигне како најголем и најдобар автор. Колку повеќе голта, тој е толку повеќе гладен. Од досието, е јасно дека нема крај за една матрица која сака да ја проголта целата суштина на се’ што си кажал и изјавил.

Во досието на татко ми повеќето луѓе се чкртнати со црн фломастер. Оставени се само тие имиња што требало да изгорат. Ако тоа ви е некаква утеха, вам, што во досието сте присутни со име и презиме, имало и "полоши" од вас. Оние што ДБК сакало да ги заштити. Значи, ако тоа ви е некаква утеха… Има и такви кои се чкртнати, или на друг начин заштитени, а сепак може да ги препознаете. На формирањето на досието на татко ми работеле 15 луѓе, вториот е заведен со име Т. Петровски. Дали е ова актуелниот претседател на ДПМ? Гледате, јас дури ни ова не можам да го знам. Но, ако е тоа истиот човек, тогаш перверзијата продолжува. Трајан Петровски, се појавува во досието на татко ми во 1987, (ако е истиот) овојпат како добродетел. Откако според документите, по ослободувањето од затвор, татко ми не успеал да добие прием кај никого (од неговите колеги, до директорот на Радио Скопје, кадешто претходно работел), помош му понудува Трајан Петровски и го вработува во библиотеката "Другарче", каде татко ми останува да работи до пензионирањето. Во досието постојат документи од седниците на ДПМ кога тогашниот претседател (кој е исто така чкртнат со фломастер) Гане Тодоровски, се однесува како затворањето на член на неговото здружение да не е негова работа. Тој се ослонува на службите на ДБК. Во документот на претседателот на југословенскиот ПЕН центар, и потпретседател на меѓународниот ПЕН центар, Предраг Матвеевиќ до Окружниот суд во Скопје во јануари 1987 во кое се бара ослободување на татко ми од затвор, стои една ваква реченица: "Баравме и бараме објаснување (за затворањето – заб. моја) на сите страни, од македонските книжевници (кои јавно не се изјаснуваа за ова), од книжевните организации (кои не го бранеа), од судот (кој му судеше без пристап на јавноста)…" Дури и за југословенскиот ПЕН центар (кој е дел од југословенската инфрастуктура во име на чие рушење му се суди на татко ми во 1985) е збунет од индолентниот однос на матичното ДПМ. Но, не е збунет и неговиот претседтел, Гане Тодоровски. Тој ужива во својата позиција на неприкосновен господар на македонската култура, пред кого стрепат сите писатели. Примерот со татко ми е доказ дека имаат зошто.

Ова се многу важни работи. Ако е ова менталната матрица што е содржина во нашата не така одамна мината култура, тогаш ние, луѓето од културата треба да се запрашаме каде стои нашата култура денес и што може од неа да очекуваме? На неа се растени цели генерации средношколци. Вие со нив сте ги заспивале вашите деца. Јас со нив треба да го заспивам син ми. Но, гледате, мене ме фаќа уплав кога ќе отворам книга од секој што е роден пред 1950 година, затоа што стрепам од можноста дека со истите раце тој пишувал и друга поезија. Јас живеев во соседство на повеќедеценискиот терор кој е вршен врз еден од најважните луѓе во поновата македонска култура. Татко ми отиде во затвор истиот ден кога јас тргнав во гимназија. Првиот работен ден од септември, 2 септември 1985. Никогаш не успеав на татко ми да му кажам како ми помина првиот ден во школо.

Бележењата на кои се заснова досието на татко ми има една бинарна функција и жигосување: корисен-штетен, луд- не е луд, опасен –кроток, нормален – абнормален. Тоа е клуч на присилно лепење обележја, диференцијација на секој член на таа заедница: кој е тој човек со кого си се сретнал, каде треба тој да биде, со што да биде окарактеризиран, како да го препознаеш. На маргините на досието следат бројни белешки на оперативните лица, инспекторите, со кои се даваат совети за понатамошно следење. Дел од советите се однесуваат на тоа, кој е најдобар да продолжи да му спроведува стален и индивидуален надзор на татко ми. На пр. веќе во првиот документ во досието на татко ми од 1961 стои забелешката: "Има услов и поверење да понатаму Х, се пласира кај ова лице (ова лице е татко ми), бидејќи Јонче сметаме дека на него има поверење".




ТВРДО КРИЛО


Носовите на питомците треба да бидат тапи и подвиткани, тоа го заповедаат прописите, кои мислат на се’, и навистина сите наши орудија за мирис се понизно и срамежливо подвиткани. Како потсечени со остар нож. Нашите очи треба постојано да гледаат во празно, и ова го има во правилникот. Всушност, ние не би ни требало да имаме очи, бидејќи очите се дрски и љубопитни, а дрскоста и љубопитноста се осудени од сите здрави морални гледишта. Нашите уши се многу невообичаени. Тие одвај можат да чујат нешто поради постојаното напрегнато слушање.
Роберт Валзер


За сите што со години сакаат да знаат, еве како татко ми го преживеа својот политички прогром, што траеше 40 години. Ако се тоа консеквенците на нашата култура на заробен ум која траела со децении во нашето најблиско минато, сите ние ќе треба да се занимаваме со последиците што оваа култура ги остави зад себе врз сите нас. Ние сме социјализирани така што нам не ни треба цензор за ништо. Со свет кој бил изграден на овие параметри, ние сме самите нашите најголеми цензори. Ако вие имате цела културна политика, идеологија и белетристика која во годините меѓу 1960 и 1990 е базирана на луѓе помеѓу кои е вплетена полициска структура која е тука сите да ги држи во ментален затвор и во тотална изолација од поставување круцијални прашања, тогаш нашата нова култура мора да почне од тука. Наместо културата во нашата нова држава да стартува со преиспитување на овие фигури и нивната улога во македонското минато, ние се занимаваме повторно со прашањето кој ќе биде авторитетот на кого овојпат ќе му одговараме.

Но, "лесниот" тип на надѕор кој е вршен врз татко ми од 1961 трае се’ до доцните 1960-ти години. Во тој "лесен" надѕор главни актери се неговите пријатели, писателите-полицајци. Одеднаш набљудувањето врз татко ми отврднува. Сега веќе не се доволни писатели-полицајци, туку непознатата агентура почнува да испраќа полицајци-писатели. Тие не се негови пријатели, но нивна работа е тоа да станат, и во тоа успеваат во текот на долги 4 години. Во досието се цензурирани сите документи за овој период, а него можеме да го реконструираме од изјавите на татко ми (и на другите актери) во текот на истражната постапка. Околу 1968 кај татко ми на врата тропа непознато лице. Тој е полицаец во униформа и е во активна служба во полициската станица во населбата Лисиче, кадешто во тоа време живее татко ми. Тој е задолжен да оствари врска, преку литературата. Се претставува и бара татко ми да ги прочита неговите литературни материјали и да му напише препорака за објавување книга. Татко ми веќе има нејасно чувство дека е следен. Преплашен е од униформата што ја гледа и се согласува. По неколку месеци кога татко ми оди кон автобуската станица го среќава истиот човек, сега во друштво на друг, за татко ми непознат човек, исто така полицаец во униформа. Првиот полицаец го запознава татко ми со вториот. Го претставува како "свој добар другар, голем Македонец, и страдалник исто како него". "Помислив дека тие, како службеници од милиција ме провоцираат и дека ме иследуваат… - пишува татко ми во изјавата. Се редат месеци, бидејќи целата процедура трае вкупно 4 години. Во една прилика, татко ми оди во месарница. Го пресретнуваат истите двајца полицајци, го преупатуваат во друга месарница, каде се наоѓа куќата на едниот од нив и го канат на гости. По некое време, следи запознавање и со третиот човек од полицијата. И оваа средба е "случајна", во самопослуга. Таа вечер го викаат на гости. Не ми беше јасно што тие луѓе бараат од мене, но постојано ми велеа дека кој не е добар Македонец главата ќе му лета како на петел. Во мене се вгнезди страв и језа" Наведениве лица, веќе "не ме оставаа никогаш на мира". Од 1968 натаму се случува пресврт во типот на следење. Сега нема само пријатели што кодошат, мноштво тела кои информираат "лесно", а со цел да ја отфрлат маската на овој сомнителен човек. Сега има продор на законот во најситните сегменти на животот и пријателството не се искористува, туку се конструира. Оваа група полицајци по некое време поставува неколку бомби на стратешки места низ градот. Го информираат татко ми, а тој избезумен се сели во друг дел од градот. При тоа не ја продава и не ја изнајмува својата барака, туку едноставно ја препушта на роднини и заминува под кирија. Во овој стан доаѓа еден од полицајците кој му се заканува дека ако некому каже за нивните акции, ќе му го убијат семејството. При тоа за да го увери во сериозноста на нивните намери, активира рачна бомба. Татко ми ветува дека ќе молчи и од тогаш живее во страв. Таа група по некое време го остава татко ми на мира и тие губат секакви контакти. Не сум криминолог и не можам да знам како и зошто ова второ "тврдо крило" што му врши постојан полициски надѕор на татко ми, одеднаш се "радикалзира". Но, неколку прашања мора да останат во игра. Дали постои такво нешто како "радикализирање" на полициски службеници? Во овој систем на правилна хиерархија, тие полицајци се исто така дел од паноптичкиот поглед, нивната професионална агенда е, како што се гледа од секој сегмент на досието, постојана мета на контроли и надконтроли. Тие се свесни за својата постојана видливост, затоа што само така се обезбедува автоматското функционирање на власта. Како активни полицајци тие знаат дека ефектите на надѕорот се постојани и непрекинати. Дали таа група е дел од интерни полициски потструктури или не, дали тие имале некаква поскриена агенда? Зошто цели 13 години во еден свет на една ваква постојана полициска и "полициска" контрола, тие не се откриени, а се откриени дури во 1987. Кој ги штител и зошто? Зошто водачот на оваа група, инспекторот од СДБ, во текот на долгите години што следат, бил назначен на задачата да се бара самиот себеси? Зошто наеднаш се уапсени 13 години подоцна? Зошто еден од нив умира во затвор? И конечно, зошто татко ми е уапсен заедно со нив? За овој долг период во досието недостасуваат сите документи. Затоа не можам да шпекулирам со никаква можност, освен да ги оставам прашањата отворени. Во септември 1985 татко ми е спроведен и осуден поради "познанство" со оваа полициска група. Татко ми излегува од затвор по нецели две години во јули 1987.

Но, овде не само што не завршува надѕорот врз татко ми, туку тој сега се дуплира. Постојат документи кои бараат засилено следење и континуирана контрола на секое негово движење и изјава. На две страници има детални стратегии за повторно следење, разобличување на неговите интереси, проверка на сите лица што ќе стапат во контакт со него, планирање мерки и активности за обработака на интересите, коментарите, искажувањата на лицата што ќе стапат во контакт со него, "во зависност од потребите ќе бидат применети и мерките (шкратнато со фломастер)", а тоа е откако сите мерки, вклучително и мерката "продолжување на мерката контрола на телефонски разговори на претплатничкиот број" се веќе на сила. Значи, какви се дополнителните мерки? Во таа контрола, според документите од досието, повторно се појавуваат во игра неговите колеги, писателите, но овојпат дуплирани со службените лица на ДБК. Сега повторно се активира цела машинерија писатели-полицајци кои се активираат како доушници. Дали ја гледате ли апсурноста на системот? Татко ми е цел живот максимално следен, невин одлежал во Идризово, но тој систем на следење само повеќе отврднува и се дуплира.


КОЛКУ ЕДНО ЖИВО СУШТЕСТВО МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ?


Едно око гледа, а другото чувстува.
Пол Кле

Бидејќи, драг мој, мене се’ ми е веселба.
Шекспир



Татко ми цел живот манифестираше вознемирувачка свест дека го набљудуваат. Во еден транскрибиран телефонски разговор од 27.7.87 татко ми му се жали на Х дека: Од кога постојам постојано врз мене вршат провокации а едно живо суштество толку може да издржи… ќе ти зборувам, ќе се згрозиш… Меѓутоа колку повеќе вие зборувате, толку повеќе наидувате на глуви уши и колку повеќе се жалите толку повеќе луѓето одмавнуваат со рака. Вие немате начин да го докажете интимното чувство дека сте следен. Дел од таа опсцена структура на власта е вие да станете целосно осамен. За да бидете притеснети така што вашите доушници ќе останат вашите најдобри "пријатели". Па дури и при вакво нејасното чувство дека е следен целиот живот, кога татко ми го отвори досието, беше фрапиран од Кафкијанското сценарио, од степенот на сеприсутнитот поглед, од доготрајноста на набљудувањето и конечно од садизмот на оној што набљудува.

Честопати ме прашувале како татко ми го преживеа својот политички прогон? Постои нешто што го знаат оние што преживеале тортура. Човекот што бил подложен на повеќедецениска тортура, на моменти станува единствено болка. Болката станува објект без човечки атрибути и содржина. Ќе ви опишам како изгледаше еден обичен ден на татко ми на пр. од 1994, иако сите години пред и потоа беа исти. 1994 се седум години подоцна, седум години откако татко ми веќе беше слободен, откако имавме своја држава, откако неговите еретички мисли веќе не беа еретички туку коњунктурни.

Татко ми се обидуваше да спие дење. За него беше неиздржливо да биде буден кога надвор има светло. За тој што преживеал тортура, светлото е посебен проблем. Тој што е цел живот гледан, а сам не гледа, тој што е објект на информација, а никогаш субјект во комуникацијата, се плаши од светлото, затоа што видливоста го гарантира функционирањето на власта. Кога беше буден, татко ми нервозно се шеташе од една до друга соба. Сега ќе влезе во некоја соба и веднаш ќе излезе. Ќе постои во ходникот за да слушне што прави мајка ми во кујна; ќе тропне во мојата соба за да види дали не ми се случило нешто ужасно, ќе најде некаков изговор, на пр. "ја читам Цветаева" и не чекајќи одговор, исто толку брзо ќе излезе. Со часови ќе стрепи позади завесата гледајќи го ѓубреџијата, што решил следните три часа до крајот на работното време да ги отседи баш на тротоарот под нашиот прозорец. А што ако тој не е ѓубреџија? Многу ѓубреџии во досието испаднаа "службени лица на ДБК". Ќе легне да спие. Спие на едно око и на секој шум срипува и бара да му се објасни што се случило, сака да види, да се увери. Живее како во секој момент некој најважен човек да ќе треба да дојде и да ја донесе најважната одлука од која ќе се материјализира пророштвото за неговиот живот. Човекот што минал низ 40-годишен политички прогон, гради стратегии за опстанок. Кога ѕвончето ѕвони, помислува: кој е следниот што ќе биде мачен? Ако ѕвони некој на врата застанува и го ослушнува дишењето на тој што ѕвони. Едвај собира храброст да ѕирне низ клучалката. Дури и кога добро го познава тој што ѕвони, долго го набљудува. Некогаш тргнувам да отворам, ама за него е прашање на живот или смрт, прв да ја отвори вратата, за да не ми се случи нешто ужасно. И конечно "А, Верче, повели.. дома е Јасна".

Човекот што преживел тортура, откако целиот живот бил предмет на иследување, станува оној кој не може да се реконституира преку идентификација со најблиските. Неговиот свет станува свет кој не е базиран на дијалектика. Тоа е недостаток од недостатокот. Тоа е чисто присуство. Човекот кој преживеал тортура развива невозможен парадокс, прекин во репрезентацијата и премногу репрезентации. Тој има милион слики на ужасните можности на системот и слики кои не носат меморија. Тој човек што преживеал четиридецениска тортура е татко ми, македонскиот поет Јован Котески.


УСВОЕНА МОЛБА!



И сега повторно почна она одвратно учтиво погаѓање,
еден над К. му го пружи ножот на другиот, а овој пак, повторно
преку К. му го враќаше нему. К. сега точно знаеше дека
неговата должност би била сам да го дофати тој нож,
додека минуваше од рака во рака, лебдеше над него
и сам со него да се прободе.

Кафка


Кога го држите досието на татко ми во рака, прво нешто што сакате да видите е кои се доушниците? Но гледате, во тоа е перверзијата на досието на татко ми. Вие сте петорица поети, само еден од вас е доушник, но не можете да знаете кој конкретно, затоа што во телото на текстот тој е чкртнат со црн фломастер. Дека станува збор за овие конкретни петорица, знаете од графата "лица", каде (и тоа само понекогаш) не е избришен ниеден од поетите што оделе "по корзо". Шпиунот е еден од нив, но, кој? Татко ми го подигна своето досие во ноември 2000 година. Сите што таа година ги подигнаа своите досиеа, знаат дека мораа да потпишат еден формулар. Во тој формулар стои дословно вака: "Заради заштита на податоци и информации за приватниот и семејниот живот барам целата содржина на досието да останат тајна до (100 години од моето раѓање, а во случајот на татко ми е заведена) 2032 година, и тоа, доколку истото не биде уништено и се предаде на чување во архивот на Р.М." Кога ќе го потпишете тој формулар, следи конечната цинична завршница. Најдолу пишува дека молбата "се усвојува".

Гледате, ужасот на полициското досие не е само во фактот дека татко ми живеел живот во кој полицијата го имала лицето на неговите најблиски пријатели. Ужасот се состои и во една виша агентура во име на која неговиот свет е уште потесен од тесниот свет на античките херои кои во крик му се обраќаат на небото "Неправда трпам". Грчкиот човек страда ужасна казна што му е наменета, не по негова вина, но, кога сака да дознае во име на која виша агентура страда, и небото и земјата ќе се превртат за тој да види. Кога Едип сака да знае што се случило во неговото минато, сведокот се појавува веќе во следниот чин.

Татко ми чекаше долги 40 долги години за да види. И кога со стрепење застана пред вратата на ДБК, пред вратата на онаа инстанца што цел живот се иживувала врз него, како пред последната утеха што ќе му овозможи да види тогаш, службите на ДБК, го натераат да поднесе молба во која моли никогаш да не му се исполни последната надеж. Во својот формулар татко ми мора да замоли засекогаш да му остане затворено она во име на што страдал. Тој поднесе молба дека неговото досие ќе му биде достапно во 2032 година, а во меѓувреме "доброволно" да даде аманет дека, во ако сакаат, неговото досие може да го запалат. Татко ми сакаше да види дека не бил луд кога тврдел дека цел живот го следат. Но, се’ што суштински сакаше да види е за кое добро било тоа. И мораше да прочита дека неговата молба -никогаш да не ја види разрешницата на својата животна трагедија - "се усвојува"!

Татко ми, во ретки моменти на хумор, го нарекуваше своето досие "биографија на пријателите". Тоа е донкихотовски хумор. Прво ќе се насмееш, потоа ќе наместиш сложена насмевка, за на крајот да сфатиш дека се смееш во лицето на чистата тага. Тоа е хумор на некој што невин го преживеал Идризово. Кога ќе добиете документ дека сте рехабилитирани, со тој документ може да се сликате. Може да бидеш најдобриот поет на една држава, ти си бил роден само за да ја воспееш нејзината убавина, нејзиниот златен глас, да ја опееш земјата под нејзините нозе. Може да си ја напишал најубавата песна за една неостварена љубов на една генерација, "Ана", но таа никогаш нема да стане лектира, затоа што за овие дибеци веќе и косата на Ана е спорна. Откако си го преживеал прогромот на своето време, во кое колегите ти ја пишувале биографијата без да им ја нарачаш, се’ што ти останува е да ја живееш секој еден ден од остатокот на својот живот кафкијанската реалност на удбашкото секојдневие. И до бескрајот на твојата земна осаменост да си ги повторуваш стиховите: "О пријатели мои, нема пријатели!" Сепак, татко ми навистина си замина со прошка за сите. Дента пред да почине, татко ми ми рече дека "си оди дома".



3.
ВИСТИНИТЕ И ИЗВЕСНОСТА: КОДОШОТ КАКО ГОЛЕМИОТ ДРУГ



ФЕНОМЕНОЛОГИЈА НА КОДОШОТ



(Човек) не може да го изрази она што е; тој мора да го соопшти само она што самиот не е – значи лагата.
Одреден степен на вистина можеби може да се најде само во хор.

Кафка


Од грубата анализа на досието на татко ми, станува јасно е дека системот на контрола на кој почивало нашето општество била базирана на еден претпоставен субјект- носител на претпоставената "вистина"– а тоа е кодошот лично.

Кодошот е оној што знае. Кодошот станува Големиот Друг, носител на интерпретацијата и на вистината. Тој станува најширокиот субјект за кој се претпоставува дека знае – тој станува бог, мал, локален, политички, но сепак Бог.

Кодошениот од друга страна, не е битие кое зборува, иако е цело време набљудуван во својот говор, тој е битие кое е предмет на експеримент, и како таков мора да одмолчи. Експериментот во него ќе предизвика редица нереди, секаков тип пореметување, но бидејќи не е битие кое говори не е повикано да ја доведе во прашање желбата на експериментаторот, желбата на кодошот да знае се’ до талогот!

Веќе од првиот документ од досието на татко ми, може да се прочитаат важните одредници што го осликуваат профилот на кодошите кои скриено и опскурно работеле на моделирање на идеолошкиот и културниот хоризонт на нашето (не така одамна завршено) македонско минато.

Тоа е документ од пет страници во кои, чкртнатиот информатор на 18 април 1961 пред службата на СВР (а препратено и до: Книгата за информација, Отсекот нза ДБ- Охрид и папката за легална врска) "со свои зборови" го прераскажал разговорот што со татко ми го водел во хотелот "Македонија".

Тој разговор содржи неколку важни и сосема неочекувани пресврти, а како што ќе видиме подолу, тие пресврти се клучни за воспоставувањето на логиката на жртва. Затоа што тие пресврти се вишок во системот на кодошот.

Значи, се сретнале во хотелот "Македонија" за да ручаат. Јонче дошол на асталот. Се пофалил дека сега е новинар во радио, му кажал на Х за која рубрика пишувал, само Х не запаметил. Откако татко ми се пофалил дека има постојани приходи, тој ненајдено "нервозно" изјавил дека сето тоа лично добро не вреди ништо, затоа што (цитирам од извештајот на информаторот, според досието): сака наполно (да) се повлече во некое најзабачено село за да не гледа ништо што се збивало во денешново друштво и околу него. Татко ми, според изјавата на непознатиот информатор, продолжува со идејата дека нешто не е во ред, затоа што онамо каде што фактички живееле македонци (малата буква е во досието, моја заб.) во селата во забачените краишта за тамо ништо не се пишувало ниту се водела сметка за тој народ. Х му контрира на татко ми дека тој како единка не можел ништо да направи со реагирањето.

Наидувајќи на вакво неразбирање на суштината на неговата поплака, татко ми ненадејно на Х му вели дека тој немогол него да го сфати и разбере што сакал да му каже а тоа ништо не го чудело бидејќи неговите интелектуални способности толку му дозволувале. Откако ја дал оваа констатација за интелектуалните капацитети на информаторот, татко ми се обидува за последен пат да му објасни на Х што е она околу што се мачи: "Зарем Македонија 500 години била под турско ропство, а денеска да била под српско ропство", "На секаде се викало Македонија, а Македонија седела распарчена на неколку делови и од неа ништо не постоело".

Според досието, Х одново решава да го "вразуми" татко ми. Тој му повторува дека Македонија и македонскиот народ си го добил своето право и е решено националното прашање. Татко ми не ја слуша оваа сугестија и продолжува да се жали пред својот "пријател" (според неговите забелешки) дека: (В)о Скопје се сипале голема сума пари, само како Скопје треба да живее, селото нека умира наполно е запоставено, намерно тоа се правело од страна на факторите бидејќи во селата и забачените краеви живеело чисто македонско население. И кога за последен пат, Х решава уште еднаш "добронамерно" да го потсети татко ми дека барем нему лично му е добро, во овој разговор на глуви уши се случува нов пресврт, за којшто пишувавме порано. Јонче изненада излегол надвор од кафаната пошто некое лице врвело отишол со него да разговара.

Во оперативната забелешка што го анализира профилот на информаторот, пишува дека лицето немал особина да придодава ствари и ги увеличува, реално изнесувал. Тие двајца, информаторот и неговиот контролор се луѓе што имаат експертиза. Тоа значи дека тие се проценети како луѓе кои можат да го измерат нештото што е така немерливо како што се човечките мотиви. Информаторот е најмен да ги одреди мотивите на однесувањето на сомнителниот поет, а контролорот е најмен да ги одреди мотивите и степенот на доверливост на информаторот.
Но, гледате, од почеток до крај вие имате една картезијанска постапка, која со ништо не води суштински до знаење, туку само до извесност. Информаторот не е некој кој знае, тој е некој кој е извесен за системот. Нема ништо од онаа страна што го гарантира ополномоштувањето на овој информатор дека точно ќе го пренесе разговорот. Нема ништо од онаа страна што ќе гарантира дека овој контролор знае да проценува кој е доверлив. Точно од овој тип парадокси произлегуваат сите трагикомични места во досието.
Татко ми вели дека пишувал книги, а сега имал напишано некоја книга за македонски печалбари, му била отпечатена во Загреб и од тоа земел доста добра пара. Но, гледате, татко ми нема напишано ваква книга, а бидејќи не знаеме кој е информаторот може да шпекулираме со разни можности. Еве една можност. Татко ми е растен по интернати и домови. Немал ништо, се’ што имал е талентот за поезија. Можеби информаторот живеел угодно, можеби на лето одел во Хрватска, можеби го презирал татко ми, можеби неговата сиромаштија му раѓала садистички импулси. Татко ми успеал да обезбеди некаква егзистенција за себе и сега решил да измисли книга во Хрватска. Како поет, можеби навистина во глава имал книга што замислувал еден ден да ја објави во Хрватска. Секој поет е помалку Минхаузен. Тоа што не ја зборува објективната вистина, не значи дека неа ја нема. Кога Дон Кихот во една ветерница гледа зол џин, не значи дека џинот го нема.
Но, разврската е таква што во оперативната белешка, инспекторот бара: поопширно да се проучат врските на татко ми со Хрватска. Тој и самиот сумља на неговите вези со Загреб и воопшто Хрватска". Гледаме како Загреб станува Хрватска, како отпечатената (непостоечка) книга станува веза, итн. И двете страни продуцираат поезија, со таа (минимална?) разлика дека едната поезија (на поетите) е наменета да ја поттикнува фантазијата на слушателите и читателите. Другата "поезија", на ДБК, е, во најмала рака, сомнителна.
Она што станува јасно од овој краток извештај од досието на татко ми од 1961 е дека македонскиот културен простор бил поклопен од еден систем на контрола кој суштински верувал во извесноста на субјектот, во извесноста на нешто така комплицирано како однесувањето на субјектот.

Информаторот и контролорот се однесуваат како да имаат капацитет да го сознаат другиот. Тие имаат бескрајна верба дека имаат способност да продрат, да проникнат во другиот. Каква е оваа семожна компетенција предадена во рацете на информаторите? Кој им ја дава?

Па, им ја дава само тој што може да им ја даде - системот на контрола. Не е важно што субјектот на следење, како и секој друг субјект по себе, е всушност, бескрајно комплициран. Важно е дека кодошите, што ја придвижуваат машинерија на контрола, веруваат во такво нешто како извесноста на субјектот.

Субјектот на следење, како и секој еден субјект на овој свет, во своето моментално однесување, може да биде воден од желба за фалење, од желба за жалење, од потреба да се претстави дека е подобар одошто е, дека е полош одошто е, дека е различен одошто е. Всушност, тој субјект е секогаш веќе толку комплициран, што нема такво нешто што ќе гарантира дека објаснувањето за однесувањето на еден човек, ќе биде објективно. Но, оваа вистина не е важна за невидливите структури на моќта.

Кодошот, со други зборови, е субјектот за кој се претпоставува дека знае (сујет суппосе савоир) на Лакан. Тој е носител на преносот. Кај него има недостатокот од критериуми, но тој недостаток кодошот убаво го заменува со церемонии, со симулации.

Како што вели Кафка: "Одреден степен на вистина можеби може да се најде само во хор." Кодошот е можен таму каде што има хор на кодоши. Нема ништо од онаа страна што го гарантира ополномоштувањето на овој кодош за да ги извршува задачите што му се поставени. Но, довербата не е потребна, таа се врти околу извесноста на системот, системот ја гарантира таа желба на кодошот да му служи на системот.

Од почеток до крај, овде ништо не води суштински до знаење (за овој кодошен, за нашиот "случај", за татко ми, за Јован Котески), ништо никогаш нема да ја "фати" вистината за него, туку само неговата извесност пред системот, а неговата извесност се вика – виновен е штом го набљудуваме!

Ние би биле глупави да губиме време. Не, ние ќе направиме се’ за да ја оправдаме логиката од своето постоење. Затоа тој мора да настрада. Треба да заврши во Идризово. Треба да ја докажеме неговата исконска вина. Фактички не мора ниту да ја докажеме, доволно е што е веќе заведен како сомнителен во нашиот сложен систем на контрола и набљудување. Нашиот конечен доказ е нашето набљудување.

Точно затоа никогаш не смее да се случи ликвидација на набљудувањето – тоа треба да трае најмалку колку што ќе трае нашиот систем! Набљудувањето и кодошот како негов носител се патерицата со која оди нашиот систем.



ПОТРАГА ПО "ПАТОЛОШКИОТ" ВИШОК СМИСЛА (ИЛИ: ЗА ИСКОНСКАТА ВИНА)



Не, рече сликарот, нити ја видов фигурата, ни таа фотелја,
се’ е тоа измислено, но наредено ми е така да сликам.

Кафка


Според разни извори во Македонија во годините меѓу 1960-1990 освен со фактичките полицајци во активна служба, структурите за набљудување на "сомнителните" лица биле хранети и од 12.000 до 40.000 доушници кои во наведениот период работеле за Службите за државна безбедност. Тие оперираат и меѓу македонските културни работници (пораво се дел од нив). Тие се не само носители на системот, туку и носители на вистината.

Како биле коптирани овие шпуни? Во досието на татко ми од октомври 1985 година има една ваква реченица, напишана од оперативното лице, а се однесува на информаторот и неговиот профил: со изворот разговарам првпат, истата до сега не сум ја познавал, а кај мене дошла по препоракаод еден мој пријател од гратско собрание. Од јули 1987 година, значи по излегувањето на татко ми од затвор, има "Службена белешка за примопредавање на предмет во оперативна обработка", каде стои дека ПОО Интимист останува интерес за СДБ, обработката да биде линиска, а да се обрне внимание на селективитет на лица од културните средини кои ќе послужат за обработка со СДБ.

Значи, што сакаат да дознаат овие кодоши, па и по цена на физичка ликвидација на следениот? Што е нивното крајно уточиште, која вистина очекуваат да ја најдат? Според централизираното и непрекинато бележење на кое се засновал системот на контрола, јасно е дека нивната задача е да бележат се’ што (лично) ќе проценат како патолошко. Секој вишок смисла е патолошки. Кога некој има плата, а се’ уште се жали на општествениот поредок - тој е патолошки случај.. Односот на секој поет кон својот "вишок смисла" исто така мора да мине низ инстанците на власта.

Кога татко ми е затворен, настапува цела серија на (траги-)"комични" ситуации. Моето најтесно семејство и моите роднини неколку дена не може да го најдат татко ми, кој, дента кога е уапсен, едноставно исчезнува од лицето на земјата. Кога конечно дознаваат дека е во истражен затвор, во неколку дена по телефон моите роднини си разменуваат бескрајно множество на можни претпоставки, зошто татко ми е уапсен. Службите на СДБ, според прислушкуваните телефонски разговори од досието на татко ми, се алармирани за секоја една од нив. Еве некои од тие вишоци претпоставки (под Х ги ставам сите мои роднини, ќе ми дозволите да ги заштитам, кога ионака, веќе со децении биле изложени на севидливост):

3 септември 1985:
Х: За шумата ли е?
Х: Не знам, ништо не ми рекоа.
Х: Кој број има Х (роднина)?
Х: Не знам кој број има.
Х: А овие од Лисиче? (во Лисиче живееа во тоа време тројцата мои братучеди, моја заб).
Х: Не знам, никогаш со нив не сум зборувала.

Забелешката на инспекторот под овој разговор е чкртната, но зборот Лисиче и шумата се подвлечени.

3 септември 1985:
Х: Сигурно е за шумата.

3 септември 1985:
Х (полицаец-роднина): Криво ми е што не ме послуша никогаш. Јас толку пати го опоменував да не зборува пред секој, сум му кажувал дека нашите и по кафеаните одат да слушаат такви разговори, од тука леб вадат.

4 септември 1985:
Х: Мора да е нешто во врска со Струшките вечери. Сигурно има претерано и во зборувањето и во пиењето …. (Треба) убаво да им објасниш дека човекот бил испровоциран и нервозен, дека дрвата му ги исекле итн.

12 ноември 1985:
Х: Кога останавме сами ми вели: мене Јонче ми е куќен пријател од 1954. Инаку тој е правник од Кавадарци, заменик јавен обвинител. Ако го обвинат Јонче за нешто тој е само една лира во поезијата – ниту сторил, ниту може да стори нешто!

Забелешка за инспекторот: …(нечитко) за да ги елимираме овие сплетки… (нечитко)… Што можат да (нечитко) прават? Кој е зам. обвинителот?"

3 ноември 1985:
Х: Сакав само да ти кажам поздрав од докторот… рече најмногу за него е заинтересиран Х"

Забелешка на инспекторот го "открива" идентитетот на "докторот". По се’, тој е гинеколог во (нечитко)….

И така натаму. Значи, Службите за државна безбедност, кои по затворањето на татко ми ги следат сите "потреси" во неговото семејство, имаат полни раце "нови докази" за неговата суштинска вина пред Системот, а тие докази се, на пример: шумата, исечените дрва, докторот –гинекологот (?), заменикот јавен обвинител, потоа што точно татко ми зборувал и кажал на Струшките вечери на поезијата, Лисиче како претпоставена превдо-утописко упориште на отпорот… Сите овие атрибути, локации, состојби, имиња, немање од имиња, јасни и нејасни позиции се вишок. А вишокот е проблем.

Откако власта ќе констатира вишок, таа пристапува кон "дезинфицирање" на домот. Тоа дезинфицирање се одвива преку забележување и алармирање и околу најситните апсурности. Тие "апсурдности", значи тие "вишоци" информации и смисла, тие "патологии" на збунетите роднини сигурно внеле дополнителни недоразбирања во службите на ДБ и вработување на уште една армија информатори.

Во досието на татко ми од 26 јуни 1987 година има документ според кој, кога од хрватскиот ПЕН центар доаѓа иницијативата за ослободување на татко ми, оперативците на теренот забележале дека се појавува тенденција Ј. Котески да биде доживеан како репресиран писател, поради што инспекторот е: на мислење сме да на истиот се одложи рокот на ослободување, односно избегне можноста истиор да присуствува на овогодишните Струшките вечери на поезијата.

На 27 јули 1987 има белешка во која е прислушкуван телефонскиот разговор на татко ми со некое лице. Тоа е првиот разговор на татко ми по неговото излегување од затвор, по експресното ослободување.
Х: Како си?
Татко ми: Нема грешка.

Но, гледате, суштината на целото устројство на системот е дека таму се’ е грешка. Грешка на една полициска држава. Кога татко ми излегува од затвор има документ кој се вика "ПЛАН на мерки и активности за обработка на ПОО Интимист во текот на 1987", а датира од 26 јануари 1987 година. На две страници има детални стратегии за негово повторно следење, разобличување на неговите интереси, проверка на сите лица што ќе стапат во контакт со него, планирање мерки и активности за обработака на интересите, коментарите, искажувањата на лицата што ќе стапат во контакт со него, а (како што стои во овој план): во зависност од потребите ќе бидат применети и мерките (чкратнато со фломастер)! Оваа реченица доаѓа, откако сите мерки, вклучително и мерката прислушкување и следење, веќе е исполнета… Неколку дена откако татко ми е ослободен во јули 1987 има оперативната забелешка на инспекторот: Ј. Котевски останува доследен во неискреноста и лагата. Остава впечаток дека и верува во истата. Објективно, оваа состојба му е еднакво сложена како и онаа кога беше во затвор. Треба максималнио да се следи неговата активност и врзување со одредеи луѓе затоа што сега е спремен да се поврзе со секого.

Апсурноста на системот се состои неможноста од излез. Татко ми е цел живот веќе максимално следен, веќе невин одлежал речиси двегодишна затворска казна, излегол од затвор, според судските стандарди е слободен.

Но сега, според податоците од досието, фрапантно, тој е понеслободен од кога било досега! Сега започнува дуплирање и одново оцврснување на следењето. Според документот на П. Матвеевиќ јасно е дека за татко ми не било дозволено судење со присуство на јавноста. Татко ми со денови се наоѓа во истражен затвор, а транскрипциите од разговорите на членовите на моето семејство со роднините покажуваат дека тие не може да лоцираат каде е тактко ми, во кој затвор, со денови шпекулураат зошто е затоврен. Во текот на процесот не е дадена можност за никакво вештачење. Не е понуден ниеден доказ за неговата вина. Но, за овој систем сето тоа не е потребно. Затоа што е јасно. Конечната причина заради којашто тој оди во затвор е точно таа дека тој оди во затвор, затоа што е следен, затоа што е прислушкуван во тек на долги децениии. Работата е во тоа дека за оваа машинерија вие сте исконски виновен и таа машинерија мора да продолжи да ја докажува смислата на своето постоење.



ОБЛЕЖАНОСТ (НА ТЕЛОТО, НА ДУХОТ И НА ДЕЛОТО)

Полониј: Ме познавате ли, кнезу?
Хамлет: О, сосема, сосема добро. Вие сте рибар.

Шекспир


Честопати ми го поставиле прашањето: зошто токму татко ми? И тоа прашање во најмала рака нема добар одговор. Затоа што е прашање од типот на оние кои ги третира античката трагедија. Ти не си направил субјективна вина, но мора да страдаш затоа што боговите ти намениле такво пророштво. Да, но токму тоа е прашањето на смислата: зошто ти намениле такво пророштво? Дали е тоа затоа што си бил хибристичен, прекумерен во своите особини, дали си се лутел премногу, ако си конфузен дали си бил конфузен на начин на кој не & се допаѓало на државата, дали фактот дека си бил поет те прави сомнителен од овде до небото?

Дали си бил обележан? Во досието има документ од март 1986 се цитира некој писател (избришано име): Уште со самата појава во македонската литература (иако тој е силен поет) физички е неугледен и честопати бил запоставуван. Во друг документ стои дека Иако имал огромен талент, бил низок и немал начин да се наметне во средината во која владееле "харизматични" лидери. Сакам да обрнеме внимание на овие детали. Затоа дел од одговорите на прашањето во што се состои суштината на нашата модерна политичка трагедија во минатите децении е дека некој страда (и) по обележанот.

Војникот на системот е некој кој се препознава од далеку. Тој се одликува со гордост, неговото тело зрачи срчаност и снага. Нема врска што тој не го познава занаетот (забележете како во гарда секогаш имате луѓе не кои можеби знаат да раководат со оружјето, но кои како што пишува Фуко, се истакнуваат со маршот, со држењето на главата, со телесната граѓа и со достоинствениот изглед). Армијата на послушните тела е армија која е обликувана од телесно тесто, кое тесто научило како да се носи со себе. Во Македонија од 1960 натаму е проблем ако не знаете да го носите своето тело.

Објаснете ми кој знае да го носи своето тело, ако се занимава со "руските прашања" на смислата, смислата на животот, на идеологиите, на слободата, на правата? Телото е објект и мета на власта. Тоа е тело со кое се манипулира, ако не знаеш да го носиш своето тело на начин на кој ќе ја претставуваш својата социјалистичка идеологија, ти си исто така сомнителен.

Проблем претставува и духот. Татко ми на пример, е поопуштен одошто било препорачливо, зборувал и ваму и таму, како Дон Кихот, се бунтувал и за ова и за она. Во неговите изјави има и јасна национална идеолошка линија, но и социјалистичкиот поредок не му се допаѓа. И во сето тоа, не е подобен за војник на системот, има вишок, што системот сака да го укине.

И конечно, а најважно: проблем претставува твоето творештво. Во досието на татко ми постои еден документ со кој еден влијателен писател на татко ми му нуди пазарење: слобода, за претстанок на творењето.

Што е, ќе се согласите смешно, дури и според постмодернистичките стандарди за авторство. Во тој документ буквално стои дека овој писател му порачува: откажи се од пишување песни во иднина и ќе ти издејствувам слобода. Оваа македонска верзија на Скалиеровштината допрва ќе биде предмет на изучување во книгата "Јован Котески: досеи 5622" што ја најавувам и со овој текст.


4.
ПОЛИЦИСКИТЕ ДОСИЕА И ШТО ПО НИВ?






ЗАБРАНА НА ПОТЕНЦИЈАЛНАТА МИСЛА


Се прикажува за некој благороден сој на коњи кои – кога се страшно забревтани и изморени од трчањето – самите нагонски
си прегризуваат некоја жила, за да можат да прездивнат.
И мене често ми доаѓа така, би сакал
да си отворам некоја жила, што би ми дала вечна слобода.

Гете


Објавувањето на изводи од овој текст во декември 2005 година во македонскиот неделник "Фокус" се случи независно од иницијативата за меѓународна осуда на злосторствата на тоталитаритарните комунистички режими на Советот за Европа. Објавувањето, всушност "отворањето" на досието на татко ми, беше резултат на една случајност.

Македонскиот писател, Блаже Миневски, ме контактираше за да побара одобрување да објави податоци дека две "инкриминирани" книги "Сердарот" на Прличев и "Македонска крвава свадба" на Чернодрински му биле запленети на татко ми и никогаш не му биле вратени. Објавувањето на овој податок беше секако во ред, но јас со години веќе имав материјал кој беше многу похардкор - самото досие. (Подоцна се покажа дека тие книги му биле запленети на друг политички затвореник). Блаже Миневски пред тоа го знаев како веројатно единствениот македонски писател, кој веќе во 1991 во весникот "Нова Македонија" објави текст "Уметноста се брани со уметност" каде меѓу другото го постави прашањето: "Како е можно за судбината на поетот Јован Котески, во тоа време повеќе да се интересира еден Ален Гинзберг, одошто матичното Друштво на писателите?" И констираше дека во Македонија во сите овие години нема класично цензурирана книга. "Дали македонскиот писател не знаел да напише книга што за ќе биде забранета"?

Одговорите на прашањата што ги постави Блаже Минески пред 15 години, денес, се чинат саморазбирливи од перспектива на полициските досиеа, како ова на татко ми. Тоа досие (заедно со останатите 14.572 лични досиеа што се водени за лица кои комунистичката власт во Македонија ги третирала како "внатрешни непријатели", од кои дел се работници во културната сфера, и соодветно биле контролирани од други "работници" во истата сфера) ја дава на увид ужасно зацементираната ментална матрица на македонската култура на заробен ум, култура во која скриено и субверзивно се работело на укинувањето, на ликвидацијата на вишокот прашања и вишокот смисла. Во таа ужасно напорна работа на ликвидација на мислата во Македонија учествувала една огромна смотра културни работници и случајни луѓе (да повториме, вкупната бројка на директни кодоши во годините меѓу 1950-1990 се проценува меѓу 12.000 и 40.000 луѓе). Во Македонија за наведениот период има околу 1000 луѓе што биле гонети и затворани во име на самостојна Македонија, а 200 од нив биле осудени на смрт или на 15-годишен затвор.

Значи пред "Резолуцијата за осуда на комунистичката идеологија и доктрина" на Советот на Европа бр. 1481 од 2006 година, и особено пред да излезат текстовите на Ивица Боцевски "Соочување со сеништата на минатото" и на Никола Гелевски "Светот на соништата и успаните" во Утрински весник во јануари 2006, јас не успевав сосема јасно приказната на татко ми да ја врзам со комунистичкиот систем, иако таа несомнено има и такви димензии. Нивните текстови всушност ми помогнаа оваа приказна да ја видам и така. Сепак, како што посочија и наведените автори, а како што покажуваат и студиите за политичките затвореници во Македонија, кај нас дисидентството помалку е идеолошко, а повеќе национално, што не значи дека тоа секогаш се исклучува едно со друго. Дебатата за вредносите и заблудите на комунистичкиот систем, која во моментов е актуелна не само во Европа, туку и во Македонија, мора да се прекрши и преку анализата на нашите политички досиеа. Тоа е нужен услов за одење понатаму. Во тоа соочување со минатото, ние во Македонија ќе здогледаме поглед врз нашата најблиска историја кој нема да биде нималку привлечен. Ќе видиме "Сталини во душите" на оние што ја граделе оваа култура. Ќе се соочиме со коренот на перманентната, суптилна и перфидна цензура што траела со децении, а што оставила многу пострашни последници од директната политичка цензура.

Забраната била вршена преку движења на заканата, а не како директен конфликт. Системот генерално го забранува само она што може да ги промени умовите на луѓето, значи кај нас реално не се забранувале (дури ниту) делата, туку се забранувале луѓето кои можеби имале сила да создадат такви дела, се забранувала нивната мисла пред таа да стане дело. Во земја во која начелно сите биле слободни, никој не се осмелил да напише ништо навистина слободно. Како, во македонската верзија на комунизмот да не постоела дури ниту минимална потреба од провокација на системот. Системот не морал да ја сфати сериозно мислата (што е суштината на секоја "здрава" цензура), затоа што тој (веќе) сериозно ја сфатил потенцијалната сила на мислата, и ја демнел на секаков начин, а каде што можел – и физички ја укинувал.








ОТВОРАЊЕ НА АРХИВИТЕ


Дали би гладувал, би плачел, би се тепал?
Дали би се кинел себеси, дали би пиел оцет?
Би јадел крокодили? Гледаш, јас би…

Шекспир


Значи, состојбата е таква каква што е. Според мене, излезот од оваа фактичка парализа на мислата, од оваа фактичка блокада на македонската писателска сцена во моментов, мора да почне од една конкретна точка, а тоа е барање за целосно отворање на архивите на нашиот поранешен систем и создавање општа транспарентност за сите над 14.000 полициски досиеа. За разлика од другите комунистички земји, каде веќе по падот на режимите, во Архивите влегоа некои нови "деца" и направија попис и опис на се’ што најдоа во нив, кај нас од 1990 па се’ до денес (2006) со полициските архиви останаа да управуваат луѓето од истите полициски номенклатури. Тие, реално, имаа време сосема да ги префабрикуваат сите досиеа и од нив да направат раскази. И не е исклучено дека, на пр. 20% од сите досиеа се сосема исфабрикувани приказни. Но, тие 80% … - нив заслужуваме да ги знаеме.

Во февруари 2006 во "Фокус" излезе истражувањето на Блаже Минески за пристапноста на досиеата од периодот 1945-1990. Во 2002 година во Државниот Архив на Република Македонија се дадени на чување над 14.000 лични досиеа на Службите за државна безбедност. На 5 јули 2000 година е донесен "Законот за постапување со досеиа за лица водени од Службата за државна безбедност". Според член 21 од тој Закон, овој Закон важел само една година. То ест влегол "на сила осмиот ден од објавување во 'Службениот весник на РМ', а ќе се применува една година од денот на влегување во сила." Но, овој закон е вграден во "Правилникот за користење на досиеата во Архивот" донесен на 1 јануари 2003 година.

А Правилникот има еден нов елемент, што го нема во веќе неважечкиот Закон. Имено, лицето што сака да го види своето досие, освен фотокопија од лична карта, мора да достави и "изјава заверена кај нотар дека "под целосна материјална и кривична одговорност лицето што има увид во досието нема да пренесува лични податоци за други физички лица што се наоѓаат во неговото лично досие'". Тоа значи дека "Правилникот за користење на досиеата во Архивот" е уште попроблематичен дури и од веќе неважечкиот Закон, затоа што во Законот не постои член со кој се бара потпишување изјава пред нотар.

Со зборовите на Блаже Миневски: "Кодошот има углед, а жртвата не само што нема углед, туку не смее ниту да помисли да го посочи јавно лицето што му го уништило угледот или, можеби, животот, воопшто… Значи, доколку жртвата го објави името на џелатот, државата ќе му помогне на џелатот неговата стара жртва повторно да биде жртва, а џелатот - џелат".

Затоа, останува релеватно прашањето: Како е можно, во 2006 година се’ уште во Македонија да е невозможно да се погледнат документи стари и по 60 години, без тој што ги погледнал и што ги направил транспарентни за јавноста, да не одговара пред законот? Да претпоставиме дека Службите за Државна безбедност навистина имаат разузнавачки информации кои, за доброто на сите нас, е важно да останат државна тајна. Но, зарем е можно сите над 14.000 досиеа да имаат таква тежина, што интегралното откривање на тие досиеа да е се’ ште ваков политички проблем?

Во февруари 2006 година бев во Државниот Архив на Република Македонија и побарав да го видам интегралното досие на татко ми (значи без пречкртаните делови), но одбивајќи да ја потпишам изјавата кај нотар. Од службеното лице што работи на овие досиеа ми беше речено дека таа заштита е потребна заради мојата безбедност и заради фактот дека може да настанат проблеми – на пр. со зборовите на работникот во Архивот "некој може да посака да убие некого". За мене ова е нелогично. Таа изјава не го штити тој што бил директна или индиректна жртва на системот, туку повторно го штити тој што кодошел. Освен тоа, главниот аргумент за нетранспарентноста е сосема нелогичен: жртвата може во осамата на собата во Архивот да види кој бил неговиот кодош, но со тоа сознание потоа треба да си оди дома, без можност од катарза.

Токму оваа политичка блокада за пристапност до досиеата, нив ги прави се’ уште фрустрирачка точка од нашето минато. Катарзата може да настане само кога јавноста морално ќе го осуди лицето кое кодошело, бидејќи во тој случај, јавноста на жртвата & го враќа она што еднаш и го одзела- правдината. Конечно, во земја со оваа историја на ужасни подземни градови од кодоши и ужасно блокирана идеја за макар провокација на поредокот, сосема е невозможно дека гордоста е категорија од која овие луѓе, кодишите на еден минат систем, ќе бидат смртно ранети. Тие ќе мора нешто да проголтаат, па нека голтнат по ѓаволите! Што се’ не се наголтале другите во нивно име?


Текстот за првпат, излезе во списанието „Маргина“ бр. 71, 2006, 133-173.

 

Post a Comment