Јасна Котеска: Јован Котески Досие 5622 (2006) 11/14

Јасна Котеска

ЈОВАН КОТЕСКИ: ДОСИЕ 5622 11/14

http://jovankoteski.blogspot.com/


11. Потрага по "патолошкиот" вишок смисла (или: за исконската вина)


Не, рече сликарот, нити ја видов фигурата, ни таа фотелја,
се’ е тоа измислено, но наредено ми е така да сликам.

Кафка


Според разни извори во Македонија во годините меѓу 1960-1990 освен со фактичките полицајци во активна служба, структурите за набљудување на "сомнителните" лица биле хранети и од 12.000 до 40.000 доушници кои во наведениот период работеле за Службите за државна безбедност. Тие оперираат и меѓу македонските културни работници (пораво се дел од нив). Тие се не само носители на системот, туку и носители на вистината.

Како биле коптирани овие шпуни? Во досието на татко ми од октомври 1985 година има една ваква реченица, напишана од оперативното лице, а се однесува на информаторот и неговиот профил: со изворот разговарам првпат, истата до сега не сум ја познавал, а кај мене дошла по препорака од еден мој пријател од гратско собрание. Од јули 1987 година, значи по излегувањето на татко ми од затвор, има "Службена белешка за примопредавање на предмет во оперативна обработка", каде стои дека ПОО Интимист останува интерес за СДБ, обработката да биде линиска, а да се обрне внимание на селективните лица од културните средини кои ќе послужат за обработка со СДБ.

Значи, што сакаат да дознаат овие кодоши, па и по цена на физичка ликвидација на следениот? Што е нивното крајно уточиште, која вистина очекуваат да ја најдат? Според централизираното и непрекинато бележење на кое се засновал системот на контрола, јасно е дека нивната задача е да бележат се’ што (лично) ќе проценат како патолошко. Секој вишок смисла е патолошки. Кога некој има плата, а се’ уште се жали на општествениот поредок - тој е патолошки случај. Односот на секој поет кон својот "вишок смисла" исто така мора да мине низ инстанците на власта.

Кога татко ми е затворен, настапува цела серија на (траги-)"комични" ситуации. Моето најтесно семејство и моите роднини неколку дена не може да го најдат татко ми, кој, дента кога е уапсен, едноставно исчезнува од лицето на земјата. Кога конечно дознаваат дека е во истражен затвор, во неколку дена по телефон моите роднини си разменуваат бескрајно множество на можни претпоставки, зошто татко ми е уапсен. Службите на СДБ, според прислушкуваните телефонски разговори од досието на татко ми, се алармирани за секоја една од нив. Еве некои од тие вишоци претпоставки (под Х ги ставам сите мои роднини, ќе ми дозволите да ги заштитам, кога ионака, веќе со децении биле изложени на севидливост):

3 септември 1985:
Х: За шумата ли е?
Х: Не знам, ништо не ми рекоа.
Х: Кој број има Х (роднина)?
Х: Не знам кој број има.
Х: А овие од Лисиче? (во Лисиче живееа во тоа време тројцата мои братучеди, моја заб).
Х: Не знам, никогаш со нив не сум зборувала.

Забелешката на инспекторот под овој разговор е чкртната, но зборот Лисиче и шумата се подвлечени.

3 септември 1985:
Х: Сигурно е за шумата.

3 септември 1985:
Х (полицаец-роднина): Криво ми е што не ме послуша никогаш. Јас толку пати го опоменував да не зборува пред секој, сум му кажувал дека нашите и по кафеаните одат да слушаат такви разговори, од тука леб вадат.

4 септември 1985:
Х: Мора да е нешто во врска со Струшките вечери. Сигурно има претерано и во зборувањето и во пиењето …. (Треба) убаво да им објасниш дека човекот бил испровоциран и нервозен, дека дрвата му ги исекле итн.

12 ноември 1985:
Х: Кога останавме сами ми вели: мене Јонче ми е куќен пријател од 1954. Инаку тој е правник од Кавадарци, заменик јавен обвинител. Ако го обвинат Јонче за нешто тој е само една лира во поезијата – ниту сторил, ниту може да стори нешто!

Забелешка за инспекторот: …(нечитко) за да ги елимираме овие сплетки… (нечитко)… Што можат да (нечитко) прават? Кој е зам. обвинителот?"

3 ноември 1985:
Х: Сакав само да ти кажам поздрав од докторот… рече најмногу за него е заинтересиран Х".

Забелешка на инспекторот го "открива" идентитетот на "докторот". По се’, тој е гинеколог во (нечитко)….

И така натаму. Значи, Службите за државна безбедност, кои по затворањето на татко ми ги следат сите "потреси" во неговото семејство, имаат полни раце "нови докази" за неговата суштинска вина пред Системот, а тие докази се, на пример: шумата, исечените дрва, докторот –гинекологот (?), заменикот јавен обвинител, потоа што точно татко ми зборувал и кажал на Струшките вечери на поезијата, Лисиче како претпоставено превдо-утописко упориште на отпорот… Сите овие атрибути, локации, состојби, имиња, немање од имиња, јасни и нејасни позиции се вишок. А вишокот е проблем.

Откако власта ќе констатира вишок, таа пристапува кон "дезинфицирање" на домот. Тоа дезинфицирање се одвива преку забележување и алармирање и околу најситните апсурности. Тие "апсурдности", значи тие "вишоци" информации и смисла, тие "патологии" на збунетите роднини сигурно внеле дополнителни недоразбирања во службите на ДБ и вработување на уште една армија информатори.

Во досието на татко ми од 26 јуни 1987 година има документ според кој, кога од хрватскиот ПЕН центар доаѓа иницијативата за ослободување на татко ми, оперативците на теренот забележале дека се појавува тенденција Ј. Котески да биде доживеан како репресиран писател, поради што инспекторот е: на мислење сме да на истиот се одложи рокот на ослободување, односно избегне можноста истиот да присуствува на овогодишните Струшки вечери на поезијата.

На 27 јули 1987 има белешка во која е прислушкуван телефонскиот разговор на татко ми со некое лице. Тоа е првиот разговор на татко ми по неговото излегување од затвор, по експресното ослободување.
Х: Како си?
Татко ми: Нема грешка.

Но, гледате, суштината на целото устројство на системот е дека таму се’ е грешка. Грешка на една полициска држава. Кога татко ми излегува од затвор има документ кој се вика "ПЛАН на мерки и активности за обработка на ПОО Интимист во текот на 1987", а датира од 26 јануари 1987 година. На две страници има детални стратегии за негово повторно следење, разобличување на неговите интереси, проверка на сите лица што ќе стапат во контакт со него, планирање мерки и активности за обработака на интересите, коментарите, искажувањата на лицата што ќе стапат во контакт со него, а (како што стои во овој план): во зависност од потребите ќе бидат применети и мерките (чкратнато со фломастер)! Оваа реченица доаѓа, откако сите мерки, вклучително и мерката прислушкување и следење, веќе е исполнета… Неколку дена откако татко ми е ослободен во јули 1987 има оперативната забелешка на инспекторот: Ј. Котевски останува доследен во неискреноста и лагата. Остава впечаток дека и верува во истата. Објективно, оваа состојба му е еднакво сложена како и онаа кога беше во затвор. Треба максималнио да се следи неговата активност и врзување со одредеи луѓе затоа што сега е спремен да се поврзе со секого.

Апсурноста на системот се состои неможноста од излез. Татко ми е цел живот веќе максимално следен, веќе невин одлежал речиси двегодишна затворска казна, излегол од затвор, според судските стандарди е слободен.

Но сега, според податоците од досието, фрапантно, тој е понеслободен од кога било досега! Сега започнува дуплирање и одново оцврснување на следењето. Според документот на П. Матвеевиќ јасно е дека за татко ми не било дозволено судење со присуство на јавноста. Татко ми со денови се наоѓа во истражен затвор, а транскрипциите од разговорите на членовите на моето семејство со роднините покажуваат дека тие не може да лоцираат каде е тактко ми, во кој затвор, со денови шпекулураат зошто е затоврен. Во текот на процесот не е дадена можност за никакво вештачење. Не е понуден ниеден доказ за неговата вина. Но, за овој систем сето тоа не е потребно. Затоа што е јасно. Конечната причина заради којашто тој оди во затвор е точно таа дека тој оди во затвор, затоа што е следен, затоа што е прислушкуван во тек на долги децениии. Работата е во тоа дека за оваа машинерија вие сте исконски виновен и таа машинерија мора да продолжи да ја докажува смислата на своето постоење.

Текстот за првпат, излезе во списанието „Маргина“ бр. 71, 2006, 133-173.

 

0 comments:

Post a Comment

Post a Comment